Американскиот заменик помошник државен секретар за европски прашања Метју Палмер кој исто така е и специјален американски пратеник за Западен Балкан смета дека на самитот на Европската унија е неизбежно да дојде и до разговори за пристапувањето на Скопје и Тирана во Европската унија.
„Непосредното прашање на агендата, прашањето со кое Европскиот совет ќе се соочи на состанокот во март ќе биде дали да отвори преговори со Северна Македонија и Албанија. Соединетите држави многу се надеваат дека одговорот на тоа прашање е да. Мислиме дека тоа е важен сигнал да се испрати во регионот. Сметаме дека е неопходно и Северна Македонија и Албанија да имаат јасен европски пат и европска перспектива“.
Палмер изрази загриженост и поради влезот на Русија во регионот и, како што рече, обидите да се поткопа меѓународната поддршка за македонско – грчкиот договор со кој беше ставен крај на 27-годишните несогласувања меѓу двата соседа и го отстрани противењето на Атина за македонскиот влез во НАТО и во Европската унија.
Видете и ова: Пендаровски очекува Шпанија да го ратификува протоколот за НАТО во март
„Загрижени сме за руските намери во однос на Западен Балкан. Доколку се идентификуваат неколку, би укажал на руските напори да ја намалат поддршката за Договорот од Преспа меѓу Скопје и Атина, како уште еден пример за малигни активности од страна на руската држава“.
Палмер додаде дека за разлика од Москва која претпочита поделен Западен Балкан, Вашингтон е за стабилен европски регион:
„Соединетите држави имаат визија за Западен Балкан, тоа е позитивна визија. Тоа е визија за регион во мир внатре, во мир со соседите, стабилен, просперитетен и интегриран во европското семејство на нации. Тоа не е визијата на Русија“.
Според Палмер, Русија сака да има елемент на хаос, област каде што може да го подигнува или спушта нивото на напнатост и која може да ја користи како клин меѓу Западен Балкан и Западот.