Не е дали пратениците пијат, туку каква им е пијанката

Расправа меѓу пратеници во собарниска седница за европски прашања

Достапноста на алкохолот во Собранието е дел од причините за навредите, заканите, па дури и за физички пресметки меѓу пратениците, посочи пратеникот Павле Трајанов. Лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села побара пратениците да прават алкотест, а на три месеци да се тестираат и за дрога.

Во Тиквешијата не прашуваат пие ли зетот, туку каква му е пијанката, се шегуваат во лозарскиот регион. Сепак, се чини дека ова не се применува кога се прават кандидатските листи за пратеници. Никој не прашува каква им е пијанката, се шегуваат граѓаните на социјалните мрежи, откако Павле Трајанов од Демократскиот сојуз рече дека алкохолот меѓу пратениците е една причините за собраниските инциденти. Тој ова го кажа по инцидентот, на раб на тепачка, во собраниската Комисија за европски прашања.

Власта сака по скратена постапка да ги протурка измените во Законот за работни односи за да им се продолжи работниот век на судиите за три години. Со тоа, околу 70 судии и обвинители нема да отидат во пензија и ќе продолжат да работат. Власта вели дека ова е неопходно за да не се направи проблем во работата на судовите додека да се екипираат со помлад кадар. Опозицијата се противи и тврди дека законот се носи за да продолжат со работа „партиски назначените“ судии и обвинители.

Претседателот на Комисијата Арбер Адеми не им дозволи на пратениците од опозицијата да го дополнат дневниот ред, по што тие излегоа пред неговиот пулт, се тегнеа за микрофонот, a Адеми си ја исече раката. Тоа ескалираше во пцовки и навреди, а нервозниот Адеми фрли пластично шише, тацна и со филџан го погоди Илми Азири од Алијанса за Албанците во лицето.

Трајанов ја лоцира вината за „вербалните навреди, недолични коментари, па дури понекогаш и физички пресметки“ во собраниското бифе.

„Достапноста на алкохолот во Собранието е причина плус за ваквата атмосфера“, изјави тој за Слободен печат.

Лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села, пак се сомнева и во други супстанци. Тој бара алкотест за пратеници, а на три месеци да прават и тестови за дрога.

„Дојде време јавноста да види кои се пијаниците, но и вистинските наркомани“, изјави Села за весникот на албански јазик Лајм.

Дел од граѓаните коментираат дека работното време во Собранието треба да почнува подоцна, за колку-толку да им помине мамурлукот.

Други, пак, велат дека алкохолот можеби го користат за дезинфекција, со оглед на тоа што повторно растат бројките на заразени од коронавирус.

Трети, пак, дека употребата на алкохол има долга традиција. Ако можел да падне Персеполис, тогаш што се еден филџан и микрофон.

Политичките аналитичари очекуваат раст на тензиите во Собранието и уште поголемо „политичко шоу“, со оглед на тоа што власта и опозицијата се повеќе се гледаат „преку нишан“.