Додека дел од учениците се жалат дека добиле оштетени учебници кои не можат да се употребуваат, вработени во училиште во Шуто Оризари, за РСЕ велат - нека бидат искинати, ќе ги залепиме, барем да имаме нешто.
Откако добиле генерален допис од Министерството за образование и наука во август, до денеска, велат дека немаат добиено никаков учебник. Па така, новите генерации учат од книгите на минатите, но и тие не се на број бидејќи проблемот се провлекува десет години наназад, па и претходно се случувало да не им стасаат сите учебници.
Се снаоѓаат со печатење, лепење корици и страници на оштетените учебници, кои велат за среќа во нивното училиште не се многу, а и за тие што се оштетени училиштето не барало замена, бидејќи мора да ги користат, какви - такви.
Земаат учебници на позајмица од други училишта и се потпираат на солидарноста, па книги циркулираат меѓу училиштата, инаку, како што велат - ќе нема доволно за сите. За тоа кога ќе им стигнат учебниците кои недостасуваат немаат никаква најава.
Ако веќе се прават нови програми, да не оди многу време за да дојдат новите учебници, да не ги пуштаме во оптек програмите, ако веќе не се готови учебниците, порачуваат вработените во скопското училиште во Шуто Оризари со кои разговаравме.
И во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во Аеродром уште ги немаат добиено учебниците кои недостасуваат и тоа не само од оваа, туку и од претходните години.
„Тоа не е од вчера или од минатата година, туку тоа е проблем години наназад. Претходно имало пракса на земање позајмица од помалите училишта, меѓутоа во нашава општина веќе е зголемен бројот на ученици и паралелки и ако тие претходно имале можност да ни дадат да позајмиме учебници, сега и кај нив недостасуваат. Тоа не е проблем на нашето училиште, мислам дека е на локално, ако не и на пошироко ниво, на државно“, изјави за РСЕ, директорот на училиштето, Марјан Јовановски.
Тој вели дека родителите сами изразуваат желба на свој трошок да купат учебници, но тоа не е можно.
„Тоа што треба го нарачуваме, бидејќи има опција, а за некои учебници нема. Во комуникација сме со Педагошката служба при МОН. Сега за сега, единствено решение од бројот на учебници до оној од кој што имаме потреба е да го решаваме со скрипти. Бидејќи не може да се купат во слободна продажба. Има учебници со откачени листови или без корица, но и тие ги користиме. Кога немаме нови и тие се и тоа како корисни за учениците. Мое е да гледам во рамки на училиштето, за надвор други треба да размислуваат, да печатат учебници. Дефинитивно имаме недостаток и се снаоѓаме така како што можеме“, вели Јовановски.
Едни со стари или без, други со 'ганц' нови, ама привремени, но материјали, а не учебници
Овој први септември, полесни се ранците на учениците од прво, второ, четврто и петто одделение кои учат според новите образовни реформи, бидејќи наместо учебници по секој предмет, тие добија материјали за учење, односно една книга во која се споени делови од различните предмети.
Како што изјави министерот Јетон Шаќири, за учебниците по новата Концепција има законски постапки и треба да заврши постапката за економски оператор и учениците да ги добијат учебниците.
Во материјалите има содржини за првите три месеци од учебната година. Според МОН, новата концепција е целосно нов образовен модел на едукација преку кој секое дете ќе може да го достигне својот полн потенцијал. Според родителите, ова меѓу-решение во недостаток на учебници ги ограничува децата токму во развивање на целосниот потенцијал.
„Минатата година, материјата беше поопширна и наменета за деца кои имаат повеќе интереси, па детето кое сака може да навлезе повеќе во материјата или ако не сака, може да биде на она основно ниво кое може да го совладаат. Оваа година, со еден учебник со комбинирани предмети, сметам дека учениците се ограничени. Можеби физички им е полесно да имаат еден учебник, но поограничени се и се задржуваат само на основниот интерес“, вели Ана, мајка на дете кое оди во второ одделение во училиште во Битола.
Со неа се согласува и Кристина, мајка на ученик во петто оделение, во скопско училиште. А тоа што лани нејзиното дете имало електронски учебник, а сега привремен, не е добро решение според неа.
„Можеби се попрегледни новите учебници, но на децата не им се создава навика за користење на соодветна литература по соодветен предмет. Немаме добро искуство ниту со електронските книги од минатата година. Децата се учат на користење на медиуми, а не на користење на книга којашто треба да биде нешто основно за секое дете за понатаму да стекнат навика за читање. Со старите учебници многу повеќе се учеше и се работеше отколку со овие сега. Сè е премногу кратко и недоволно објаснето“, вели мајката за РСЕ.
Таа не гледа логика во печатењето на книги, ако се прифаќаат вакви концепти.
„Aко ги правиме деца на новата генерација, тогаш ајде нека 'умрат' сите книги. Тогаш не би требало да постојат книги. Зошто да се печатат книги, ако ние прифаќаме вакви учебници? И потоа ќе им кажеме - земи читај лектира, а детето не знае што е книга“, додава таа.
И во училиштето „Ѓорѓија Пулевски“, некои родители реагираат за доцнењето на регуларните учебници и нивна замена со материјали за учење.
„Реакции од родителите има, доцнат учебниците, сепак не е мое да коментирам бидејќи ние не можеме ништо да смениме. Дали ќе бидат тие учебници денес, дали требало да бидат вчера, едноставно тоа што ни е на располагање, тоа го користиме за да има непрекинат образовен процес“, изјави директорот Јовановски за РСЕ.
Иако од МОН најавија дека материјалите за учење се однесуваат на првото тримесечје кога треба да бидат завршени постапките за одобрување на сите учебници и тие да бидат дистрибуирани до училиштата, дел од родителите не се „на чисто“ и се во неизвесност.
„Дали решението е привремено или трајно никој не знае, а се шушка дека на тримесечие основците по новата програма повторно ќе добијат привремени материјали“, вели мајката Кристина која разговараше со РСЕ.
Видете и ова: Учебниците бесплатни, ама дотраени, а нови немаКолку ја чинеше државата печатењето на привремените материјали?
Колку чинело печатењето на привремените материјали, во недостаток на трајните учебници кои не стигнаа на време, не ни одговори Министерот за образование Јетон Шаќири за време на неделното интервју за РСЕ, велејќи дека во моментот го нема тој податок.
„За мене многу беше важен образовниот процес. И во тој важен образовен процес ми беше многу важно децата да имаат на почетокот на новата учебна година, материјали кои ќе бидат за нив“, изјави Шаќири во интервју за РСЕ.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во прво, второ, четврто и петто оделение, минатата година учеле речиси 85.000 ученици. Ако и годинава има сличен број, значи дека исто толку привремени учебници требало да бидат испечатени од МОН.
Министерот вели дека ќе се разгледува можноста материјалите да имаат дополнителна намена.
„Ќе видиме со Педагошката служба и со Бирото за развој на образование како можеме да ги организираме за да се употребуваат и за други цели тие материјали“, додаде министерот.
За учениците од прво, второ, четврто и од петто одделение се подготвени нови наставни програми за предметите, согласно Концепцијата за основно образование која од лани се спроведува етапно и, според планот, треба да биде заокружена за пет години во целото деветгодишно образование.
Новата концепција во основното образование беше проект на претходната министерка за образование Мила Царовска, на чие место во јануари годинава дојде Шаќири. Таа вклучуваше нов приод кон учењето преку интеграција на предметите, со цел учениците да научат полесно да ги поврзуваат работите.
Првично беше воведена лани, во прво и четврто одделение, со идеја секоја година да опфаќа по уште две одделенија (второ и петто), за кои ќе се креираат нови програми и учебници. Тогаш, печатени учебници добија само првачињата, додека четвртооделенците имаа исклучиво дигитални, како дел од планот за дигитализација на образованието кој предвидуваше исклучување на печатените учебници после трето одделение. Сепак, по критиките во јавноста, министерот Шаќири ретерираше од оваа идеја, па најави печатени учебници за сите одделенија, на кои многу ученици сè уште чекаат.