„Непотребно малтретирање“ - скопјани ги менуваат договорите за парното

Пунктот за парно во Центар

Граѓаните се револтирани што мора да чекаат на шалтери за да да ги сменат договорите за парното, откако ЕСМ го презема од БЕГ. Од ЕСМ најавуваат „соодветен рок“ за промена на договорите, и велат дека во меѓувреме ќе испорачуваат греење.

Обврската за промена на договорите од БЕГ на ЕСМ, лично на шалтер за сите што се греат на градско парно, налути многумина. Ова дојде откако ЕСМ ги доби лиценците за да ги топли скопјани, коишто пак пред неколку месеци му беа одземени на БЕГ бидејќи минатата зима не успеа да обезбеди гас за греење.

Претпладнево на пунктот во Центар немаше гужва, ама сите не завршија работа.

Меѓу нив беше и пензионерот Јовица Тодоровски, кој како што редовно си ги плаќа сметките, се обиде оваа обврска да ја заврши уште првиот ден, пред да почнат гужвите. Ама безуспешно, бидејќи станот во којшто живее е на име на неговата болна мајка.

„Еве го имотниот лист на мајка ми дека е станот, еве лична карта. Жената е дома не можам да ја донесам преку 90 и кусур години е. Полномоштво треба да вадам, или да ја донесам неа овде на носилка“, крева раце Тодоровски.

Работа претпладнево не заврши и Иванчо Мишев, исто така пензионер кој се обиде да ги избегне гужвите. Ама вината за тоа ја гледа во себе.

„Стално плаќам тука и дојдов тука да прашам дали е или не. Договорите се исти, само мора лична карта да носиш, само од БЕГ прават (префрлување) на ЕСМ , тоа е. Лично мора, јас еве личната карта ја заборавив, матичниот број (пробав) да им го кажам, ама не сакаат“, раскажува Мишев.

Обврската за промена на договорите се однесуваат на сите граѓани кои досега парно добиваа преку компанијата БЕГ ( Балкан Енерџи груп), односно околу 60 000 домаќинства. Тоа значи дека периодов кој следува исто толку сопственици на станови ќе треба да отидат на некој од трите пункта на БЕГ (во Центар, Аеродром и Тафталиџе), за да потпишат договор во којшто ќе пишува дека парното сега им го обезбедува ЕСМ.

Видете и ова: Парно од 15 октомври ќе има, но енергенси само до крајот на месецов

Многумина денеска беа збунети бидејќи на пунктовите уште стои БЕГ, a на контактот за грижа на корисници исто така се јавуваат од БЕГ. Kомпанијата ЕСМ лиценците за парното ги доби во петокот, на буквално ден пред почетокот на грејната сезона, а исто така ги презема и вработените и објектите на БЕГ.

Така, и покрај очекувањата за гужви, на влезот на пунктот во Центар стоеше работното исто како „и во времето“ на БЕГ, од понеделник до петок, од 8.30 до 16 часот, а сабота неработна. Од ЕСМ пак во соопштение до медиумите информираа дека пунктовите работат од понеделник до петок од 08 до 18 часот, а сабота од 9 до 13:30 часот.

Процедурата е релативно брза, ако сопственикот е дојден лично. Треба да донесе лична карта и стара сметка, да го види, потпише и предаде новиот договор. За оние што се исклучени од парно пак, на пунктот во Центар нѐ информираа дека оваа обврска нема да важи, бидејќи тие не добиваат фактури.

Сепак, за голем дел од граѓаните ова е „непотребно малтретирање“.

„Тие ги имаат од нас сите податоци ги имаат, ги преземаат од стариот произведувач на топлина. Само да не малтретираат да чекаме по шалтерите, нема врска, се е јасно“, вели Миле Стојковски кој е револтиран што деновиве иако треба да им парно, мора да вклучува дополнително греење во собите.

Оливера Анчева, го искористи денот кога е дојдена во Скопје за да ја заврши обврската.

„(Поминав )Супер, одлично, со лична карта само. Во моментов живеам на друго место, затоа дојдов првиот ден“, вели Анчева.

Работа брзо денеска заврши и пензионерката Елена Бакалова, ама очекува големи гужви.

„Замислете колку (луѓе) се над 80 години, неподвижни, со разни болести. Јас мислам дека треба да се реагира, тоа е комлицирање и малтретирање непотребно“, загрижена е Бакалова.

Нема конкретен рок за промена на договорите

Новиот носител на лиценцата, чие име во целост сега гласи - ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје, порачува дека испораката на топлина нема да биде прекината во перидот додека се менуваат договорите. Во однос на тоа колкав рок имаат граѓаните за ова, од ЕСМ најавуваат „соодветен временски период за регулирање на обврската“.

„Корисниците кои нема да ги склучат договорите по овој повик, ќе бидат контактирани од снабдувачот ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје, со цел да се изнајде термин соодветен за потрошувачите за склучување на договорот, со оглед на тоа што одредени корисници може да бидат отсутни во следниот период, или од различни лични, здравствени и други причини да не можат да се јават на пунктовите“, велат од компанијата.

Појаснуваат дека правно не е возможно преземање на постоечките договори со претходниот снабдувач, па затоа мора да се потпишуваат новите договори.

Утрово скопјани се разбудија со парно, ама до кога ќе бидат топли или млаки радијаторите ќе зависи од надворешните температури. Од компанијата информираат дека нема дефекти во топланите и дистрибутивната мрежа, ама затоа има повеќе интервенции за дефекти во домовите или на потстаниците во зградите.

Видете и ова: Топли ѕидови за пониски сметки за струја

Грејната сезона започна на 15 октомври, а треба да трае до средината на април, под исти услови како и досега. Тоа значи дека снабдувачот со парно ја гарантира температурата од 21 степен Целзиусов во домовите, а греењето ќе се испорачува во периодот од 06:00 до 22:00 часот.

Оваа грејна сезона се одвива во ек на енергетска криза, во период кога е прогласена кризна состојба за снабдувањето со парно во Скопје, активна до крајот на април, следната година. Ова практично и дозволува на владата сама да носи одлуки за греењето, како и да користи ресурси од јавни, но и приватни комании. Во кризна состојба, ако има проблем со испораката на греење или набавката на енергенси, можни се рестрикции. Во Уредбата која на почетокот на годинава ја донесе Владата, во периодот кога БЕГ снема гас за да ги грее скопјани, во кризна состојба е дозволено греењето да се намали за два часа дневно, а во деловните објекти и органи на државната и локалната власт да скрати за 30% потребната топлинска енергија.

Од лани досега, парното поскапе за скоро 30%.

Инаку ова не е прва промена на договорите. Ова веќе се правеше пред десетина години кога БЕГ го презема парното од Топлификација. Документи пред неколку години мораше да доставуваат на пунктовите на БЕГ и исклучените од парно, откако им беше укината обврската да плаќаат за парно иако се исклучени.

АД ЕСМ доби лиценцата за производство на топлинска енергија ја доби до 30 април 2023 година, доека лиценците за дистрибуција и снабдување на максималниот рок, 35 и 10 години.