Насмевката на „воскреснатите“ компјутери

Борче Стаменов од Кавадарци е дел од иницијативата „Донирај компјутер“. Фото: „Види Вака“

Денешното живеење е тешко да се замисли без компјутер. Во секојдневието или на работа, овие машини веќе се дел и од образовниот процес, во школите и универзитетите. Но, и покрај тоа, не секој може да си дозволи да купи компјутер. Затоа Борче Стаменов од Кавадарци поправа употребени компјутери и потоа ги донира. Во разговор со РСЕ тој зборува за иницијативата преку која се доделени стотици компјутери.

Г-не Стаменов, вклучени сте во акција во која граѓани прво кај Вас донираат компјутери, Вие потоа ги поправате и ги донирате на луѓе на кои им се потребни. Како започна ваквата приказна?

Приказната почна во фирмата каде сум вработен веќе 20 години. Честопати наши клиенти оставаа половни или дотраени машини пред да купат нови, а јас видов шанса да ги поправам. На почетокот овие компјутери ги дававме за вежбање на деца практиканти кои нѐ посетуваа и така започна целата акцијата со донирање. Дониравме 20 компјутери без да планираме дека сето тоа ќе прерасне во иницијатива за донирање, не само во Македонија, туку и надвор од границите. Така започна приказната! Првите 20 до 30 компујутери ги дадовме во Кавадарци, а првиот компјутер го доби иницијаторот на идејата „Донирај компјутер“ – самохрана мајка на три дечиња којашто случајно дојде во нашата фирма и побара дали имаме некаков половен компјутер, а јас средив една машина и им ја однесов дома. Тоа беше иницијалната каписла за тие компјутери што остануваат, да бидат искористени.

Колку вкупно компјутери се досега донирани и дали луѓето имаат желба да донираат?

Досега се донирани околу 1.600 компјутери. Луѓето нормално дека имаат желба, само треба некој да ги поттикне и да им укаже дека таа идеја е добра. Од тие 1.500 до 1.600 компјутери кои ги имаме добиено, голем број се поправени успешно, а останатите едноставно не било можно да се поправат и биле отстранети на прописен начин. Ние имаме направено некаков нефорамален договор со „Нула отпад“ од Скопје кои го подигаат тој отпад за да не заврши на улиците и на некој начин сме и зелена иницијатива којашто се грижи за околината.

Работилницата каде Борче Стаменов ги поправа компјутерите за да бидат подготвени за донација. Фото: „Види Вака“

Како одлучувате на кого ќе дадете компјутер?

Имаме воспоставено систем преку страницата на Фејсбук „Донирај компјутер“ каде секој којшто мисли дека треба да добие компјутер, должен е да достави било каква потврда дека е во таа состојба во која тврди дека, односно дека е социјално загрозено лице, да достави потврда од социјално; ако има дете со посебни потреби, нормално да достави некаква потврда или решение од лекар, и така натаму. Досега не сме одбиле скоро никој што се пријавил по претходна консултација со нас. Им кажуваме на луѓето каде да набават такви потврди и така ги решаваме сите пријави.

За оваа акција добивте и награда од Европската унија?

Наградата ја добивме сосоема случајно. Со Европската унија имам доста добра соработка веќе две-три години и имаат донирано огромен број на квалитетни компјутери. Наградата беше случајна, јас помислив дека треба да одам да се сретнам со амбасадорот и да разговараме како да одиме напред со други планови. Наградата што ја добив беше надвор од било какво гласање или конкуренција, тоа беше специјална награда за солидарност која ја додели Европската унија. Ние го посетивме амбасадорот и во резиденцијата во Скопје, каде ни додели признание како „ковид херои“ коишто сме се истакнале во време на пандемија.

Какво е чувството кога ќе доделите компјутер на некој на кој му е потребен?

Јас на почетокот компјутерите ги носев лично, а бидејќи едноставно сум и малку преемотивен, не можам да ја поднесам целата таа ситуација. Сега сите наши компјутери ги испраќаме по „карго“ и луѓето ги подигнуваат лично. За оваа работа доста ни помогнаа и од „Еко Логистик“ сервис од Скопје, кои сите донации кои ги праќаме бесплатно ги носат до крајниот корисник. Чувството е неописливо кога ќе пристигнеш дома и ќе видиш дека си добил порака од детенце кое испратило сликичка со благодарност. Не можат да се опишат емоциите со кои се соочуваме секојдневно, но убаво е да се помага.

Борче Стаменов од Кавадарци е дел од иницијативата „Донирај компјутер“. Фото: „Види Вака“

Какви се условите и можностите да се донира компјутер кај Вас?

Компјутери можат да донираат сите граѓани или институции. На нашата веб-страница има податоци за контакт и тука е наведено како треба да се донира, минимални конфигурации кои ги примаме. Оттука проценуваме кој компјутер може да се искористи. На интернет страницата може секој да се јави и да добие информации. Сега веќе отворивме и наше здружение „Донирај компјутер“ преку кое се надевам дека процесот дополнително ќе биде олеснет на преземање и донации од фирми и на оние на кои им е потребна документација за да се знае каде отишла донацијата. Сепак, уживаме голема доверба кај физички и кај правни лица.