„Системот е паднат“- ова е оправдувањето кое го добила Теодора Цветковска, која како нова мајка неколкупати имала безуспешен обид за поднесе документи за породилно отсуство. Не знае дали ова е резултат на сајбер нападот во оваа институцијата, но е многу загрижена бидејќи со едномесечно бебе, парите што и следуваат за породилното и се многу важни.
За да биде маката поголема, бидејќи институциите го оддолжиле издавањето извод за бебето, поради паднат систем, не успеала за него да извади здравствено осигурување, па сега се оставени на добра волја на лекарите.
„Иако моето породилно боледување е започнато на 10 јануари, кога се породив, јас се уште немам поднесено документи за да може истото да ми се оствари и да почне да ми се исплаќа затоа што веќе неколку пати начекавме затворена врата пред ФЗОМ. Проблемот е што освен едно оскудно системот не работи, ќе видиме што ќе направиме, не добивме објаснување кога. И еве веќе е средина на февруари, а јас не знам кога ќе добијам решение и дали дури и наредниот месец ќе имам некакви примања за кои нели сум плаќала придонеси и сум работела и ми следува со закон“, појаснува младата мајка.
Информациите за сајбер нападот кои ги дава ФЗО се оскудни. Мејловите на портпаролите по сајбер нападот се нефункционални, па најавија дека комуникацијата со јавноста ќе се одвива главно преку соопштенија. Во последното е наведено дека функционалноста на системите постепено ќе се враќа во функција, процесот трае, ама техничките тимови работат.
„Приоритет е враќањето на функционалноста за исплатите на платите на здравствените работници во Јавните здравствени установи како и враќање на системите на исплата на боледувањата, породилното и рефундациите“, посочуваат од ФЗО.
Здравствените работници чекаат плата, лекарите ја враќаат хартијата
Но, како што појаснува Горан Беговиќ, претседател на Синдикатот на клинички центар, вработените веќе ги фаќа страв за тоа дали месецов ќе земат плата. Нервозата расте затоа што вообичаено платата ја добиваат до 10-ти, но сега доцни. Беговиќ потсетува дека утре е 15-ти, кога е краен рок за добивање плата, по што најавува преземање мерки. Засега, додава, немаат никакви информации од надлежните.
„Ред би било, барем да излезат со некое соопштение, да кажат што е проблемот, официјално да кажат до каде се работи на отстранување на тој проблем и за колку време ориентационо би бил решен за да знаат луѓето што чекаат“, револтиран е тој.
Видете и ова: Партизацијата и непотизмот ги бркаат лекарите од земјаваДобро во целата ситуација е што не е зафатен системот „Мој термин“ преку кој се закажуваат термини за прегледи и се издаваат рецепти, забележуваат матичните лекари. Како што вели, Лилија Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението на матични лекари, проблемот трае од почетокот на месецов. И досега се случувале помали прекини на системот, но никогаш толку долго.
„Се што е на порталот, едноставно не функционира тој дел. Фактурите за јануари не можат да ги пуштат колегите, за ортопедски помагала и комисиските решенија“, појаснува докторката.
Па затоа, додека да профункционира порталот, како преодно решение ќе треба лично да ги викаат пациентите за решенијата од комисиите, и да им издаваат хартиени наместо електронски потврди за ортопедските помала.
„Сите сакаме се електронски, ама треба да има опции кога нема портали, технички, софтверски проблеми, треба хартијата да биде опција два“, додава таа.
Според соопштенијата на ФЗО, место електронски, сега осигурениците можат да ги остваруваат правата преку Подрачните служби на Фондот, кои ќе ги примаат барањата. Велат дека денеска испратиле известување до сите јавни и приватни здравствени установи, со детални упатства за проверка на осигурениците преку Мој термин, за никму да не бде ускратено правото на здравствена заштита.
ФЗО тврди нема излевање податоци, ревизорите оценија - системот е небезбеден
Граѓаните стравуваат дека со хакерскиот напад во електронскиот систем на Фондот може да дојде и до излевање на нивните лични и доверливи податоци кои се однесуваат на нивното здравје.
Од ФЗО тврдат дека немало излевање податоци надвор од базите на институцијата, иако сајбер нападот се случува непосредно пред планираната миграција на системската инфраструктура, откако во ревизорскиот извештај од 2021 година им се забележало дека системот е несигурен.
Така ФЗО лани склучил договор за изнајмување приватен облак, за примарен и секундарен податочен центар во Фондот. Избраната компанија започнала со работа од 1 јануари годинава, а миграцијата на системската инфраструктура требало да се реализира во текот на минатата недела, кога всушност се случил нападот.
Видете и ова: Зачестените сајбер напади на државни сајтови го вклучуваат црвениот алармВо меѓувреме Државниот завод за ревизија го објави и новиот извештај за ФЗО за 2022 година, во кој се повторуваат голем дел од старите проблеми. Се забележува дека не се донесени ИТ стратегиите за развој на информацискиот систем, за заштита на податоците и за функционирање на системот по евентуални катастрофи. Посочуваат и дека презентираните ИТ политики и процедури за ИТ безбедност се од 2014 година и не се ажурирани, а ИТ секторот на ФЗО секторот има постојан одлив на вработени. Така, од вкупно предвидените 34, во 2021 година биле пополнети 2 работни места и ангажирани 5 лица со договор на дело, а лани пак пополнети се 3 работни места и ангажирани уште 3 лица со договор за дело.
Според и инженерот за информациска безбедност, Божидар Спировски, сајбер нападите се секојдневие, превентивата е најдоброто решение, а ваквите лекции се најтешки. Со оглед на тоа што има малку детали за сајбер нападот врз ФЗО, тој не сака да го коментира, но забележува дека генерално, на сајбер нападите не се мисли се додека не се случат.
„Ова е принцип на функционирање кај институциите, буџетот за сајбер безбедност е многу мал додека не се случи инцидент. После тоа буџетот за сајбер безбедност станува многу голем. Ви гарантирам дека сега ФЗО наеднаш магично ќе добие поголем буџет и многу повеќе ќе се фокусира на тоа“, вели Спировски.
Ревизорскиот извештај констатира дека во 2021 година биле платени скоро 282.000 евра за превентивно и адаптивно одржување на информатичкиот систем на Фондот, додека во 2020 над 300.000 евра.
Од ФЗО нема одговор кога ќе биде решен проблемот. Единствено уверуваат дека „Фондот навремено и постојано ќе ја информира јавноста за сите нови утврдени информации кои се од интерес на граѓаните“.