Не значи дека си 'бубалица' и немаш другари, ако си по учењето

Илустрација - Јан Стојановски со членови на македонскиот тим на Балканската олимпијада по физика

Средношколецот Јан Стојановски, ги победи сите пријавени врсници на последната Балканска олимпијада по физика. Зборувајќи за медалите, за РСЕ сподели дека не можеш само да учиш, без да се дружиш, ниту само да 'лудуваш' без да фатиш книга, ако сакаш да успееш во светот на науката

Седумнаесетгодишниот Јан Стојановски од Скопје, кој го собра златото на 4-тата Балканска олимпијада по физика (BPO4) каде домаќин беше Друштвото на физичарите на Кипар, е најдобар во конкуренција од 51 ученици. Тој ги победи средношколците од Албанија, Бугарија, Грција, Кипар, Молдавија, Романија, Србија, Црна Гора и учениците од земјите - гости – Иран, Казахстан, Киргистан, Туркменистан и Словенија.

Вели дека ова злато посебно му сјае, бидејќи лани не го добил за малку и земал сребро. Освен по физика, собира награди и од натпревари по хемија и математика, ама го интересира и музика и веќе не им знае број на медалите и признанијата.

„Во еден обичен ден главно сум посветен на училиштето, се подготвувам за натпревари, решавам задачи, а одам и на часови по виолина. Се трудам да минувам што повеќе време со другарите. Некогаш имам помалку дружби за да имам повеќе време за учење, но не станува збор за некоја жртва, бидејќи и другарите се натпреваруваат, па често и заедно се подготвуваме. Така што имаме голема среќа што сме си нашле друштво со слични интереси“, изјави Стојановски за РСЕ.

Треба да се најде баланс меѓу дружбите и учењето, порачува ученикот во трета година во средното училиште „Јахја Кемал“ во Скопје.

Средношколецот Јан Стојановски

„Не знам колку би бил репер за тоа да кажам како да се организира времето, бидејќи не сметам дека имам некоја многу добра организација, но сметам дека никогаш не треба да се жртвува другарувањето и дружбите со пријатели, бидејќи тоа е клучно за секој човек. Но, и тоа треба да се ограничи, да не биде 'лудување' секој ден, туку да се посветиме и на работи кои нѐ интересираат за да може да се развиваме и да учиме повеќе за нив“, додаде средношколецот.

Препорачува да се учи секој ден по малку наместо 'кампањски' и вели дека тој учи најмногу еден час дневно, освен ако нема некој натпревар на повидок.

Интернетот како екстра алатка, а не за 'губење време'

Мотивација му даваат родителите и професорите кои вели дека му помагаат и знаат да го ослободат од секојдневните обврски за да може да вежба. Но добро му доаѓаат и коментарите на социјалните мрежи кога некој ќе го пофали за успехот. А нив гледа да ги користи паметно.

Па на интернет главно гледа видеа каде се добро објаснети темите кои го интересираат, бидејќи според него, во Македонија нема многу збирки или ресурси, а и тие неколку што се добри се ограничени и одамна напишани, па им недостасува она современото.

„Младите на мои години очекувано минуваат премногу време на друштвени мрежи. Така сигурно губиме по неколку часа дневно. Најмногу сум на Инстаграм, ама и на Јутјуб поминувам долго време. ТикТок речиси никогаш не употребувам, односно многу ретко и малку. Сѐ што гледам таму е само за опуштање на мозокот, а нема некој многу образовен карактер“, вели средношколецот.

„Не ми пречи ако некој ме нарече бубалица“

За предметите кои не му се пасија самиот се смета за просечен ученик и не е од оние што седат во прва клупа и постојано креваат рака, а на часовите по математика и физика, тој и двајцата соученици кои исто така одат по натпревари, седат во последните клупи и решаваат задачи кои не се поврзани со тоа што го учат останатите на часот, бидејќи материјалот секако го знаат.

„Понекогаш, да, има луѓе што ќе кажат дека сум бубалица, но не сметам дека сум тоа ниту дека останатите генерално ме гледаат како таков. Бидејќи, пристапот на учењето не е напамет да научиш работи, па потоа наизуст да ги кажеш, туку треба суштински да се разберат. Па затоа тие што подобро ме знаат не ме бројат во бубалици. Освен за некои предмети кои можеби помалку ни одат, како историја на пример, можеби нѐ сметаат за бубалици, но мислам дека секој ученик некогаш 'бубал' за тие предмети“, вели Стојановски.

Соучениците бараат помош од него и останатите кои се натпреваруваат, а во другарството нема конкуренција, иако сите се борат за медал.

„Многу ми е мило што сите заедно другаруваме, бидејќи тоа навистина покажува дека најбитното нешто од натпреварите се другарствата што ќе ги создадеме, а не конкуренцијата. Така што не гледаме како да сме еден против друг, туку еден од нас ако успее, тоа е успех за сите“, истакна средношколецот.

Јан меѓу учесниците на Европската олимпијада по физика која се одржа во Љубљана, во мај оваа година

„Ова се посебни натпревари“

Олимпијадите како оние на кои се натпреварува Јан се посебен тип на натпревари, сподели во разговор со РСЕ, претседателот на Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ), професорот Ламбе Барандовски.

„Постои разлика помеѓу натпреварите кои секојдневно ги гледаме на телевизиите, односно спортските натпревари и меѓународните олимпијади по различни науки, со оглед на фактот што натпреварите кои се спортски не придонесуваат за развој на науката, за развој на човештвото, за развој на младите личности во луѓе кои ќе придонесат кон решавање на различни проблеми кои постојат во светот, додека ваквите натпревари и тоа како помагаат во создавањето на идните научници, доктори, инженери од кои се очекува да се фатат во костец со најголемите проблеми кои го оптоваруваат човештвото денес“, изјави Барандовски за РСЕ.

Професорот смета дека Македонија како мала држава со ограничени ресурси би требало да научи односно да знае дека може да се потпре на интелектуалниот потенцијал на младите во различни области, односно различни науки.

Природните науки во македонскиот образовен систем

За да имаме повеќе наши деца на олимпијадите, тие треба да имаат интерес, но и знаење за природните науки, a според средношколецот Стојаноски, во македонскиот образовен систем не се посветува многу внимание на овие науки, за разлика од порано.

„Има луѓе кои се трудат, на пример ДФРМ и Сојузот на математичарите, кои постојано организираат настани и натпревари за да ги мотивираат младите. Но, во образовната програма колку што гледам посебно во последниве години, кадешто сакаат да спојат неколку предмети заедно, сметам дека се испушта многу, а не треба. Во минатото, програмите за природните науки и математиката биле далеку поквалитетни отколку сега и многу повеќе се учело“, потенцираше младиот Јан.

Видете и ова: „Мамо, ме примија на Харвард!“


Тој сепак не ја исклучува Македонија како опција за студии, но ги разгледува и странските универзитети и верува дека во нивната генерација и таа по нив има многу деца со поглед кон добра иднина кои може да ги остварат своите соништа.

„Немам ништо против да студирам тука. Гледам дека на Природно-математичкиот факултет има квалитетни професори, но секако студии во странство даваат многу поголеми прилики за иднината. Ако останам во Македонија, тоа би било поограничено“, вели седумнаесетгодишникот.

Еден ден, сака да биде професор и научник по природни науки или математика и се надева на откритие поврзано со неговото име. Следен предизвик му е европската олимпијада по физика, каде и покрај тешките подготовки, тремата и стресот, се надева дека повторно меѓународно ќе се докаже .