На половина од вториот месец од новата училишна година на клупите основците се уште ги немаат сите учебници, но пораката која може да ја слушнат од претставниците на МОН гласи дека не треба да креваат паника и се чини дека веруваат во креативноста на наставниците.
Проблемот со недостаток на учебници е стар повеќе години, бавно се решава, а учениците на предавањата запишуваат, учат од копирани материјали или од компјутерите отворајќи го сајтот на Министерството за образование каде има дел од книгите во електронска форма.
Родителите со кои разговараше РСЕ се пожалија дека имаат допoлнителни трошоци за копирање на делови од учебници, но никој не сака да зборува јавно. Проблемот е дополнително изразен со оштетените учебници. Негово решение исто така е најавено, но споро се остварува. Оштетените учебници се тешки за употреба, велат родители кои ни испратија снимки. Колку се оштетени, валкани и стари текстовите се гледа на снимките кои пристигнаа во редакцијата.
Но, има и наставниците кои велат дека тој проблем не го отежнува квалитет на наставата, иако учениците мора да се снаоѓаат за да го совладаат материјалот.
Елка Даскалова, директор во основното училиште Владо Тасевски во Скопје, вели дека проблемот со недостиг на учебници можеби ќе ги направи и наставниците покреативни.
„Наставникот треба целите да ги реализира според наставен план и програма. Не му треба секогаш учебник. Целите може да се реализираат и преку електронски содржини кои се достапни и преку интернет и сè што се користи како литература надвор од учебникот“, вели Даскалова, која дополнува дека не е проблем и тоа што учениците мора да ги пишуваат на рака предавањата на наставниците или да копираат.
„Денеска во ера на електронски содржини и линкови може да им бидат дадени на ученици, и така денес цел ден се по телефони, може да ја развиваат креативноста па ќе отвораат линкови и да читаат полезни содржини од нивните таблети и компјутери“, вели Даскалова.
Сепак проблем е што на сајтот на Министерството за образование ги има само дел од книгите во електронска форма.
Исто така проблем е што дома сите ученици немаат компјутери за да ги учат содржините кои им се предаваат на училиште.
Учебниците кои недостасуваат се нарачани уште во април
Наставници кажуваат дека им пријавиле на надлежните да им се донесе и замена за учебниците кои се стари, валкани и оштетени.
Инаку во секое училиште состојбата со снабденост со учебници е различна. Има недостиг на учебници во одделенијата каде се запишале повеќе ученици од минатата година. Има училишта каде станува збор и за 30 ученици повеќе од лани во едно одделение. На поголем дел од основците во меѓувреме им се обезбедени книги затоа што училиштата меѓусебно си разменуваат книги.
Видете и ова: Мали инвестиции во образованието
Нема учебници по македонски и историја за шесто одделение
Но, најголем проблемот за сите училишта има со учебниците по македонски јазик и историја за шесто одделение.
„Најоштетени се учебниците по македонски и историја, за нив е нарачан целосен тираж бидејќи се оштетени во сите училишта не само кај нас, тие се најголем проблем за сите училишта“, ни изјави Марија Ангелевска, библиотекар во основното училиште Владо Тасевски во Скопје.
Оштетените книги се речиси невозможни за употреба зашто не се заменети со нови 5 години.
Според објаснувањето од надлежните МОН има две групи учебници: едните се оние за кои авторските права ги имаат издавачките куќи, а другите се тие кои се во сопственост на МОН. За првата група, целосната дистрибуцијата треба да заврши до денеска.
„Дел од учебниците, оние кои се набавуваат преку откуп од страна на издавачките куќи кои ги поседуваат авторските права на истите, се веќе набавени и дистрибуирани до училиштата, со исклучок на учебниците по странски јазици за основно образование кои ќе бидат целосно дистрибуирани до 15.10.2019 година“, ни рекоа од МОН.
Од таму дополнуваат дека за дел од учебниците, за кои авторските права ги поседува МОН во тек е постапка за избор на компанија која ќе ги испечати количините согласно барањата на училиштата, по што ќе се дистрибуираат. Од МОН ни рекоа дека постапката е во финална фаза и очекуваат во текот на овој месец да биде склучен договор со оператор кој ќе ги испечати и дистрибуира учебниците.
Во земјава ученици во основно училиште добиваат на почетокот на годината бесплатни учебници кои на крајот на годината ги враќаат на училиштето. Тие што може да се употребуваат се доделуваат следната година на новата генерација.
Учебниците се наменети за повеќегодишна употреба, а за уништените или оштетени книги родителите немаат обврска да ги заменат со нови кои ќе ги купат на нивен трошок.