Лекарите против вирусот, НАТО против „виросаните“ вести

Здравствената криза наметна и нова борба во светот, борба против лажните вести за справувањето со КОВИД-19. Северноатлантската алијанса, покрај своите задачи, сега има уште една нова, да ги демантира информациите кои доаѓаат од руските интернет портали за негативната улога која му ја припишуваат на НАТО.

Во Кочани наводно е пронајдена неупотребена епрувета со натпис Протокол за истребување со КОВИД-19, дестинација Италија со потпис американски воени сили – ваква слика на социјалните мрежи се шири со коментари дека тоа е масло на Западот, кој прави експерименти со народот. Во меѓувреме на разни портали и социјални мрежи се шират и информации за тоа дека дошло време за нови сојузи и геополитички прегрупирања.

Ова се само дел од многуте лажни вести кои на интернет порталите се шират побрзо од самиот коронавирус.

Македонија како земја членка на НАТО е дел од борбата против лажните вести и дезинформации кои дополнително ја отежнуваат битката со здравствената криза.

НАТО ќе формира тимови за борба со хибридни закани во Северна Мaкедонија и Црна Гора, откако лажните вести и дезинформации на Русија и Кина зедоа голем замав со кризата на пандемијата од коронавирус во Западен Балкан, изјави амбасадорката на САД во Алијансата, Кеј Бејли Хачинсон на брифинг за новинари.

„Првата група замина за Црна Гора, еден од соседите на Северна Македонија. И мислам дека тие ќе бидат достапни за Северна Македонија со цел да ги подготват македонските медиуми да ги отфрлат овие кампањи за ширење на дезинформации. Една група веќе работи во Црна Гора, и ние, секако, ќе го разгледаме барањето од Северна Македонија за тимови за поддршка во борбата против хибридни закани со цел обука на луѓето таму како да ги отфрлат овие кампањи за ширење на дезинформации, “ одговори таа на новинарско прашање на брифингот.

Илија Џугуманов од Евроатлантскиот сојуз на Македонија вели дека ковачите на заговори честопати одат во крајност со злоупотреба на дневнополитичките проблеми.

„Сето тоа се користи, се оди во потполна друга крајност каде што се злоупотребуваат дневно-политички проблеми поврзани со одредени глобални состојби, за на крајот да стигнат до дезинформации за распад на самата Алијанса, потоа дека ова ни се случувало поради самото членство, дека НАТО, како демек тестира 5Г мрежи, и до крајност дека самиот вирус е оружје на Aлијансата. Тука наративите одат во тотална крајност“, вели Џугуманов.

Првиот човек на Алијансата, Јенс Столтенберг, предупредува и за лажните вести и информации кои, како што вели, ги лиферуваат државни и недржавни институции со цел да внесат раздор меѓу земјите членки. Затоа, додава Столтенберг, потребно е сојузниците да соработуваат за да се разоткријат и спречат таквите влијанија

Алијансата објави и топ пет руски митови за НАТО и КОВИД-19.

„Во нашата заедничка борба против пандемијата КОВИД-19 фактите и информациите се поважни од кога било. Од почетокот на кризата, руските власти упатија лажни обвинувања за улогата на НАТО во борбата против КОВИД-19“, се вели во соопштението на Алијансата кое неодамна беше објавено.

Видете и ова: Столтенберг: НАТО ги поддржува здравствените власти против корона кризата


КОВИД-19 ќе доведе до распад на НАТО, Коронавирусот е создаден од НАТО, преку вежбите на НАТО се шири коронавирусот, ова се дел од руските митови кои се шират на социјалните мрежи. НАТО објави факти со кои се демантираат таквите дезинформации. Алијансата го демантира тоа посочувајќи дека НАТО е создадено за да се справува со кризи, и дека работи во насока да спречи здравствената криза да стане безбедносна криза. Во соопштението е наведено дека способноста на Алијансата не е поткопана и дека сите суштински активности непречено се одвиваат при што се преземени сите безбедносни мерки.

Видете и ова: КФОР донираше заштитна медицинска опрема за Северна и Јужна Митровица


„Факт – НАТО има своја улога во поддршката на сојузниците во борбата против КОВИД-19. Тоа вклучува овозможување авионски превоз на медицински средства и опрема, согласно барањата за поддршка и понудите на сојузниците и партнерите, при што обезбедува иновнативни начини на одговор. Повеќе сојузници, меѓу кои Чешка, Италија, Луксембург, Холандија, Северна Македонија, Романија, Словачка и Шпанија имаат бенефит од оваа поддршка“, се вели во одговорот на НАТО.

Џугуманов вели дека локалните дезинформации кои секојдневно доаѓаат од порталите најчесто имаат поголема успешност во посткомунистичките, односно меѓу југословенските народи каде што поголем број на проблеми во конспиративен контекст се ставаат во контекст со уште други проблеми при што се злоупотребуваат емоции, историско минато и одредени сличности со Истокот, сè со цел да се негираат дел од западните вредности.

Земјите членки на Алијансата досега учествуваа во неколку хуманитарни акции со донација на медицинска опрема.

Дезинформациите што ги шират проруските медиуми се засноваат на приказна дека коронавирусот е човечко дело и дека Западот го користи како оружје, се наведува во европскиот извештај пренесува Фајненшл тајмс.

Светската здравствена организација тврди дека сите достапни докази покажуваат дека SARS-CoV-2, коронавирусот што предизвикува КОВИД-19, има природно потекло од животните и не е креиран вирус. Како што потврди СЗО, новиот вирус и болеста беа непознати пред неговата појава во Вухан, Кина, во декември 2019. Неодамнешмата анализа на геном на секвенца од SARS-CoV-2 покажа дека нема доказ оти вирусот е создаден во лабораторија или креиран на некој друг начин.

Џугуманов објаснува дека со секојдневното користење на социјалните мрежи во услови на пандемија кога мнозинството времето го поминува дома пред компјутер или лап топ граѓаните се соочуваат со огромен број на информации и дезинформации.

„Само нашата земја има над стотици портали и мрежи кои објавуваат проблематична содржина, но и самите по себе се проблематични затоа што структурата која ги води е нејасна. И сега ако на тоа се надоврзат илјадници профили кои ја споделуваат оваа содржина, но и одредени политички групации и движења, сметам дека самиот пејсаж со кој се соочува секојдневно македонскиот граѓанин не е едноставен“, вели Џугуманов.

Тој препорачува во овој период кога граѓаните поголемиот дел од денот го поминуваат дома со најблиските да внимаваат пред бомбастично да им соопштат каков наслов прочитале, без при тоа да ја прочитаат веста. Треба да го искористат слободното време и да проверат кој објавува и дали тоа го е објавено доаѓа од релевантни извори.

Видете и ова: Чулев - За друштвен народ ригорозни анти-корона мерки


Неодамна и претседателот Стево Пендаровски истакна дека изминатите денови имало обиди за организирано ширење лажни вести во земјата, за да се влоши ситуацијата, користејќи ја епидемијата со корона-вирусот. Службите во неговиот кабинет детектирале неколку такви обиди за предизвикување паника. Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев неодамна на прес конференција соопшти дека со ОЈО биле испратени пријави против неколку портали и корисници на социјални мрежи за ширење на лажни вести.

На глобално ниво вонредната состојба се злоупотребува со цел поткопување надемократските процеси, системите на функционирање во демократиите, а во огромна мера ја таргетира довербата на граѓаните во јавните институциино и пазарната економија, велат аналитичарите. ЕУ и НАТО ја обвинуваат Русија за тајна акција, вклучувајќи дезинформирање, во обид да го дестабилизира Западот со користење на поделбите во општеството. Русија ја демантира таквата тактика, а претседателот Владимир Путин ги обвини странските непријатели дека ја напаѓаат Русија со ширење лажни вести за епидемијата за да предизвикаат паника.