Иако Законот за прогласување на Шар Планина за националнен парк беше донесен пред две години, и натаму постои можност за заобиколување на забраната на изградба на мали хидроцентрали. Тоа се случува бидејќи Министерството за животна средина и просторно планирање не го потпишува Планот за управување со националниот парк.
Со тоа се овозможуваат нови барања за изградба на мали хидроцентрали на Шар Планина, некои од нив во строго заштитена зона, за што алармира Јавното претпријатие Национален парк „Шар Планина“ задолжено да ја штити територијата на паркот од 63.000 хектари.
Планот за управување е документ во кој се дефинирани сите забранети и дозволени активности за следните десет години, а кој конкретно забранува изградба на нови мали хидроцентрали во подрачјето на националниот парк.
„Со самото прогласување на Националниот парк беше кажано дека изградба на нови хидроелектрани нема да има, бидејќе не се во согласност со Законот за природата. Во меѓувреме, помина и постапката за стратшеката оценка на Планот за управување, во која единствена препорака беше да се спроведува предложениот план, во кој нема никаква забелешка во однос на ставот за неизградба на нови хидроцентрали. Тоа значи дека целиот процес пред јавноста е поминат и дека нови хидроелектрани нема да има“, вели за РСЕ Анела Ставревска Панајотова - од Националниот парк Шар Планина.
Видете и ова: Малите хидроелектрани - Меѓу екологијата и профитотШар Планина беше прогласена за национален парк во јуни 2021 година. До нејзиното прогласување беа издадени десетици дозволи за изградба на мали хидроцентрали. Сега на територијата на паркот работат 8 мали хидроцентрали. Три се во процес на градба, и според „Планот за управување“ рокот од една година да бидат завршени е веќе истечен.
Доставени четири нови барања за мали хидроцентрали
И додека се чека Планот да го потпише министерот за животна средина и просторно планирање, јавната установа НП Шар Планина се соочува со притисок од новите барања за изградба на мали хидроцентрали. Само во изминативе два месеци јавното претпријатие добило три нови барања за мислење за користење на реките за производство на струја, како и едно барање од минатата година.
Без позитивно мислење од Националниот парк, Министерството за животна средина не може да издаде дозвола за изградба на хидроцентрала. Од Националниот парк тврдат дека не издале ниту едно позитивно мислење, но се загрижени од можно заобиколување на процедурата.
Дополнително, проблем е што во јуни годинава истекува и рокот од две години за донесување на Планот за управување и ако се случи тоа постапката ќе треба да почне одново. Со непотпишувањето на документот, Јавното прептпријатие може да изгуби и средства од околу 300.000 долари кои велат дека ги добиле од странски донатори. Оттаму објаснуваат дека уште во ноември лани е испратен Планот во Министерството и дека со месеци чекаат потпис.
Личните интереси пред државниот интерес
Од Министерството за животна средина, пак, велат дека, за Планот е одговорна јавната Установа НП Шар Планина:
„Според наши сознанија тој е е во завршна фаза“, се вели во одговорот за РСЕ од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Министерството неодамна доби нов прв човек, откако со владината реконструкција од министерското место си замина Насер Нуредини од ДУИ, а не негово место дојде Каја Шукова од СДСМ.
Видете и ова: Стотици невладини бараат ЕУ да ги запре малите хидроцентралиОд новите барања за изградба на мали хидроцентрали на Шара стравуваат и граѓанските организации. Во овие случаи тие се сомневаат дека лични интереси на некои инвеститори се ставаат пред државниот интерес за заштита на природните богатства, но и прекршување на Законот за прогласување на Шар Планина за национален парк со продолжување на постапките за концесии.
„Овие барања за изградба на мали хидроцентрали се сосема неосновани и не можеме да ги примиме како правно издржани барања. Во декември 2021 година Постојниот комитет на Бернската конвенција ја донесе препораката со која на Владата ѝ препорачува да ги суспендира и откаже одобрените концесии и планираните за изградба во националните паркови и заштитените подрачја. Ратификуваните меѓународни договори се дел од внатрешниот правен поредок“, вели Ѓорѓи Митровски од Еко-свест.
За четирите нови барања од Јавното претпријатие велат дека градењето на терен тие сѐ уште не е отпочнато, а дека станува збор за барања за дозволи за користење на водите на реките Јеловска, Боговењска и Маздрача, а едно барање е од мината година за хидроцентрала на реката Дуфска.
Проблемот е во тоа што овие информации за нови барања за хидроцентрали на Националниот парк се различни од тие на Министерството за животна средина. Од Министерството велат дека до нив во моментов е доставена само една иницијатива, за изградба на мала хидроелектрана на реката Пена и тоа на локација надвор од границите на паркот.
Причината, како што појаснуваат оттму, е во тоа што за хидроцентралите Јеловска и Боговењска сместени во зоната на одржливо користење на паркот, донесена е одлука за избор, ама не се склучени договори за концесија.
За МХЕЦ Маздрача, која е лоцирана во строга заштита, од Министерството велат дека е започната постапка за спогодбено раскинување на договорот и дека процесот за неа ќе биде затворен согласно законот, откако Владата усвои одлука за спогодбено раскинување на некои од договорите за мали хидроцентрали кои беа лоцирани во зоните на строга заштита на паркот.
Поранешниот министер за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини во декември минатата година за Радио Слободна Европа изјави дека во заеднички договор со инвеститорите, раскинати биле договори за 7 мали хидроцентрали на Шара, но посочи дека има уште 2 или 3 концесионери кои не сакаат спогодбено да ги раскинат договорите.
„Ќе пробаме да најдеме можност да ги раскинеме тие договори, но тие имаат законски право да продолжат да градат. Битно е дека ние бевме успешни со 7 од тие, од кои најголемиот дел, 5 од нив, беа во строго заштитени и активни зони“, рече Нуредини.
Уште нема спогодби за раскинување на сите 7 договори
Но, спогодбена постапка засега не е направена за 7 мали хидроцентрали на Шара, како што кажуваше министерот Нуредини. Постапки за спогодбено раскинување на договорите за концесија се направени за малите хидроцентрали „Вратничка 66“, „Вратничка“ и „Љуботенска, односно 67“„Беловишка 107“ и „МХЕ Пена 82“, според податоците кои ги добивме од Министерството за животна средина и просторно планирање. За нив државата исплатила вкупна сума од над еден милион евра.
„Со Концесионерите е постигната согласност да им се вратат средствата по основ платени концесиски надоместоци, како и вкупно извршените уплати преземени за реализација на договорите за концесии за кои имаат доставено исплатна документација“, велат за РСЕ од Министерството за животна средина.
Оттаму дополнуваат и дека за уште две мали хидроцентрали, „МХЕ Лешочка 100“ и „МХЕ Лешочка 101“, концесионерот се согласил да се повлече од проектите без надоместок.
Проблемот со изградбата на малите хидроцентрали во Македонија се отвори со издадените десетици концесии во текот на 2010 година од кои една третина беа предвидени во заштитените зони како националните паркови. Беа изградени мали хидроцентрали на недопрени реки во Маврово и Пелистер, како и на Шар Планина во период додека траеше процесот за нејзино прогласување за национален парк.