Народниот правобранител Насер Зибери денеска најави иницијатива за измени на Законот за облигациони односи, а ако треба и други прописи, со кој каматите нема да смеат да го надминат основниот долг. Со тоа ќе се спречи граѓаните да останат во должничко ропство до крајот на животот. Не смее каматата да биде трипати поголема од основниот долг, рече тој на прес конференцијата во Скопје.
Видете и ова: Стоп за извршителите - симнете ни ја јамката околу вратотГраѓаните и минатата година најмногу се жалеле на правосудството, особено на работата на извршителите. Зибери рече дека се констатирани помал број повреди во постапката на извршување, но нагласи дека се неопходни системски измени во делот на пресметувањето на каматата.
„Висината на каматата мора да се плафонира најмногу до 100 проценти од основниот долг. Сведоци сме дека има граѓани кои поради основен долг и постојано зголемување на каматата скоро цел живот остануваат должници кон доверителите преку извршителите. Не се во состојба, поради минималните примања, да го исплатат долгот и износот на каматата и на тој начин тие цел живот остануваат должници. Тоа за една социјална држава како што сме ние, утврдено во Уставот, е недозволиво“, рече Зибери.
Тој денеска го презентираше Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2021 година.
Зибери се пожали дека Владата им го намалила буџетот за годинава за 30 отсто со што се оневозможува работата на институцијата.
„Јас ова го сфаќам како намера на Владата да не овозможи квалитетен надзор на работата на органите на управата со недостиг на средства, односно недоволна екипираност и средства за соодветно делување на институцијата Народен правобранител“, рече тој.
Видете и ова: Застој за лични карти- луѓе без пензии и социјална помош, а може да останат и без право на гласНародниот правобранител минатата година разгледувал 3075 претставки за прекршување на човековите права, а во 755 случаи биле констатирани повреди на човековите права. Најмногу претставки биле поднесени во областа на правосудството, па потоа следат детските права, потрошувачките права, работните односи, социјалната заштита, состојбата во затворите и поправните домови, имотно-правните односи и урбанизмот.
Тој рече дека поради пандемијата, бројни институции работеле со ограничен капацитет и тоа ги спречило граѓаните да си ги остварат правата коишто им следуваат.
Летоска било констатирано дека се создаде застој во обновата на лични документи, па многу граѓани не можеле да си подигнат плата, пензија или социјална помош поради истечени документи. По интервенција на Народниот правобранител, банките почнале да им ги признаваат на граѓаните и потврдите дека поднеле барање за обезбедување/промена на лични документи за да може да си подигнат пари. Зибери ѝ се заблагодари на гувернерката на Народната банка за итната реакција и ја посочи како пример за добра соработка со Народниот правобранител за заштитата на правата на граѓаните.
Од друга страна, како најнекооперативни институции, тој ги посочи Министерството за здравство и Управата за водење матични книги.