Ненаучената лекција од сообраќајната несреќа кај Ласкарци

Системските пропусти низ годиниве резултираат со катастофални последици во јавниот транспорт на патници, велат експертите кои ги консултираше РСЕ. Според нив, треба да има и морална одговорност за сообраќајната незгода на магистралниот пат „Струма“ во Бугарија?

Една од најголемите сообраќајни незгоди во патниот сообраќај во Европа во последните години е загинувањето на 46 луѓе во автобусот кој изгоре на македонскиот превозник и туристичка агенција „Беса Транс“. Пред повеќе од три години во сообраќајна незгода во автобус на „Дурмо Турс“ кај селото Ласкарци загинаа 16 луѓе и 38 беа тешко повредени.

Двете сообраќајни незгоди во кои загинаа над 60 луѓе ги извадија на површина системските пропусти во јавниот превоз како неисправни возила, нелиценцирани превозници и спрега меѓу фирмите превозници и фирмите за технички проверки на возила. Со последната сообраќајна незгода на бугарскиот магистрален пат „Струма“ се наметнува прашањето треба ли да има и морална одговорност за настаната незгода, но и за системските пропусти во транспортот на патници.

Морална одговорност треба да сносат најмалку тројца функционери

Видете и ова: Неодговорени прашања за автобуската несреќа во Бугарија

Поранешниот началник во министерството за внатрешни работи, Љубомир Ѓурчевски вели дека морална одговорност може да се лоцира во министерството за внатрешни работи, министерството за транспорт и Царина.

„Затоа што цариниците не смееле да дозволат овој автобус кој што немал меѓународна лиценца, а основите зошто немал ќе се видат во министерството за транспорт и врски, но факт е дека немал меѓународна лиценца за вршење на дејноста транспорт во патниот сообраќај. Тогаш се поставува прашањето кој го пропушти на царина, да излезе прво од Македонија. Затоа реков моралната одговорност мора да се сведе на овие три институции. Но, мислам дека ние како држава одамна сме расчистиле со моралната одговорност, моралната одговорност сме ја оставиле некаде во 12, или 13 век, мислам дека тешко дека некој ќе понесе морална одговорност“, изјави Ѓурчески.

Доволно е и одговорност да понесе помошникот министер во секторот каде што се издаваат такви лиценци, или пак директорот на сообраќајната инспекција затоа што тие пропуштиле како професионалци да преземат дејствија од кои има катастрофални последици, вели поранешниот полициски началник.

Инаку, во независна Македонија ретки се оставките поради морална одговорност. Во 1993 година тогашниот министер Антони Пешев си поднесе оставка по падот на два авиони. Во 2009 година, откако потона брод со бугарски туристи во Охридско Езеро, несреќа во која загинаа 15 луѓе, тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески понуди оставка од морални причини, но таа не беше прифатена од Груевски.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Студеничани во жалост и очекување на исходот од истрагата за автобуската несреќа

Системски пропусти во јавниот транспорт

Според Ѓурчески, една од причините за системските пропусти се корупцијата и институционалниот дуализам со кој се испреплетени надлежностите на министерствата за внатрешни работи и транспорт и врски, како инспекторатите кои се надлежни за контролниот механизам на транспортот на патници.

Сообраќајниот инженер од битолскиот универзитет Стоимко Златковски вели дека често во пракса се случува возилата во јавниот превоз да се недоволно технички исправни или без соодветна документација. Според него неопходна е почеста контрола на автобусите, но и на останатите возила во сообраќајот.

„Ова што го слушнав дека три автобуси биле на таа компанија со лиценца, а четвртиот бил така вклучен на диво. Не смее тоа да се случи. Тоа значи дека никој нему не му побарал дозвола, лиценца за тоа возило, дали смее или не смее да врши превоз. Тоа се чести појави и многу ги има. Ги следам контролите на полицијата, и гледам дека се откриваат 10 проценти од возачите без дозволи, со нерегистрирани возила, алкохолизирани. Потребни се многу чести контроли, и јас би рекол санкции што не е популарна мерка. Луѓето се осетливи кога ќе ги удрите по џеб“ вели Златковски.

Видете и ова: Роднините на жртвите без информации, „Беса транс“ затворена

Последна вест за сообраќајна контрола на јавни превозници датира од 30 август годинава според која за само пет часа полицијата открила 52 различни прекршоци кај комбиња, автобуси и такси возила кои вршеле превоз на патници на територијата на СВР Тетово, СВР Велес и СВР Штип. Експертите посочуваат дека контролите на превозниците треба да се засилат и да се применуваат стриктно актуелните законски прописи што се однесуваат за техничката исправност на возилата што вршат превоз на патници.

„Треба да имаат обврска да се вршат тековни, месечни и секодјневни прегледи на возилата. Контролорот наутро не смее да потпише патен налог ако возилото е без трепкач или без проверка на системот за стопирање. Се правеа такви контроли кога беше бивша Југославија, па фирмите беа државни, ама наутро секој автобус мораше да биде ставен под контрола, да го прегледаат и контролор да потпише дека е исправен. Денеска тоа е многу полиберте, многу послободно“ вели сообраќајниот инженер Златковски.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Златковски: Системските пропусти, главен проблем во сообраќајната безбедност

Според него, затајува внатрешната контрола и контролниот механизам врз транспортот на патници. И поранешниот началник Ѓурчевски се согласува со ставот дека е неопходно построга контрола на превозниците на патници во јавниот сообраќај.

„Мене ме загрижува состојбата и кај другите јавни превозници, возат со стари гуми, без техничка сигурност. На пример сега од 15 ноември задолжителна законска обврска е зимска опрема. Додека шетав денеска видов најмалку пет автобуси со летни гуми, што е недозволиво. Тие вршат градски јавен превоз. Затоа треба целосна контрола да се врши“, вели тој.

Видете и ова: На преживеаните во несреќата им се вршат операции и добиваат психолошка поддршка

Ѓурчески укажува дека во земјава постои и еден сериозен пропуст во потпишување на договори на дело со возачи кои се пензионирани, а на кои им се намалени рефлексите, нешто што влијае на нивната состојба да реагираат во отежнати сообраќани услови или возење навечер.

Ненаучената лекција од несреќата кај Ласкарци

Ненаучената лекција од сообраќајната незгода Лаксарци покажа дека сите институции одговорни за јавниот превоз на патници треба да ги претресат работите од корен за да ги елиминираат системските пропусти, сметаат експертите. Една од ненаучените лекции од таа незгода е неказнивоста, по после три години од сообраќајната незгода кај Ласкарци се уште нема судска завршница. До сега за овој предмет има првостепена пресуда, па жалби, па вештачење, па супер вештачења, па нејасни работи и неусогласеност на вештаци што ја обременува целата постапка. Тоа, според Ѓурчески, ја покажува комплетната неефикасност на државните институции во спроведување на законите и фер постапки за докажување на сторен криминал односно на криминал во кој се изгубени човечки животи.

„Со тоа се остави простор да и овие други трговски друштва кои што вршат јавен превоз на патници и туристички агенции се однесуваат небрежно и си земаат за право да не постапуваат по пропишани законски обврски кои треба да ги исполнуваат. Сега и во оваа ситуација зборуваме повторно за истите работи, за техничка исправност, за технички преглед на возилата, за коруптивни елементи кај државните институции, мислам на Царина и Полиција, за непочитување на лиценцниот систем кој го спроведува министерството за транспорт и врски. За пропусти и злоупотреби кои укажуваат на криминогени дејствија како што се информациите дека во автобусот незаконски се носеле и запаливи материи“ објаснува поранешниот полициски началник.

Денеска е втор ден на жалост во Македонија по вчерашната трагедија во Бугарија во која загинаа 45 луѓе поголемиот дел македонски државјани, а седуммина се повредени.