Во следните пет години државата планира да ја преполови невработеноста и од сегашните околу 16 проценти да ја доведе на 8,6 отсто во 2026. Европскиот просек на невработеност, пак, изнесува околу 6 проценти. Економските аналитичари велат дека проекциите се оптимистички, но не и невозможни, а како проблем ги посочуваат луѓето кои со години бараат работа.
Но пандемијата на коронавирусот го потресе пазарот на труд, многу луѓе останаа без работи, едни индустрии пропаднаа, други доживеаја подем, па намалувањето на невработеноста во голема мера ќе зависи и од тоа како ќе се опоравува економијата од кризата, вели професор Борче Треновски од Економскиот факултет при УКИМ.
Тој вели дека пандемијата донесе промени, а предпримеништвото, иновативноста, дигитализацијата и добрата подготовка со практични дејствија на новите генерации ќе бидат пресудна да се создаде кадар што ќе може да се снајде во новата средина. Па ако се фати чекор навреме, пазарот може многу брзо да ја повлече невработеноста и таа да се намали, вели Треновски.
„Но од друга страна може да има определен ризик и невработеноста да остана не определено ниво. Не верувам дека невработеноста ќе се задржи или ќе се зголеми во периодот што доаѓа, од причина што сè повеќе имаме квалификувана работна рака, сè повеќе се исцрпуваат делот од невработените кои се квалификувани и едуцирани, е сега имаме определен проблем со долгорочно невработените лица, оние кои треба дополнително да се преквалификуваат, неактивното население кое треба да се активира, меѓутоа тука треба да се преземат дополнителни определени мерки, да се влијае, да се работи на терен“, вели Треновски.
Видете и ова: За една година за 1200 лица зголемен бројот на невработени во БитолаНо додава дека не може со точност да се утврди дали ќе се намали невработеноста до 8 отсто во следниот период, оти земјава е мала и отворена економија, која е доминантно увозно зависна, но зависи и од извозот.
„Извозот, компаниите и странските директни инвестиции кои ќе донесат ново знаење, нова технологија и ќе привлечат нови вработувања, ќе биде пресудно за брзото намалување на невработеноста, инаку постепеното намалување со сопствени капацитети и домашно преструктуирање ќе биде подолго и поспоро ќе се намалува невработеноста“, вели тој.
Невработеноста се намалува оти младите си заминуваат
Во новата Фискална стратегија што неодамна ја усвои владата се предвидува на среден рок, стапката на невработеност да се намали на 8,6 проценти, додека стапката на вработеност да се искачи на 54,3 проценти.
Премиерот Зоран Заев недамна презентирајќи го предлог ребалансот на буџетот вели дека годинава очекува стапката не невработеност да се намали на 15, 8 отсто, а стапката на вработеност да се зголеми на 47, 5 отсто.
„Креираме поволен деловен амбиент за отворање на нови работни места, поттикнати преку активните мерки и програми за вработување и поддршката за отворање нови работни места. Дополнително, растот на довербата на инвеститорите, новите инвестициски циклуси, значат раст и на побарувачката за работна сила“, рече премиерот Заев.
Економскиот аналитичар Арбен Халили вели дека е можно преполовување на невработеноста и за тоа наведува две причини.
„Прво за жал младите отидоа надвор и сакале или не, таа статистичка бројка ќе се намали или ќе се преполови. Од таа гледна точка последиците ќе ги почувствуваме за едно 10-15 години кога ние ќе станеме пензионери и кога нема кој да работи, за ние да земеме пензија. А второ е што и ден денеска има луѓе што работат, а не се пријавени, па со воведување на конкретни мерки до страна на владата може да се натера стопанството да ги формализира овие работни места“, вели Халили.
Видете и ова: Пари од дијаспората - повеќе преку банка, помалку на ракаНајголем дел од изгубените места се помеѓу ниско платените работници
Во истражувањето за ранливите работници во ковид-кризата на Институтот за економија Фајнанс тинк, се наведува дека вкупно 7500 работници останале без работни места во вториот и третиот квартал изминатата година во споредба со истиот период во 2019 година. Најголем дел од изгубените места се помеѓу ниско платените работници без формален писмен договор за вработување што покажува дека работниците кои и пред пандемијата биле несигурни односно ранливи се силно погодени.
Деспина Туманоска од Фајнанс Тинк на панел дискусија неодамна изјави дека четвртиот квартал од 2020 и првиот квартал од оваа година е забележана блага стабилизација и намалување на невработеноста на пазарот на труд.
„Сепак мора да бидеме внимателни прво од аспект на тоа што веќе ефектот од владините мерки пополека се исцрпува и второ што лицата кои во екот на пандемијата се обесхрабрија да бараат работа се уште не се повторно активирани на пазарот на труд“, рече Туманоска.
Но нивното истражување покажало и две позитивни тенденции на пазарот на труд за време на кризата. Околу 47 илјади ниско платени работни места со плата околу 13 илјади денари, го надминале тој праг поради зголемувањето на минамалната плата која сега изнесува 15.194 денари, како и поради воведените владини субвенции на придонеси за зголемување на платите кои што беа воведени во 2019 година. Втората позитивна тенденција е што во текот на пандемијата згаснаа повеќе од 14 000 неформални работни места кои што не се изгубени, туку формализирани за да може да се искористат владините мерки за субвенционирање на платата. Но овие работни места се формализирани преку договор на определено време, па треба Владата да воведе механизми за нивно задржување и евентуално претворање во договори на неопределено работно време, изјави Туманоска.
Според податоците на Агенцијата за вработување има околу 9000 слободни работни места. Се бара медицински персонал, работници за во угостителство, возачи на автобуси и камиони, продавачи, градежни работници...
27 доктори на наука бараат работа
Во Агенцијата, до мај годинава, имало околу 144 илјади невработени лица, од нив околу 11 илјади се со високо образование, работа бараат и 853 магистри и 27 доктори на наука. Најголем дел од невработените се луѓе со основно или без образование, такви се околу 79 илјади луѓе.
Според податоците, пак, на Државниот завод за статистика, во првото тримесечје од 2021 година, активното население во Македонија изнесува 943 964 лица, од кои вработени се 793 121, а 150 843 лица се невработени.
Стапката на активност во овој период е 56.0, стапката на вработеност 47.1, додека стапката на невработеност изнесува 16 проценти.
Младинската невработеност се намалува, но се уште е висока е изнесува 37 отсто.
Најмногу вработени, пак, има во преработувачката индустрија и во трговијата на големо и на мало, потоа во земјоделство и шумарство, јавна управа и одбрана, градежништво, здравствена и социјална заштита и образование.
Вкупната невработеност бележи пад од 22,4 отсто во 2017 на 16,5 проценти во 2020, но сè уште е далеку повисока од стапката во ЕУ, која во 2019 изнесува 6,7 проценти.