На самитот оваа недела, НАТО би можел да ја означи Кина како „системски предизвик“ за безбедноста на членките во документот на таканаречениот стратегиски концепт кој ги дефинира приоритетите на Алијансата за следната деценија. Во претходната верзија, објавена во 2010 година, не се споменува Кина, додека во новата внимателно се размислува за дефинирање на безбедносните прашања поврзани со Кина за да се избегне реторика која некои сојузници би ја сметале за премногу запалива, пишуваат светските медиуми, пренесува СлободнаЕвропа.орг.
Стратегија за следната деценија
Пекинг ќе биде опишан како „предизвик за нашите интереси, нашата безбедност и нашите вредности“ кога 30 лидери на НАТО ќе се договорат за „стратешкиот концепт“ на алијансата до 2032 година, на самитот што започна во вторник, 28 јуни во Мадрид, пишува Фајненшал тајмс.
Водачите на НАТО оваа недела ќе разговараат за тоа како да се балансира растечката закана од кинескиот воен напредок и новите сајбер способности, како и глобалната криза, вклучително и загриженоста за храна и енергија, со опасностите од Русија и војната во Украина.
„Стратешкиот концепт е многу повеќе од Русија, што го одразува фактот дека сме многу свесни за (Кина)“, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг за Фајненшл Тајмс, нагласувајќи дека очекува сојузниците да се договорат за јасна формулација во врска со Кина како нов елемент испуштен во претходниот стратегиски концепт на НАТО, пренесе СлободнаЕвропа.орг.
Видете и ова: Столтенберг: Не ја сметаме Кина за противник, но сме загрижени за врските со РусијаОфицијални претставници на НАТО кои подготвија десетгодишна стратегија пред тридневниот самит во Мадрид, имаа интензивни дискусии за Кина, изјавија за лондонскиот весник луѓе запознаени со процесот, што ги одразува економските врски на членките на НАТО со Пекинг и различните перцепции за заканата од Кина.
Официјални лица, исто така, укажуваат на напорите на Пекинг да пропагира руска дезинформации за војната, како што се негирање докази за руски воени злосторства во Украина или отфрлање на тврдењата дека Русија ги спречува товарните бродови да извезуваат украинска пченица и ги нарушува глобалните пазари на храна.
Стратегискиот концепт е најважниот документ на НАТО од Северноатлантскиот договор од 1949 година, кој содржеше клучна одредба, член 5, што значи дека нападот врз една членка се смета за напад врз сите, потсетува Асошиетед прес.
Безбедносната проценка се ажурира приближно на секои 10 години за да се преобликува безбедносната агенда на Западот и да се ажурираат безбедносните предизвици и задачи на НАТО.
Кина не е противник, но загрижува
Сојузниците нема да одат толку далеку и Кина да ја нарекуваат противник и би можеле да се согласат да останат отворени за ангажман со таа земја, но новите насоки на десетгодишната политика на НАТО се очекува да ја истакнат загриженоста за Пекинг во одредени области, пишува Блумберг.
За разлика од Кина, Русија најверојатно ќе биде наречена „директна закана“ за безбедноста на Алијансата, а секоја промена во односите ќе зависи од тоа Москва да престане со своето агресивно однесување, како што го нарекува НАТО, и да се придржува до меѓународното право.
Експертите веруваат дека односите меѓу Алијансата и Русија веројатно нема наскоро да се обноват.
Сојузниците на НАТО со месеци преговараат за формулацијата и јазикот кон Кина, што, истакнува Блумберг, се покажа како особено тешка пречка за балансирање на различните интереси на сојузниците.
Видете и ова: Телефонски разговор на Џинпинг со Путин - Кина ја повтори поддршката за РусијаДодека Соединетите Држави зазедоа цврст став кон Пекинг, неколку европски сојузници, вклучително и Германија, која има блиски економски и трговски врски со Кина, повикаа на поумерен став во новиот стратешки документ на НАТО.
Спомнувањето на Кина во стратешки концепт е „реалистично бидејќи НАТО тешко може да го игнорира“ нејзиниот подем, според Мери Елис Сарот, професорка по историја на Факултетот за напредни меѓународни студии на Универзитетот Џон Хопкинс. Сепак, додаде таа, „засега приоритет нема да биде долгорочна трка со Кина, туку насилството во Украина“.
„Силни“ зборови или не?
Пред самитот во Мадрид, американските власти изразија уверување дека документот на НАТО, кој сојузниците ќе го усвојат до четврток, 30 јуни, ќе содржи „силни“ зборови за Кина, додека другите земји-членки сè уште не се согласуваат како да се опише земјата со најголема светската војска и нејзиниот однос со Русија, објави Ројтерс.
Дипломатите на НАТО велат дека САД и Велика Британија повикале на построга формулација за Кина поради зголемената загриженост за нејзините воени амбиции, но и стравувањата дека Кина би можела да го нападне островот Тајван, кој Пекинг го смета за своја територија. Во меѓувреме, Франција и Германија - со оглед на големите европски индустриски инвестиции во Кина - претпочитаат поодмерени референци, истакнува Ројтерс, додавајќи дека се работи на компромис што ќе ја опише Кина како „системски предизвик“.
Исто така, додека преговарачите се обидуваат да ги дефинираат односите меѓу Пекинг и Москва, Чешка и Унгарија силно се спротивставија на фразата „стратешка конвергенција“, рече еден од дипломатите.
Според Ројтерс, американските власти ја истакнале важноста од вклучување на Кина во ажурираниот стратегиски концепт на НАТО, и затоа Австралија, Нов Зеланд, Јапонија и Јужна Кореја за првпат биле поканети на самитот на Алијансата.
„Поентата беше да се сигнализира дека НАТО „не ги трга очите од Кина“ дури и во време кога се фокусира на зајакнување на одбраната на Украина“, рече еден од официјалните претставници, додавајќи дека тоа го зајакна демократскиот свет и во однос на Русија и Кина.
Видете и ова: И Кина против НАТОПрашања за годините што доаѓаат
Иако НАТО ќе биде принуден да донесе некои брзи одлуки за Русија и позиционирањето на нејзините трупи, Кина ќе доминира во размислувањата во годините што доаѓаат, истакнува Политико.
Иако Кина е „број еден“ долгорочна закана, помалку е јасно колку директно целите на Кина влијаат на западната алијанса, посочува бриселскиот портал. За разлика од Русија, Кина не дели никаква граница со земја на НАТО. И нејзините територијални претензии, како Тајван, се главно лоцирани на источниот брег на земјата, а не во дворот на НАТО.
Покрај тоа, додава Политико, кинеската воена агресија може да има загрижувачки последици. Кина е се поблиску до Русија, додека САД, убедливо најголемата армија на НАТО, ветија дека ќе го бранат Тајван доколку биде нападнат.
Во тој случај, може да има огромни економски последици бидејќи Европа и голем дел од светот се потпираат на кинески полупроводници за напојување на широк спектар на уреди, од паметни телефони до автомобили.
Во стратешкиот концепт, сојузниците се обидуваат да ја доловат оваа сложена динамика, внимателно разгледувајќи како да ги дефинираат безбедносните прашања додека избегнуваат премногу запалива реторика.
Многумина веруваат дека голем акцент ќе биде ставен на односите на НАТО со Русија, но и дека сојузниците ќе мора да признаат дека прашањата околу Кина се поголем предизвик и дека стратегискиот концепт „нема да биде крај, туку почеток на дебатата“.