Нема серум против беснило, доцнат тендерите

Илустрација

Од Инфективната клиника велат дека во цела држава нема серум против беснило поради проблеми со тендерите. Повеќе од 40 години нема регистрирано случај на беснило, но сепак, лекарите предупредуваат дека државата мора да располага со одредени количини од серумот ако се појави потреба.

Серум против беснило нема повеќе од една година во државата. Од Клиниката за инфективни болести во Скопје велат дека причината се проблеми во тендерските процедури за набавка, кои се во надлежност на Министерството за здравство. Поради тоа веќе подолг период трае застојот во набавката.

При секое каснување или гребнување од страна на животно, неопходна е консултација со лекар за да се провери дали станува збор за присуство на беснило.

Директорката на Инфективна клиника, д-р Милена Стевановиќ вели сепак серумот против беснило не се дава по автоматизам во секој случај и дека не е неопходно да се даде за беснило по каснување од куче, било да се кучиња скитници или миленици. Дополнително, вели, во државава во изминативе повеќе од 40 години нема регистрирано беснило, но признава дека одредени количини мора да имаат на располагање.

„Генерално се обработуваат антитетанично раните, затоа што во државата преку 40 години и повеќе нема беснило, а и се врши редовна профилакса на животните, вакцинирање на дивите животни што ја држи под контрола ситуацијата, но сепак тоа не е оправдување да се нема вакцина, во секој случај мора да се има количина на вакцини“, вели д-р Стевановиќ.

Видете и ова: Волци, мечки и лавчиња - егзотични незаконски миленичиња во Македонија

Серумот го нема ниту во Градската општа болница „8 септември“ од каде исто така потврдија дека количините им се потрошени. Директорот Христијан Костов вели дека во тек е тендер за набака на нови вакцини.

„Тендерот е во тек, за две недели очекуваме пристигнување на нови 120 количини“, вели д-р Костов.

Граѓаните безуспешно во потрага по серум

Скопјанката Радмила за РСЕ раскажува дека со денови „трча“ од една во друга болница во потрага по серум против беснило откако била изгребана и касната од улична мачка, по што добила подлабоки рани. Од инфективната клиника вели дека била пратена во градската општа болница „Осми септември“, но и таму добила одговор дека серум нема.

„Откако серумот за тетанус сама си го платив на приватно, требаше и против беснило, но ми рекоа дека со години нема лек за беснило и ми рекоа дека треба да одам во Министерството за здравство и таму да поднесам барање, па барањето да се разгледа 15 дена, па ако сум посебен случај да ми дадат инекција“, вели Радмила.

Револтирана е што постојано ја препраќаат од една во друга установа, а никаде во државата не може да се најде ваков серум.

„Значи човек ако не дај боже го касне нешто што може да предизвика беснило, нашава држава нема серум“, вели таа.

Дали и колку е опасно?

Игор Велевски, доктор по ветеринарна медицина објаснува дека беснилото не се шири брзо како други зарази, иако од време на време може да се јави. Но, сепак дециден е дека државата не смее да си дозволи да нема ваков серум.

„Не е експлозивна зараза, се јавува од време на време. Во последниве повеќе од 20 години немаме регистрирано беснило кај животно, меѓутоа држава како држава обавезно мора да има серум, значи закон мора да има, затоа што е стопроцентно смртно. Имате луѓе, на пример овчари кои што одат по планини кои што можат да се најдат во таква стиауција“, вели д-р Велевски.

Беснилото е смртоносно заболување кај животните (цицачите) и човекот предизвикано од вирус кој го напаѓа нервниот систем. Вирусот се наоѓа во плунката на заболените животни и се пренесува на луѓето и животните преку каснување, гребење или лижење од болно животно.

Видете и ова: Дали „Лајка“ ќе ги спаси кучињата скитници во Скопје?

„Беснилото ако нема контакт со плунката од бесното животно или рана значи директна крв на другото здраво животно или човек, беснилото не може да се префати. Вирусот на беснило доколку се наоѓа во крвта нема да ви предизвика болест, затоа што патува преку периферни нерви до мозокот, а не преку крв, односно преку рана, тука има голем број на нервни завршетоци, затоа во тие 24 часа се дава серум односно готови антитела кои што ќе го блокираат вирусот и нема да влезе во нервното влакно, а ако влезе тогаш ништо не може да го неутрализира“, додава д-р Игор.

Вели дека постојан резервоар на вирусно беснило се дивите животни и лијлаците, кај нас лилјаци такви нема, но од диви животни можно е да се јави некогаш спорадично. Најважна вели е и свеста на сопствениците на животни за важноста од редовното вакцинирање против беснило, што е и законска должност.

„Ако куче на пример изгреба дете, и да нема беснило, што практично и не е возможно да има беснило, и ако родителите го однесат во болница, лекарот прво што прашува е кое е животното и ако има газда да донесете документ дека тоа е вакцинирано“, објаснува д-р Игор.

Обврската за вакцинација настапува со навршување тримесечна старост на кучето или мачката и се повторува во интервал од една година до крај на животот на миленикот. Неисполнувањето на обврската за вакцинација е казнива согласно Закон, а носи сериозни здравствени ризици по човечкото здравје и живот.

Од министерството за здравство не добивме одговор каде е проблемот и зошто држвата веќе цела година има недостиг од серум против беснило.