Која е причината за пожарот?
Обвинителството треба за почеток да ја утврди причината за настанувањето на пожарот. Едно до клучните прашања е колку луѓе биле присутни во модуларната болница за време на пожарот.
Според првичното соопштение на Министерството за здравство за време на избувнувањето на пожарот во девет часот навечер во модуларната ковид болница биле хоспитализирани 26 пациенти, од кои 14 загинале и 12 се безбедно евакуирани и во стабилна здравствена состојба.
Зошто во модуларниот ковид центар имало посетители?
Во тој период во болницата биле присутни и двајца лекари и четири медицински сестри. Засега непознато е колку од починатите се пациенти, а колку посетители на пациентите. Останува нејасно колку посетители имало во болницата во ноќните часови кога и во секоја друга болница е забрането присуство на лица кои не се хоспитализирани да бидат со пациенти.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Во сведоштво за Радио Слободна Европа Бајрам Селфулаи вели дека е жално тоа што поради недостиг на медицински персонал, пациентите се оставени без придружба или пак за нив се грижат нивните блиски.
„Во интерното одделение во кое има ковид пациенти, всушност роднините се тие коишто се грижат за болните. Во мојот случај, синот се грижи за болната мајка“, раскажува Селфулаи.
Тој е роднина на пациент болен од ковид 19 кој вчера не успеал да се смести во модуларната болница и го испратиле во интерното одделение.
Министерот за здравство Венко Филипче на прес конференцијата беше дециден дека во ковид-центрите и во инфективни одделение е строго забранета посета на хоспитализираните пациенти.
„Во однос на тоа колку придружници биле присутни во ковид болницата и како бил организиран тој процес, најпрво ќе направиме анализа која ќе почне утре (10-ти септември) , засега знаеме дека биле двајца во посета, но повторно ќе кажам дека ќе почекаме официјални податоци“, изјави вчера Филипче.
Тој вели дека се чека ДНК анализа за да се утврди дали меѓу починатите се и посетители во болницата.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе има задача да открие прекршување на протоколите и загрозување на здравјето на луѓето кои свесно влегувале во ковид центри каде што се лечат потешките клинички слики на заразени со коронавирусот. Тој додаде дека од лекарите од Тетово бил известен дека на посетителите им бил дозволен влез во ковид центарот само со сертификат за вакцинација.
Координаторот на ковид центарот во Тетово, д-р Гзим Нуредини, на денешната прес конференција изјави дека вработените се испитуваат дали имале роднини кои биле пациенти во модуларната болница, дали им биле во посета во работно време или надвор од работното време. По реакциите во јавноста зошто во објектот имало и други лица кои не биле пациенти, доктор Нуредини вели дека допрва ќе се разгледува тоа прашање.
Во дел од медиумите веќе се објави информација дека меѓу починатите е млада девојка која во ковид центарот се грижела за својата мајка заразена со коронавирусот. На социјалните мрежи беше објавена и информацијата дека меѓу починатите е и здравствен работник кој во периодот на пожарот бил пациент, односно хоспитализиран поради ковид-19. Станува збор за објава на приватната тетовска поликлинка Бамикор Медика во која се посочува дека во пожарот загинал нивниот вработен Ферди Шакири.
Министерот укажа дека починатите се на возраст од 29 до 79 години.
Дали во болницата имало систем за предупредување и спречување на пожар?
Крим техничарите и во текот на вчерашниот ден беа на терен во опожарената модуларна болница собирајќи докази. Од досега јавно соопштени информации останува неодговорено прашањето дали во болницата е вграден систем за детекција на чад, систем за гасење на пожар, и ако не е, зошто го нема.
Нуредини изрази и вчудовидување од тоа дека пожарот во модуларната болница траел многу кратко.
„Нам ни е чудно како може за само неколку минути да изгори целиот објект. Дури и суво дрво да е нема да изгори за три минути. Но, ние не сме експерти за тоа, затоа баравме јавен обвинител да направи увид. Не сакаме да го политизираме настанот, истрагата нека утврди како се случи и зошто изгоре толку брзо“, вели Нуредини.
На прашањата околу техничките спецификации на модуларната болница во Тетово, и останатите 18 идентични низ државата, министерот вчера не даде конкретен одговор. Тој постојано посочуваше дека прво ќе се чекаат одговорите што ќе ги даде истрагата, но сепак дел од одговорноста ја префрли и во раководството на тетовската болница.
Видете и ова: Филипче- од одговорност не бегам, но ќе чекам да заврши истрагата„При изградбата на болницата запазени се сите сторги стандарди и постапки. Како и на кој начин е одржувана и раководена болницата по примопредавањето треба истрагата да потврди“, рече тој.
Како модуларните ковид центри поминувале на технички прием, какви материјали биле користени?
За спецификациите односно документацијата околу јавната набавка за изградба на модуларните болници, Владата најави дека ќе ги сподели со јавноста, но Филипче на прес конференцијата посочи дека за тоа ќе побара дозвола од Обвинителството затоа што во тек е истрага.
Обвинителството за борба против организиран криминал испратило наредба до бирото за јавни набавки за доставување на документите за набавката на модуларните болници , дознава Телма.
Во јавноста се отворија дилеми околу безбедноста на модуларните болници и начинот на кој тие биле поставувани и го поминувале техничкиот прием. Дали по техничкиот прием на болниците биле поставувани електрична инсталација, довод на вода и сл.?
Тетовската градоначалничка Теута Арифи денеска изјави дека Општина Тетово нема издадено дозвола за градба на модуларната болница , затоа што немало законско потреба за такви објекти.
„Побарано е од нас достава на документи, сета документација е приложена, ковид модуларните болници се изградени врз основа на специјален закон по кој не било потребно ниту побарано општините која и да е, да издадат градежна дозвола за истите. Ни беше официјално побарано да имаме доток на вода и канализација само тоа беше наша обврска, без технички прием,“ изјави денекса Арифи.
Видете и ова: Најмалку 14 починати во пожарот во тетовскиот ковид центарСпоред објави во дел од медиумите повикувајќи се на извори од истрагата, истражниот тим работи на две патеки. Првата е поврзана со сомневањата дека пожарот бил предизвикан од боци со кислород што го прошириле огнот во синџир, а втората дека огнот може да е предизвикан од несоодветна електрична врска, односно од дефибрилатор. Во моментов, Обвинителството, како што јавува телевизија Алсат, не покрена сомневање за намерно подметнување пожар од човечки фактор.
Во кој дел од истрагата ќе бидат вклучени странски експерти и кога?
Стручни лица од странство со највисок степен на експертиза во истраги за пожари ќе помогнат да се утврдат причините за пожарот во ковид центарот во Тетово. Претседателот Стево Пендаровски најави дека странските тимови ќе пристигнат во земјава во наредбите 48 часа. Владата им препорача на стручните тимови на Министерството за внатрешни работи и на Министерството за здравство да се стават на максимално располагање на обвинителството во истражните постапки.