Експертот на Меркел, ќерката на Песков и ракетите на Путин
МАКЕДОНИЈА - Германскиот експерт Валтер Дефа, што во Македонија го испрати германската канцеларка Ангела Меркел, го одржа првиот состанок во Владата и беа утврдени приоритетите и секторите на приоритетно делување.
МАКЕДОНИЈА - Пратениците од СДСМ и од ДУИ цел ден си ја префрлуваат вината за тоа кој е виновен за неуспешно завршената процедура за одземање на имунитетот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Трајко Вељаноски. Сепак, се тврди дека владината коалиција е стабилна.
БЕЛГИЈА - Ќерката на портпаролот на Путин, како приправник во ЕП, оди на состаноците на парламентарците, има пристап до разни документи и до внатрешната мрежа на Парламентот, што според неколкумина европратеници претставува руска рака во европскиот џеб и е срамно и недозволиво за ЕП од безбедносни причини.
РУСИЈА - Руската државна телевизија објави список на американски воени објекти што Москва би ги таргетирала во случај на нуклеарен напад и дека хиперсоничната ракета што Русија ја развива би можела да ги погоди целите за помалку од пет минути. Меѓу објавените мети се Пентагон и претседателското засолниште Кемп Дејвид во Мериленд.
КОСОВО - Косовскиот премиер Рамуш Харадинај изјави дека дијалогот за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија одредени кругови во Приштина и Брисел го претворија во дијалог за територии, но порача дека Косово нема да даде ниту педа земја во замена за признавање.
ГРЦИЈА - Градинките, основните и средните училишта во повеќе делови на Грција се затворени поради лошото време и ниските температури, додека пак на трите атински пристаништа има забрана за пловидба на дел од бродовите.
КАЗАХСТАН - Претседателот на Казахстан Нурсултан Назарбаев го назначи Аскар Мамин за нов премиер на земјата. Пред четири дена Назарбаев ја распушти владата поради, како што образложи, неуспехот да го подигне животниот стандард и да ја диверзифицира економијата надвор од енергетскиот сектор. Мамин од 2016 година е вицепремиер.
САД - Човек кој погрешно бил затворен речиси 40 години ќе добие 21 милион долари како компензација од градот Сими Валеј. 71- годишниот Крејг Коли е ослободен во 2017 година откако беше помилуван од тогашниот гуверенер Џери Браун. Гувернерот изјави дека ДНК доказите и новата истрага покажале дека тој бил невин. Коли бил осуден во 1978 година за убиство на неговата девојка и нејзиниот 4 годишен син.