Се додека водоводите во селата не добијат филтер станици можно е да се повторуваат ситуации водата за пиење да биде неисправна и да му штети на здравјето на луѓето, како што летово беше случај во тетовско Теарце, објаснува доктор Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје.
„Иако сите општини имаат јавни комунални претпријатија во чија надлежност треба да биде и грижата за селските водоводни мрежи, за жал на лице место кога излегуваме на терен се сретнуваме со еден проблем, што е недефиниран титулар на сопственост. Месните заедници, односно селата, самите стопанисуваат со водоснабдителниот објект, така што општините не може да ги земат ингеренциите, иако имаме и тука подобрување, се повеќе и повеќе од општините ги преземаат ингеренциите од селските водоводни мрежи“, вели тој.
Видете и ова: Селските водоводи во пелагониско со фекални бактерии
Доктор Давидовски, инаку специјалист по здравствена екологија, потенцира дека најпотребно е итна промена на состојбите односно подобра грижа за квалитетот на водата за пиење според соодветните стандарди.
„Тоа е немање прописно изведени изворишта, немање прописна каптажа или несоодветноста на истата во техничка смисла. Имаме неоформеност на заштитни зони, или ако се оформени не се ни одржуваат. Руинирани резервоари, застарени и подложни на дефекти водоводни мрежи и би рекол, мислам дека е најважно, потполно отсуство на континуирана дезинфекција на водата за пиење“, рече докторот.
Давидовски смета дека е потребно долгорочно и стратегиски да се постапи околу унапредувањето на овие водоснабдителни системи.
„Ние си го плаќаме данокот на непреземени мерки или пак ако ги преземаме ги преземаме со сосем парцијално решавање. Или го решаваме извориштето, или го решаваме дефектот. Така што глобално целосно сите овие проблеми не се решени. Ние разбираме дека сите се среќаваат со недостиг на финансиски средства, меѓутоа за овие работи треба и повеќе ангажирање на стручни лица“.
Во првите шест месеци од 2019 година Центарот за јавно здравје анализирал 175 мостри од водоводите во селата. Од нив, 60 отсто или 104 биле со неисправна вода за пиење со бактериолошко загадување.