Пандемијата со Ковид 19 и рестриктивните мерки кои беа воспоставени за заштита од нејзиното ширење предизвика намалување на продажбата на новоизградени станови во првите три месеци од годинава. А токму намалувањето на продажбата за купувачите значи пад на цените на станбен метар квадратен. Дел од градежниците велат дека ќе бидат принудени да ја намалат продажната цена и за 10 проценти, но агентите со недвижнини тврдат дека постојат градежни фирми кои работат со свои пари и дека ќе можат да го издржат лошиот економски период што се наметна како последица од Ковид 19 и нема да ги намалат цените.
Ќе падне ли цената на становите?
Според градежните фирми, цените на становите ќе ги намалат само оние компании кои зависат од банкарски кредити и рокови, па би се откажале од заработувачката само да не и останат должни на банката.
Оливер Димитровски, сопственик на агенција за недвижности вели дека цената на становите можеби нема да расте, но дека нема ниту да се намали. Купувачите водејќи се од општо прифатеното правило дека во вакви услови цените треба да паѓаат, прашуваат дали цените се паднати и дали се очекува тоа да се случи.
„Јас можам да ви кажам дека таков нешто се нема случено, нема никој најавено дека еве поради пандемијата јас цената на станот ако сме планирале по 950 евра сега ќе го продаваме по 850 евра, такво нешто не постои. Градежните компании кои испорачуваат најголем квантум на станови на пазарот на недвижности, а верувајте тие не се задолжени по банки, не се зависни од нив, немаат апсолутно никакви кредити, тие немаат апсолутно никаква причина да ја намалат цената. Кој би бил принуден да намали цена? Само оние кои произведуваат станови со пари позајмени од банка, бидејќи роковите го притискаат и е спремен од сопствениот профит да се откаже само за да се раздолжи кон банката“, вели Димитровски.
Во основа и градежниците и фирмите кои се занимаваат со недвижности бележат намалување на работата, особено во делот на закуп на деловни простории каде што тој пад бележи и 90 проценти.
Димитровски вели дека има одредени компании кои од причина на разионализација на бизнисот имаат потреба од поголем простор, ако имаат зголемен број на вработени или некои фирми кои го намалиле бројот на вработени па им треба помал простор. Но речиси да нема отворање на нови локали, вели тој.
„Со овој таканаречен локдаун во овие два ипол месеци колку што не работеа трговските центри немаше никаква активност ниту во продажба, ниту во изнајмување. Во проценти тоа е немерливо, ако паднала работата паднала во над 90 проценти, тоа е огромен пад“, вели Димитровски.
Видете и ова: Стопанството дише „на шкрги“, секоја трета фирма бара помош
Нема градежни материјали на вересија
И градежништвото е чувствително на Ковид 19, а пазарот на недвижности во моментов е смрзнат и од политичката криза која настрана пандемијата ги намалува апетитите на инвеститорите, велат градежниците и бизнисмените.
Никола Велковски од Групацијата за градежништво вели коронавирусот се одразил и на градежништвото и тоа во повеќе аспекти. Институциите задолжени за одобренија за градби и за други потребни документи работат со намалени капацитети, па има застој, купувачите прво мислат како да се заштитат себеси и блиските, па потоа да купуваат станови, не може да се стигне до банките, оти имаат други обврски сега, па градежниците не мислат да почнат со градба на нови проекти, вели Велковски.
„Има релативно голем застој во делот што е градба за продажба. Инаку ова другото до некаде нешто функционира, ама пак е со помал обем, затоа што програмите не се носат, советите не функционираат за нови одлуки, дел од општинската администрација не е присутна за да може да течат договорите, особено во локалната самоуправа, затоа што тие во моментот се носители на некои градежни активности. Значи сè тоа, доста сме погодени со оваа ситуација со оваа пандемија“, вели Велковски.
Велковски вели дека сето тоа влијае на цената и дека ако градежниците сакаат да имаат некој обрт на пари, мора да намалат од цената. Тој предвидува намалување од 10 до 15 отсто.
„Претежно самите градежници за да може да се дојдат до купец, за да може да се продолжи со градбата сигурно дека свесно ќе ја намалат цената, за да може да се задржи некаков интензитет на градба“, вели тој.
Велковски вели дека побарувачката на станови е мала, а за деловни простори не ни станува збор за побарувачка. Тој како градежник вели дека не забележал некое зголемување на цената на градежните материјали, но дека сега добавувачите бараат да им се плати веднаш. Друга работа е, вели тој, што границите се затворени па има проблем со набавка на материјали и градежниците работат со она што го има на лагер.
Димитровски, кој има и мала градежна компанија вели дека цената на работа рака е зголемена, оти има недостаток на мајстори, бидејќи голем дел од висококвалификуваните мајстори се иселени од државата.
Видете и ова: Намалена изградбата на станови во Скопје, освен во Аеродром
Последните податоци од регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар на недвижности покажуваат дека во период првите три месеци од годинава заклучно со 31 март во државата се продадени 719 новоизградени станови, што е за 162 станови помалку од четвртото тримесечје во 2019 година.
„За разлика од минатиот квартал, во овој квартал има зголемување на непродадените станови за 390 станови. Заклучно со март, годинава на целата територија на државата има 6.432 станови кои се изградени, а сè уште не се продадени и се нудат на пазарот на недвижности. Исто така, во Агенцијата за катастар на недвижности се издадени 12.706 листови за предбележување на градба што укажува дека овие објекти се во фаза на градба и наскоро ќе се најдат на пазарот на недвижности. Може да се констатира дека бројот на новоградби моментално ја задоволува побарувачката на нови станови“, се вели во извештајот.
Вкупната бројка на заболени од коронавирусот во земјава, со последните податоци, изнесува околу 1700 случаи. Од нив, 1.230 се оздравени, 96 лица починале, а активни случаи има над 370.
Во светот во моментов има околу четири милиони и 300 илјади заболени, а над 290 000 се починати од вирусот кој почна да се шири лани во декември од кинескиот град Вухан.