Повеќе групи на граѓани веќе го почнаа собирањето потписи за учество со свои листи на локалните избори кои ќе бидат одржани во Октомври. Иницијативата „Шанса за Центар“ ја најави независната листа со која ќе настапи на изборите за општина Центар, „Зелен хуман град“, иницијатива зад која стојат 12 организации ги повикува граѓаните да се кандидираат на првата независна листа за членови на Советот на Град Скопје. На социјалните мрежи поддршка се бара и за граѓанската иницијатива „Независни за Карпош – за заштита на Карпош“.
Во Тетово група граѓански активисти ќе се кандидираат за независни советници, собрани во иницијатива „Подобро за Тетово“, а претходно во Охрид беше формиран Иницијативен одбор за поднесување листа на независни кандидати за членови на Советот на Општината, под мотото „Охрид пред сè“.
Видете и ова: „Предизборен поткуп“ гледан од позиција на власт или од опозицијаПолитичките аналитичари во земјава велат дека е добро што актуелните партиски избраници имаат конкуренција, затоа што тоа подразбира и подобар квалитет на кадри.
Но, какви се шансите кандидатите од овие листи да ги освојат потребните гласови за влез во Советот на некоја општина или евентуално за градоначалничката фотелја?
„Појавувањето на независни листи може да ги помати сметките на поголемите партии во советничките листи, но тешко за градоначалник, бидејќи таму е мнозински модел. Тоа значи дека во основа градоначалниците сепак очекувам да бидат од двете поголеми партии, но дека ќе се бара поширок консензус во рамки на советите за тековното работење на општините“, вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Сепак, тој не ја исклучува можноста кандидат од таа независна листа да стане иден градоначалник, но таква шанса предвидува само во поголемите урбани средини.
„Тоа е возможно во поурбаните општини каде што тие листи можат да соберат посериозно граѓанско јадро. Во помалите општини е практично невозможно, а во поголемите урбани општини е многу малку веројатно. Дури и во Центар, Карпош, Кисела Вода, Аеродром најурбаните општини сепак ако ги погледнете бројките над 80 проценти од гласачите се определени за една од двете или трите поголеми партии. Така што многу е мали шансите независни листи да добијат градоначалник, но тоа не значи нема да добијат советници во советничките листи“, вели Арсовски.
Видете и ова: Независни кандидати за разбивање на монополот на партиитеСефер Селими од институтот „Демокраси Лаб“ вели дека независните листи ќе извршат некакво влијание врз конечниот резултатот на локалните избори, но шансите се многу мали за позначителен успех, пред се поради изборниот модел и воспоставената структура за собирање гласови на традиционалните партии.
„Меѓутоа, ова е сепак добра новина која најавува нова политичка катарза каде што повеќе нема да постои само традиционалниот начин на избирање кандидати само од редовите на политичките активисти, туку ќе се бараат кандидати и надвор од тие кругови“, вели Селими.
Целта на независните листи да ги натераат граѓаните да размислат дали ќе го дадат гласот за претставници на политичките партии или за листата на независни кои би требало да понудат квалитет што ќе ги привлече гласачите, сметаат дел од аналитичарите.
Кои се потенцијалните гласачи за независните?
Разочараните од едната од двете големи партии, критички неопределените, а само мал дел апстиненти би гласале за независни листи, сметаат аналитичарите додавајќи дека составот на гласачите ќе биде шарен и ќе зависи од профилот на листа до листа.
„Две целни групи ќе имаат сите овие независни листи, тоа се разочараните граѓани кои не се наоѓаат себеси во ниту една од политичките партии, и втората група се дел од неопределните кои ќе успеат да ги убедат дека треба да гласаат за нив“, вели Селими.
Инаку потписите за независните листи се собираат пред службените лица на ДИК и пред надлежен нотар на образец утврден од Комисијата во терминот од 8 до 20 часот, а на 30 август до полноќ.
Кога подносител на листа на кандидат за градоначалник е група избирачи, потребно е да се соберат во општината до 10 000 жители најмалку 100 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината, а во општината над 100 001 жители најмалку 450 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината. За градот Скопје пак потребни се најмалку 1000 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список на подрачјето на градот Скопје.
ОИК врши проверка на листите најдоцна во рок од 24 часа од приемот на листата и исто така доставува барање за проверка на податоците од листата до институциите веднаш или најдоцна 24 часа по поднесувањето односно на 12 септември. Доколку ДИК утврди дека листата е составена согласно Изборниот законик ја потврдува во рок од 24 часа, додека доколку се утврдат неправилности или пропусти им се дава 48 часа на подносителите да ги отстранат. Најдоцна на 23 септември ДИК на својата веб-страница, а ОИК во сите население места ќе ги огласи утврдените листи за градоначалници и за советници.
Кампањата за локалните избори започнува на 27 септември на полноќ и трае до полноќ на 15 октомври. Официјално, јавниот увид на Избирачкиот список за изборите ќе започне на 21 август и ќе трае до 9 септември.
Ова ќе бидат седми по ред локални избори од осамостојувањето на Македонија. Досега на локалните избори имало независни кандидатски листи кои успеале да освојат советнички места. Независните кандидати за градоначалник, обично истакнати личности во општеството, спортисти, уметници, професори, пак немале поголем успех.