Од осамостојувањето на Македонија поминаа 29 години, а во меѓувреме државата освен што го промени името доживеа и други промени. Доколку се споредат бројките од првите години на транзицијата до денес може да се заклучи дека се зголемила бројката на жители и на туристи, се возат повеќе автомобили, опаднал бројот на бракови, а се зголемил на разводи, при што платите се повисоки и луѓето треба да работат помалку денови за да си дозволат основни продукти за живот.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Просечната нето плата сега изнесува 26.877 денари за разлика од 1993 кога, според податоците на Државниот завод за статистика, била 3782 денари. Тоа значи дека месечните примања се зголемиле за седум пати.
За да се купи машина за перење на алишта, во 1992 година, како што наведува Државниот завод за статистика, било потребно да се работи 4 месеци и 17 дена, додека во 2010 година потребното работно време било 17 дена. Во 2020 година пак за да се купи најевтината машина за перење алишта од околу 10 илјади денари со просечна плата, потребното работно време е 12 дена.
Видете и ова: Старо-нови ветувања на Владата
На пример, во 2011 година со една просечна нето-плата, според статистика, можеле да се купат 249 литри масло за јадење, а во 2015 година, 337 литри. Во 2020 доколку се земе просечна цена на масло за јадење од македонско производство од 65 денари за литар тогаш може да се купат 413 литри.
За повозрасните минатите времиња биле подобри, отколку сега, а такво е мислењето и Борка Кузмановска, која е во пензија.
„Со платите тогаш можеше да имаш резерва пари и повеќе да си дозволиш, а сега е подобро само што платите се повисоки. Но, тогаш можеше да си купиш мебел, да си дозволиш да одиш на одмор, а сега се е калкулација од 1 до 1 нареден месец. Само сметките да ги платиш и јадењето. Не можеш со 12 илјади пензија да си дозволиш да одиш на одмор“, вели таа.
Едно домаќинство во 2019 година имало 451.359 расположливи средства или по околу 600 евра месечно. Во просек трошоците на живот во 2010 година во однос на 2005 година се пораснати за 15,3 проценти. Додека пак во 2015 во споредба со 2010 се пораснати за 16,9 проценти, а за претходните пет години се уште нема податоци.
Потрошувачката кошница , за покривање на основните месечни потреби на едно четиричлено семејство, лани изнесувала околу 530 евра, покажуваат податоците на ССМ. Во неа спаѓаат трошоците за исхрана и пијалоци, домување, хигиена, превоз, облека и обувки, како и култура и одржување на здравје. Тоа значи дека на едно домаќинство му остануваат само 70 евра месечно расположливи средства за други потреби.
„На луѓето кои земаат големи плати им е убаво, но има голема разлика меѓу средната класа и богатите. Сега нема средна класа. Има само сиромашни и богати. Има луѓе што се жалат лекови не можат да си купат, јадење и сметки да се платат“, додава пензионерката Кузмановска.
Видете и ова: Сообраќајната (не)култура предизвикува хаос во Скопје
За разлика од пред 29 години сега повеќе луѓе може да си дозволат автомобил. Низ улиците на државата лани бил забележан рекордот од 426.045 регистрирани патнички автомобили. Додека пак во 1991 биле регистрирани 249.654 патнички автомобили. Сепак бројката на автомобили дури од 2010 година започнува постојано да бележи пораст од над 300 илјади, а после 7 години да надмине и 400 илјади.
Додека бројката на автомобили прилично се зголемила, бројката на жители забележува незначителен раст. Првите официјални податоци за тоа колку жители брои Македонија се од 1994 година, бидејќи пописот во 1991 бил со нецелосен опфат. Во државата тогаш биле запишани 1 .936. 877 жители. Осум години подоцна ќе се спроведе нов попис, кој воедно ќе биде последен. Годинава започнаа подготовките за спроведување на нов попис, кој најверојатно ќе се случи наредната година. Во недостиг на попис како релевантен податок може да се земат податоците на Државниот завод за статистика, според кои, бројката на жители изнесува 2.076.255.
Бракот пак е речиси подеднакво актуелен во изминатите децении, но се поактуелен станува и разводот. Според првите статистички податоци бројката на склучени бракови во 1994 година изнесувала 15.736, а на разводи 612. Интересот за брак не опаднал премногу ако се земе в предвид дека лани биле склучени 13. 814 бракови. Но, затоа луѓето сега полесно се одлучуваат да го поништат бракот, односно забележани се 1990 разводи.
Се раѓаат и помалку деца, а за прв пат од осамостојувањето учебната година ќе започне на 1 октомври наместо на 1 септември поради пандемијата на коронавирусот. Но, првачињата како и тогаш и сега ќе имаат можност да седат во школските клупи, бидејќи за нив наставата ќе се одвива со физичко присуство. Само сега тие се далеку помалку на број. Годинава на училиште ќе тргнат 20.796 деца. Во 1991 година пак биле запишани речиси 8000 повеќе деца или 28.679.
Туристичката понуда на земјата станала поинтересна во изминатите години, односно барем до пандемијата на коронавирусот. Но, Македонија и за време на прогласувањето на независноста била атрактивна за туристите бидејќи вкупната бројка на домашни и странски туристи изнесувала 710.278. Потоа следи стагнација и на државата ќе и требаат 23 години за да ја надмине оваа бројка. Од 2014 година бројката започнува континуирано да расте за лани да бидат забележани рекордни 1.184.963 туристи.
Освен прославата на денот на независноста, септември е месецот кога традиционално се подготвува зимница, а Кузмановска не е исклучок. Деновиве таа ги користи за правење ајвар и вели некои нешта сепак останале исти.