Печките кои употребуваат отпад за производство на електрична енергија, таканаречените инсинератори, испуштаат високи количини на јаглерод диоксид (CO2), повисоки во однос на конвенционалното генерирање на електрична енергија со употреба на фосилни горива, како на пример гас. Податоците покажуваат дека само во 2018 година, европските инсинератори емитувале над 95 милиони тони јаглерод диоксид (CO2). Во бројни извештаи на организации кои работат на алтернативи за дивите депонии, е наведено дека решенијатa треба да се бараат во биолошкиот третман и механичката обнова на материјали.
И додека земји како Шведска, Данска и Холандија воведуваат данок за емисиите на CO2 од согорувањето на отпадот во инсинератори, властите во земјава најавуваат „еколошка инвестиција“ за изградба на инсинератор во македонскиот вински регион.
Видете и ова: Младински предлози за зелени општиниСашко Тодоров е биолог од здружението на граѓани Ековита од Неготино, кој вели дека Владата наместо инвестиции во модерни технологии за преработка на грозје, ќе ги награди неготинчани со 700.000 тони комунален отапд годишно собран од цела Македонија.
„Со таканаречена „Зелена гасна централа“ ќе го согорува срцето на Тиквешијата“, вели тој.
Тодоров зборува за планот за изградба на фабрика за третман на отпад во селото Дуброво во Неготино, инвестиција од 336 милиони евра што ја најави премиерот Зоран Заев кој рече дека проектот целосно и трајно ќе го реши отпадот во 74 проценти од територијата на земјата, односно во 48 општини од пет плански региони во земјата.
„Станува збор за целосно странска приватна инвестиција, преку компанијата „Зока Енерџи Солушн“ - Неготино, по пат на Законот за стратешки инвестиции“, рече Заев.
Според Заев, фабриката ќе биде според највисоките стандарди како во европските земји, со иновативна технологија без загадувачки емисии која ќе го претвора ѓубрето во енергија и дека со тоа ќе бидат затворени дивите депонии во петте плански региони. Заев вели дека инвестицијата ќе стимулира економски развој и дека ќе ја зголеми можноста за намалување на употребата на фосилни горива.
„Во склоп на фабриката постои посебен дел за уништување на медицинскиот отпад и отпадот од животинско потекло. Инсинераторот е од најмодерен тип и дизајн со плазма согорување, бескислородно спалување на високи температури“, рече Заев.
Владата очекува фабриката да собира од 700.000 до еден милион тони отпад годишно од овие региони и да го трансформира отпадот во енергија и суровини.
„Нема издувен дел којшто излегува надвор за да има загадување. Целосно затворен систем којшто под дејство на топлина го разложува органскиот отпад и го преработува во три гасни супстанции што понатаму ја создаваат топлинската енергија која како топла вода ја врти турбината и од неа произведува електрична енергија. Тоа е целиот систем, нема излез. Најмалку седум посто останува пепел којшто се употребува во градежништвото, почнувајќи од бекатон плочки, цементирани подлоги, асфалтирање, тампонирање“, вели Заев.
Големи количини на CO2
Мрежата „Zero Waste Europe“ е составена од експерти, активисти, локални лидери и други членови кои на европско ниво работат на елиминирање на отпадот.
РСЕ побара одговори од експертите од „Zero Waste Europe“ за тоа дали постојат инсинератори кои не емитуваат штетни емсии во воздухот и дали ваквата технологија загадува? Во одговорот кој го добивме од експертите се вели дека емисиите на стакленички гасови зависат од составот на отпадот, а не од употребената технологија, посочувајќи дека дури и инсинераторите поврзани со централно греење испуштаат големи количини на CO2.
Од „Zero Waste Europe“ велат дека според практиката во евопските земји, инсинераторите испуштаат големи количини на CO2, а електричната енергија произведена од нив емитува повеќе јаглерод диоксид (околу 504 грама CO2 на киловат час Kwh) во однос на енергијата произведена со конвенционалната употреба на фосилни горива, како на пример со согорување на гас (340 грама Co2 на киловат час Kwh).
„Уште поважно, емисиите на јаглерод се двојно поголеми од маргиналниот просек на електричната мрежа во ЕУ – 246 грама јаглерод диоксид по киловат“, вели за РСЕ преку е-маил Јанек Век – координатор за енергија, клима и аерозагадување од „Zero Waste Europe“.
Во извештај на организацијата„ Client Earth“ се вели дека согорувањето на отпад во инсинераторите во Велика Британија ќе емитува повеќе јаглерод диоксид до 2035 година отколку депонирањето на отпадот и дека тоа ќе биде главен извор на загадување на воздухот.
Век вели дека според податоците, доколку се исклучи употребата на јагленот, согорувањето на отпадот станува најзагадувачки извор на енергија.
Век ,исто така, посочува на податоци од извештаи кои покажуваат дека освен загадувањето со јаглерод, инсинераторите емитуваат и други загадувачи во воздухот главно на местата каде што се наоѓа изворот на согорувањето.
„Во нашата работа со групи како што е „ToxicoWatch“, откривме високо ниво на диоксини околу местата каде отпадот се согорува“, вели Век.
Тој објаснува дека со огромен трошок, модерните инсинератори значително ги намалиле емисиите на диоксини со употреба на филтри и уреди за чистење, но дека од друга страна тоа довело до докази за контаминација на синџирот на исхрана, бидејќи пепелта повторно влегувала во животната срдина. Век вели дека извештаите покажуваат дека согорувањето на отпад е проблематично, бидејќи постојат отворени прашања околу тоа колку често се вршат мерења, колку примероци се земаат, но и дека постојат податоци за „скриени емисии на диоксини“.
„ЕУ во последните неколку години презеде чекори за ограничување на согорувањето на отпадот. На пример, тие го исклучија од сите фондови на ЕУ, вклучително и од фондовите за заздравување од Ковид-19. Всушност, во насоките на ЕУ кон земјите членки за употреба на ковид-фондовите, финансирањето на инсинераторите е наведено како пример за неусогласеност. Тие ,исто така, се исклучени од ЕУ Таксономијата на одржливи активности со образложение дека ја поткопуваат циркуларната економија“, вели Век.
Градот на грозјето или на отпадот?
Видете и ова: Еколошка такса за полнење на буџетот или вложување во зелена агенда?
Дека проблемот со отпадот во неготинскиот регион ќе биде решен со отворањето на фабриката, не се согласува не се согласува ниту Тодоров. Тој вели дека со овој проект градот на грозјето, ќе стане град на отпадот.
„Има голем проблем тука. Од податоците на заводот за статистика за 2020 година од највените пет плански региони или 48 општини, се собира само 334.404 тони комунален одпад, односно постои опасност инвеститорот, за да ги задоволи своите потреби на централата од еден милион тони годишно отпад, да увезува отпад и тоа ќе го чини многу поевтино отколку да го собира и селектира од Македонија. И проблемот со отпадот не би се решил“, вели Тодоров.
Според него, друг проблем е тоа што инвестициите кои ги најавува Владата не се усогласени со законот за управување со отпад, кој е во собраниска процедура.
„Законот се носи по мерка на инвеститорите, односно ќе се дозволи да се увезува РДФ гориво“, вели Тодоров.
Во однос на технологијата што ја најавува премиерот Заев, и тој вели дека станува збор за загадувачка индустрија.
„Значи органскиот отпад во посебна комора за пиролиза, тоа е процес на разградување на висока температура од 800 степени каде отпадот ќе се претвори во гас, кој подоцна ќе се гори во друга комора на 1.200 степени во присуство на кислород и тука ќе се ослободат издувни гасови кои мора да се отстранат од централата со оџак, но никаде не претставија дека ќе се прочиствува со филтри“, вели Тодоров.
Тој потенцира дека граѓаните на Неготино очекуваат влез на нови современи технологии за преработка на грозје во нови иновативни производи со цел лозарството да стане попродуктивна земјоделска гранка. Тодоров посочува дека голем број граѓани се против изградба на гасната централа за согорување комунален отпад и дека тоа били потврдено преку анкета која ја спровела неговата организација, чии резултати покажале и дека локалната и централната власт не ги информира и консултира гаѓаните кога се носат одлуки со кои се загрозува животнта средина.
Во однос на најдобрите решенија за отпадот од дивите депонии, од „Zero Waste Europe“ велат дека комбинирањето на билошкиот третман и механичкото рециклирањето на материјали се најдобрите предлози со употреба на опрема за селектирање.