Нема решение за проблемот со паркингот на Клинички

Клинички центар „Мајка Тереза“

Хаосот, гужвите, редиците и обидите да се најде слободно место на паркингот на Клинички е долгогодишен проблем во најголемиот медицински центар во земјава. Иако низ годините беа најавувани катни гаражи, на терен засега само импровизации и делумни решенија.

Колони возила, свирежи и нервозни граѓани, ваква е сликата со години наназад во најголемиот Kлинички центар во земјава, поради проблемот со паркирањето.

Да се најде слободно паркинг место во кампусот клиники е вистинска среќа.

Некои од граѓаните кружат и по еден час додека да паркираат, истовремено брзајќи да стигнат навреме на закажаниот термин кај докторот.

„Еве нема место, нема слободно место, само кружиме откога влеговме. Едно 15-тина минути баравме, ние се симнавме од автомобилот, момчето го оставивме да продолжи да бара, за ние да побрзаме да однесеме документите во болница.“

Проблеми уште при влезот на Клинички центар

„Недостасуваат повеќе паркинг места.“

„На Македонија повеќе од потребно и е нов Клинички центар, затоа што ние се гушиме овде особено тие што доаѓаме од страна, проблемот не е плаќањето, туку влегувањето и излегувањето.“

„Душата ќе ти излезе додека да излезеш од паркингот. Повеќе време ви треба да излезете од паркингот отколку да завршите работа внатре во клиниките. Потребни се речиси двојно повеќе места од овие што се на располагање сега“, велат граѓани кои ги затекнавме во кампусот на Клиничкиот центар.

Влез во кругот на Клинички Центар „Мајка Тереза“, редици и сообраќаен метеж

Паркингот на Клиничкиот центар располага со вкупно 1.000 паркинг места, а само во еден ден влегуваат околу 5.000 возила, вклучувајќи ги и возилата на вработените во центарот.

Со паркингот на Клинички стопанисува ЈП „Градски паркинзи“.

Директорот на претпријатието, Бојан Христовски вели дека единствено долгорочно решение е да се изгради монтажна гаража кај Инфективната клиника, која ќе обезебеди повеќе паркинг места и ќе го олесни протокот на возила.

Но, иако уште од лани ја најави монтажната гаража, до денеска на терен нема ништо освен импровизирани паркинг места.

Колони возила низ Клинички Центар Мајка Тереза

Христовски објаснува дека во декември завршува 10 годишниот договор со Министерството за здравство за стопанисување со паркингот на Клинички, па затоа чекаат да заврши договорот и да видат дали ќе се потпише нов, за да почнат да ја градат монтажната гаража.

„Не би било логично да се инвестираат огромни средства за изградба на монтажна гаража на паркинг кој што го стопанисува ЈП „Градски Паркинг“ односно Град Скопје, а договорот за стопанисување завршува за само неколку месеци. Доколку се даде можност на Градот и ЈП „Градски Паркинг“ повторно да го стопанисува тоа паркиралиште, тогаш ќе се пристапи кон правење на анализи и студија за тоа каде и колкав паркинг би бил изграден во вертикала односно катна гаража“, вели директорот Христовски.

Некогаш повеќе време треба за да се најде паркинг, отколку прегледот кај лекар

Во меѓувреме за решавање на дел од овој проблем вели дека во план е да се постават уште два паркомати за да се намали гужвата пред касите и за процедурата на плаќање да оди побрзо.

„Морам да истакнам дека го имаме зголемено кадровиот капацитет на самото паркиралиште за воведување ред во паркирањето, обележани се паркинг места за лица со попреченост, отворен е втор шалтер за наплата на главната каса во Клиничкиот центар, се припрема инфраструктура за поставување на два нови паркомати со што вкупниот број на паркомати ќе биде четири и на истите ќе биде поставен постерминал за наплата и понатаму ќе продолжиме исто и со една стратегија за намалување на редот на чекање на клиничкиот центар со што ќе воведеме и припејд картички со коишто редовните корисници на тој паркинг без да чекаат наплата ќе може директно да влезат и излезат, а автоматски да им се пресмета колку средства ќе им бидат обезбедни, а истите тие ќе нудат и транзит бесплатен период на паркирање од околу 15 минути“, додава Христовски.

Треба време и нерви и за да се излезе од Клинички центар Мајка Тереза

Хаосот на паркингот на Клинички останува долгогодишен проблем, за кој и многу министри претходно ветуваа изградба на монтажни гаражи кои ќе требаше значително да го зголемат бројот на паркинг места, со оглед на тоа што скопскиот Клинички центар е медицински центар каде што се лекуваат граѓани од целата земја.