Гневни поради неисполнетите ветувања на владата и општините, лицата со попреченост денеска се собраа на протест пред Владата во Скопје.
Со чувство на длабока фрустрација тие укажаа дека државата која се декларира како социјална, само 14 проценти го зголемува додатокот за попреченост, додека платите на функционерите пораснаа за 78 отсто.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Зоран Велевски е родител на дете на кое му била дијагностицирана церебрална парализа. Само трошоците за количката се големи, вели тој, а државата ги покрива на секои пет години.
„Едно инвалидизирано лице дали може да преживее со 12 илјади денари дали може да преживее? Каде се лекарствата, животните трошоци и не дај боже ако остане сам, кој ќе му помогне?“, прашува Велевски.
Луѓето со попреченост бараат веднаш државата со европско знаменце да донесе специјален закон за достоинството и благосостојбата на лицата со попреченост, согласно меѓународните конвенции.
Од коалицијата „Менуваме“, која го организираше протестот велат дека централната и локалната власт со години не ги исполнуваат ветувањата кон лицата за попреченост.
Зоран Гиев протестираше со својот син огорчен што луѓето со попреченост се заборавени од државата.
„Се соочуваме со многу проблеми, од социјален, здравствен, образовен аспект... Оваа група на луѓе, дали се деца или младинци или повозрасни, тие се заборавени од општеството. Во законите каде треба да бидат опфатени, ги нема ниту како категорија“, рече Гиев.
Видете и ова: Повеќе пари за достоинствен живот, бараат лицата со попреченостИ покрај понудениот дијалог од Министерството за труд и социјална политика, луѓето со попреченост се незадоволни од зголемувањето на додатокот за попреченост од само 14,9 проценти.
Тие бараат додатокот да биде зголемен за 78 проценти како што неодамна беа зголемени платите на функционерите, но и зголемување на часовите за лична асистенција од 80 на 160 месечно.
Меѓу останатите барања се формира институција Народен правобранител специјално посветена на лицата со попреченост, со цел да ги заштити нивните права, а во програмата на Министерството за здравство да влезат ортопедски помагала.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Но, барања упатуваат и до локалните власти, бидејќи со години со соочуваат со проблеми со пристапноста.
Ристо Балевски вели дека од 2009 година е хендикепиран во количка. Државата воопшто не мисли на ранлвите категории, вели тој, со минимална социјална помош која ја добиваат. Разликата со европските земји е голема, додава Балевски.
„Не можам да се качам на тротоар, ги молев две години на семафорите во Автокоманда да направат спуст за инвалиди, но и за колички за жени и деца за да преминат преку семафорот. Во однос на парите, Владата можеби нема пари, потрошени се, но можеше помала ставка од 78 проценти да им дадат нив и да се подели и на другите“, вели Балевски.
Борче Грозданов е пензиониран новинар кој исто така е соочен со хендикеп. Препреките низ градот за лицата со попреченост според него се големи.
„Нашите препреки се повеќе физички, а тие што треба да размислат за нас, дури и на обележани места паркираат коли. Тротоарите се издигнати и големи“, вели Грозданов.
Видете и ова: Лицата со попречен вид ќе добиваат помагала на товар на државатаОд Градот Скопје неодамна за РСЕ рекоа дека се работи на подобрување на инфраструктурата за лицата со попреченост во градот, но луѓето посочуваат дека на решенија се чека многу долго, со години.
Пристапност за лицата со попреченост има на новите улици и булевари, додека постарите, кои се многу повеќе, се со дупки и со бетонски бариери.
Во однос на јавниот превоз, од Град Скопје велат дека располагаат со 7 комбиња за лица со попреченост, а дека дополнително ЈСП Скопје има комбе и автобус со посебна намена за превоз на ученици со попреченост и дека тие во моментов функционираат.
Македонија ја ратификуваше Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост во 2011 година, која наметнува обврска на земјата да ги гарантира правата на лицата со попреченост.
Луѓето со попреченост се надеваат дека со кревање на гласот и залагање за промени, ќе можат да обезбедат властите да ги исполнат овие обврски.