Нема странски инвестиции без правна држава

Архивска фотографија: Отворање на фабрика за производство на фотоволтаични соларни модули и фотоволтаични термални модули

Никој не е будала да инвестира во време на криза. Сите чекаат разврска, велат бизнисмените. Странските инвестиции во првиот квартал годинава се осум пати пониски отколку во истиот период лани.

Проблемите во правосудниот систем и немањето владеење на правото се главна пречка за странски инвестиции. По минатата добра година кога во земјава влегоа над 624 милиони евра странски директни инвестиции, во првиот квартал од годинава има само 29,7 милиони евра, што е најслабо прво тримесечје од 2010 година. Во првиот квартал минатата година во земјава влегле 235 милиони евра, односно осум пати повеќеотколку во истиот период годинава. Во владата, пак, велат дека состојбата воопшто не е лоша, зашто директните инвестициски трошоци на странските компании во првиот квартал се 78,8 милиона евра, што е најмногу во изминатата деценија и неколку пати повеќе од просекот од изминатата деценија. Исто така има ненаплатени стоки од 170 милиони евра, велат во владата.

Земјава лани беше „доброто момче“ на Балканот, решавањето на споровите со Бугарија и со Грција, поканата за НАТО и откочувањето на евроинтеграциите го зголемија оптимизмот дека состојбите во Македонија се средуваат, велат бизнисмените. По решавањето на надворешните проблеми, работата запна со „домашната задача“. Реформите во судството се во ќорсокак, има проблеми со донесувањето на новиот Закон за јавно обвинителство, а последната афера Рекет само ја доурниса и онака ниската доверба во правосудниот систем.

Видете и ова: По Тупурковски и Груевски, и Заев најави милијарди евра за инвестиции

Миле Бошков од Бизнис-конфедерацијата на Македонија вели дека политичките случувања не им даваат голема сигурност на инвеститорите кои очекувале правна држава и правна сигурност.

„Бизнисот, како и берзите, се базира врз добри информации и сигурна економска почва. Нормално, таа почва постојано треба да биде „наводнувана“ со добри политики. Кај нас во моментов политиките можеби се добри, но политичката состојба не е добра“, вели тој.

Бизнисменот Мирче Чекреџи вели дека ситуацијата во правосудството, односно владеењето на правото многу влијае на странските, но и на домашните инвестиции.

„Владеењето на правото е еден од основните елементи во економијата. Вие мора претходно да имате правна држава, а потоа да развивате економија. Ситуација во правосудството кај нас продуцира перманентна политичка криза. Кој будала инвестира во политичка криза? Дали е странец или домашен, сите чекаат разврска на ситуацијата“, вели Чекреџи.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, пак, по објавувањето на податоците за странските инвестиции во првиот квартал, рече дека јавноста непотребно се вознемирува, зашто во моментов се прават околу 25 фабрики во Македонија.

„Зошто вкупната бројка е помала? Тоа е само поради тоа што оваа година имаме една специфична ситуација, каде што имаме големи средства на компании коишто испорачале производи од нашата држава, а не ги наплатиле, главно тоа се од нивните мајки фирми и таа ставка оваа година изнесува 171 милиони евра во првиот квартал. Ако овие 171 милиони евра се додадат на овие 21,6 милиони евра, тоа од прилика би била реалната ситуација, бидејќи тие 171 милиони евра ќе бидат наплатени“, рече тогаш Анѓушев.

Во неодамнешниот извештај на американскиот Стејт департмент се наведува дека Македонија има закони за справување со поткуп, за злоупотреба на службена положба, конфликт на интереси каде владини службеници и нивните блиски роднини се законски обврзани да ги обелоденат своите приходи и средства.

„Сепак спроведувањето на антикорупцките закони е слабо но и селективно. Има веродостојни обовнувања за корупција во спроведување на законите, судството, но и во многу други сектори“, се наведува во извештајот.

Во извештајот се наведува дека, според бизнисмените во Македонија, корупцијата е проблем кај владините тендери и кај судството.

Од високото трето место во 2016, оваа година Македонија се најде на 18 место на ранг листата на Фајненшл тамјс според атрактивноста застрански гринфилд инвестиции. На првите две места се Србија и Црна Гора, па потоа следуваат Камбоџа, Литванија и Малта.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски неодамна обвини дека „доколку се продолжи со ваквата политика на бркање на странските инвеститори, сите странски инвеститори ќе ја заобиколат Македонија“, а земјава ќе ја напуштаат и домашните инвеститори.