Волстрит Џурнал, повикувајќи се на неименувани американски службеници, објави дека Централната разузнавачка агенција (ЦИА) неодамна евакуирала разузнавач кој претрпел сериозни повреди идентични со невролошкиот напад, попознат како „Хавана синдром“.
Синдромот првпат беше пријавен во Куба во 2016 и 2017 година кога американски и канадски дипломати се пожалија на низа симптоми, почнувајќи од вртоглавица, губење рамнотежа, губење на слухот и вознемиреност.
Нов случај на „дипломатско“ заболување на Куба
Соединетите држави тогаш ја обвинија Куба за извршување „звучни напади“, што Хавана остро го негираше, а инцидентот доведе до зголемени тензии меѓу двете земји.
Видете и ова: Стејт департментот за „Хавана синдромот“ во Србија: Интензивно истражувамеВолстрит Џурнал во текстот од 28 септември наведе дека Србија е последна во серијата напади и дека претходните се случиле во Индија и Виетнам, како и дека администрацијата на претседателот Џо Бајден ја ставила потрагата по изворот на нападот на врвот на листата на приоритети.
Главната заменичка на портпаролот на Стејт департментот Џалина Портер изјави дека САД, во тесна координација со партнерите од американската влада, интензивно ги истражуваат извештаите за можни абнормални здравствени инциденти каде и да бидат пријавени.
Во објавата на веб-страницата на Стејт департментот, Портер наведе дека САД овие обвинувања ги сфаќаат „исклучително сериозно“. „Направивме сѐ што е можно за да се осигураме дека вработените кои ќе пријават некој од овие инциденти ќе добијат итно и соодветно внимание и грижа“, изјави таа.
Во поширока смисла, како што додаде, тие инциденти се врвен приоритет за секретарот Блинкен, кој исто така ѝ постави јасни цели на Работната група за одговор на здравствени инциденти.
Ја изгуби ли ЕУ битката со Кина и Русија за Балканот?
Радио Слободна Европа им се обрати на Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи, Агенцијата за безбедност и Владата на Србија со прашање дали споменатите институции имаат информации за овој случај и дали се во контакт со надлежните институции на САД. Ниту една институција не одговори на истрагата на РСЕ.
Што е тоа „Хавана синдром“?
Во извештајот на Американската национална академија на науките од декември 2020 година се наведува дека „насочена“ микробранова радијација е најверојатно причина за болеста на американските дипломати во Куба, Кина, Русија и други земји.
Студијата, нарачана од Стејт департментот, покажа дека насочена микробранова радијација може да ги објасни симптомите што вклучуваат интензивен притисок во главата, вртоглавица и когнитивни тешкотии и се разликува од другите, претходно разгледувани причини како тропски болести или психолошки проблеми.
Пред извештајот, дваесетина Американци поврзани со американската амбасада во Куба на крајот на 2016 година, како и канадски дипломати и вработени во американскиот конзулат во Гуангжу во Кина, имале здравствени ефекти.
Видете и ова: Лавров: односите меѓу Русија и САД се полоши отколку за време на Студената војна19-члениот одбор што работеше на студијата, исто така, соопшти дека се соочил со значителни предизвици, обидувајќи се да ја доведе оваа медицинска мистерија до крај.
Нивниот извештај, како што пренесе новинската агенција АП, не ги наведува изворите на енергија, иако е забележано дека претходните истражувања за тој тип на повреди биле направени во поранешниот Советски Сојуз. Во минатата година, претставници на ЦИА пријавија голем број нови инциденти во Европа и Азија.
Неименуван извор потврди за Ен-Би-Си Њуз во декември лани дека ЦИА, користејќи податоци за локација на мобилни телефони, открила дека некои руски разузнавачи кои работеле на програми за микробраново оружје биле во истите градови во исто време кога офицерите на ЦИА имале мистериозни симптоми.
Одговарајќи на извештајот од Националната академија на науките, Стејт департментот тогаш нагласи дека „секоја можна причина останува шпекулативна“ и дека истрагата, која сега е стара три години, сѐ уште е „во тек“.
САД го кратат персоналот во амбасадата во Куба поради „специфични напади“
Шефот на ЦИА Вилијам Барнс на 23 јули рече дека околу 100 членови на таа американска агенција и членовите на нивните семејства се меѓу 200-те американски вработени кои страдаат од „Хавана синдром“.
„Постои многу голема можност дека синдромот е намерно предизвикан и оти Русија може да биде одговорна“, рече Барнс, додавајќи дека конечните заклучоци ќе ги даде истрагата кога ќе заврши.
Од друга страна, Москва негира вмешаност.
Неколку дена претходно, светските медиуми објавија дека американската влада истражува серија здравствени инциденти и во Виена во кои биле вклучени нејзини дипломати и друг персонал на администрацијата.
Во извештајот се посочува дека пријавените симптоми се слични на „синдромот Хавана“. Како што е објаснето, откако претседателот Џо Бајден ја презеде функцијата во јануари, повеќе од 20 претставници на американската дипломатија во главниот град на Австрија пријавиле симптоми.
Случаите во Виена првпат излегоа на виделина на 16 јули во списанието „Њујоркер“, а подоцна беа потврдени од американскиот Стејт департмент. Ројтерс исто така објави дека австриските власти ги истражуваат наводите.
„Ги сфаќаме овие извештаи многу сериозно и, во согласност со нашата улога како земја домаќин, работиме со американските власти на заедничко решение“, се вели во соопштението на австриското Министерство за надворешни работи.