И по укинувањето на дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“ АД Скопје, граѓаните треба да бидат спокојни – банкарскиот систем е и останува стабилен и сигурен. Стабилни и сигурни се сите други банки, како и штедилниците, соопшти денеска Комитетот за финансиска стабилност при Народната банка.
„Финансиската стабилност постојано јакне и за тоа клучен е придонесот токму на стабилноста и сигурноста на банкарскиот систем. Тој е еден од најцврстите носечки столбови на македонската економија, на којшто секогаш можат и ќе можат да се потпрат граѓаните и компаниите, и економијата во целина. Укинувањето на дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“ АД Скопје е влог во натамошно одржување на стабилноста на банкарскиот систем и на финансиската стабилност во целина“, заклучил Комитетот за финансиска стабилност на денешната седница.
Народната банка завчера ја затвори банката „Еуростандард АД Скопје“ поради неисполнување минимални законски услови за работење. Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, на прес-конференцијата на која ја објави оваа одлука на Народната банка, рече дека затворањето на банката воопшто нема да ја доведе во прашање стабилноста на банкарскиот систем, а сите депозити на штедачите ќе бидат исплатени во рамки на законските рокови.
Согласно 31 јули 2020 година, обесштетени ќе бидат 136.619 депоненти со вкупно 4,4 милијарди денари. Останатите 780 депоненти нема да бидат обесштетени или нема да бидат обесштетени во целост зашто ќе се покриваат само сумите во банката до 30.000 евра.