Хаос во Скопје предизвика невремето кое го зафати градот и околината во попладневните часови.
Поплавени улици, паркинзи, подруми, гаражи, многу искршени дрвја и билборди, но и заглавени луѓе во своите автомобили - ваква е сликата во главниот град по невремето кое беше проследено со пороен дожд, град, грмотевици и ветер.
Четири автомобили од кои во еден се наоѓале и деца останале блокирани кај кружниот тек кај хотелот Континентал, a уште 15 лица биле заглавени во своите возила кај стоковната куќа Мост.
На двете локации биле испратени припадници на противпожарната бригада и брзата помош, но на патот едно од возилата на брзата помош заглавило во поплавениот коловоз на подвозникот на Стоковна куќа „Мост“, кој бил полн со вода.
Полициски службеници во координација со другите институции ги извлекуваат заглавените возила.
Интервенира и службата за итна медицинска помош, од каде велат имале пријави за повредени граѓани, но и оти станувало збор за полесни повреди.
На социјалните мрежи пак, граѓани објавија видео снимки на кои се гледа како водата навлегла и во подрумските простории на Градскиот трговски центар, како и во „Ист гејт мол“, чиешто приземје било целосно поплавено.
Градоначалничката свика итен состанок на кризниот штаб на Скопје
Од Градот Скопје соопштија дека по невремето кое го зафати градот Скопје, градоначалничката Данела Арсовска свикала итен состанок на Кризниот штаб на Град Скопје.
Градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцински пак информираше дека службите на општината се на терен и се во комуникација со градските претпријатија за отстранување на проблемите кои настанаа по невремето.
„Во моментов од наша страна се детектираат најпогодените точки во општината и секаде каде што е забележана штета предизвикана од невремето, истата ќе биде посочено до надлежните градски претпријатија за нејзиното санирање во најкраток рок“, соопштија од општината Аеродром.
Видете и ова: Невремето оштети автомобили во Скопје, паднати бандери во Велес, Градско и РосоманЦентарот за управување со кризи работи на најкритичните точки
Од Центарот за управување со кризи пак, велат дека до нив постојано пристигаат дојави и пријави од разни локации на градот.
Од таму потсетуваат дека на телефонот 112 може да се пријавуваат паднати дрва, откорнати кровови, заглавени возила или поплавени простории, но апелираат дека граѓаните треба да имаат разбирање оти службите реагираат по приоритет.
„Центарот за управување со кризи, преку 112 се трансферираат повиците за итни случаи, конкретно за помош за граѓаните погодени од невремето, до надлежните институции и служби од Град Скопје и општините од Скопско. Нормално, прво се помага на загрозените луѓе и тоа по прироритет што го имаат како стандардна оперативна процедура професионалците од ангажираните институции и служби од системот за управување со кризи, а потоа и ќе се сумираат штетите“, велат од ЦУК.
Екипите на центарот моментално работат на најкритичните точки на терен , а потоа ќе следи проценка на штетите.
Освен Скопје, од невреме попладнево се зафатени и Штип, Велес, Демир Хисар, Свети Николе.
УХМР најави дека нестабилното време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер ќе се задржи до петок, особено во попладенвните часови.
Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен дожд за кратко време, силен ветер и услови за појава на град.