На Скопје и воопшто на македонската културна сцена од 24 февруари оваа до истиот тој датум наредната 2023 година, во Галерија ОСТЕН, ќе и се случува проектот „Неочекуван дијалог – Рембрант и Јанкуловски“. Во негови рамки е поставена изложбата на која е прикажано едно дело од холандскиот сликар Рембрант, графиката „Портрет на Јан Аселин“ отпечатена во шест примероци во две варијанти, едната со штафелај, а другата со сета индикација на отстранетиот штафелај и две дела од македонскиот уметник Мице Јанкуловски од полиптихот „Форма А“ од 2019 година кој се состои од 16 слики, акрил на платно.
Проектот „Неочекуван дијалог“ претставува надградба на веќе воспоставената соработката меѓу ОСТЕН АРТ Скопје и Светската асоцијација на визуелни уметности и тој се состои од изложба на дела од награден уметник од страна на САВУ со едно дело од уметник чие име таа награда го носи. Во рамките на ОСТЕН БИЕНАЛЕ на цртеж Скопје 2020, уметникот МИЦКО (Мице Јанкуловски) беше добитник на Наградата РЕМБРАНТ – за извонредност во уметноста од страна на САВУ за 2020 год., па оттаму и името на проектот “Неочекуван дијалог – Рембрант и Јанкуловски“, вели Корнелија Коневска, извршна директорка на ОСТЕН АРТ.
И, по основната информација за проектот кој полека заживува и го изнудува вниманието на ликовната публика, се навраќаме најнапред на историјата и фактите за творештвото на овие уметници.
Рембрант Херменсон ван Рејн, е веројатно највлијателниот холандски сликар и еден од најголемите сликари во европската историја на уметноста. Тој бил умешен цртач и графичар. Неговите придонеси во уметноста се случиле во XVII век (златното време на холандското сликарство) кога Кралството го достигнало зенитот на својата моќ низ светот, нивното политичко влијание, наука, трговија и култура.
Покрај сликарската бравурозност, својот уметнички гениј Рембрант го изразувал и преку графиката, во техниките бакропис и сува игла. На оваа „мала“ уметност тој и дал вистинско уметничко достоинство. Неговите графики се доказ дека за големи дела не се потребни големи теми, а за големите уметнички содржини не е неопходен голем формат.
Според линеарноста, како што ќе забележат историчарите на уметноста, неговите графики „делуваат крајно сликарски“. Драматичноста на светлото и сенката ги опфаќа и реалните и мистичните поимања за таа космичка наметка врз човековиот живот. Заради неговото длабоко сочувствување со човековата ранлива природа, драматиката на библиските сцени и личните истражувања на еврејската популација во Амстердам, Рембрант често е нарекуван „големиот пророк на цивилизацијата“.
За неговите слики, цртежи и графиките се вели дека „сјаат со светлина и дека блескаат со деталите кои магично и драматично се лоцирани во утробата на големата сенка која ја следи онаа постојана тивка нишка на животната тага, независно дали се прикажува библиска тема, возраст или статус“.
Рембрант со врвно мајсторство ја прикажува психологијата на ликот во неговите слики и цртежи, или како што се вели, „ја слика самата душа на човекот, како и облеката и деталите, ентериерот и природата, библиските теми, светлото и сенката...“.
Големиот уметник уживал во собирање на различни видови хартија од целиот свет и сакал да експериментира со различните ефектите од нивните текстури. Кога ги печател графиките, тој често оставал превез од мастило на површината на отпечатокот за да го збогати тонот на сликата. Тоа го прави и со делото „Портрет на Јан Аселин“ од колекцијата на ОСТЕН Музејот на цртеж.
Од друга страна, Мицко Мице Јанкуловски е македонски творец кој својот креативен потенцијал го изразил во повеќе медиуми, почнувајќи од сликарството, цртежот, карикатурата, палиндромијата, анимацијата, заради што се препознава како мултимедијален уметник. Тој повеќе од 50 години твори во сликарството започнувајќи од Форма 1. (каде сликаше органски форми во неорганизирани системи и ги употреби речиси сите бои), продолжувајќи со Форма 2. (каде значително се доближи до формите од Форма 1. и истите ги разби сликајќи нивни детали на платна со големи димензии најчесто во две бои од кои едната е задолжително црна), за да дојде до Форма 3. (каде се ослободи од боите, но и од четките, па делата ги создава исклучиво со црна боја врз која интервенира со различни алатки за гребење).
Делата од оваа фаза на Јанкуловски се карактеризираат со: монохромност, модуларност, мултипликација и минимализам.
Најновото творештво на Јанкуловски е препознаено од меѓународната професионална јавност како извонредно и како резултат на тоа тој е добитник на повеќе награди како Награда за најдобар уметник (на Биеналето во Ларнака 2021), Наградата РЕМБРАНТ – за извонредност во уметноста (Награда на САВУ за 2020); Награда Ел Греко (АртТесалоники 2019); Награда Лоренцо Ил Мањифико – за животно остварување (Фиренца Биенале 2019); Гран При (Меѓународно Биенале за графика Варна 2017); Гран при (Светска галерија на карикатури Скопје 1997); Националната награда за придонес во културата „13 ноември“ (1985) и многу други...
Кон сево ова само уште и информацијата дека во текот на едногодишното траење на изложбата „Неочекуван дијалог – Рембрант и Јанкуловски“ ќе бидат организирани и други активности, за кои јавноста ќе биде дополнително известена, а најавена е и можноста поставката да биде прикажана и во други галерии и изложбени простори во земјава и во странство.