Средношколци од скопските училишта беа дел од првото соларно кино во Кинотека, организирано од здружението „Гоу Грин“, за да се запознаат со важноста на селекцијата на отпадот и неговото рециклирање, на поинаков начин од стандардниот.
Преку еко-иновацијата: мобилна станица за селекција, за да следат проекцијата, младите платија со по некое пластично шише, лименка, хартија... Мобилната станица понуди селекција на 6 типови на отпад, а врз неа беа поставени соларни панели кои ја генерираат струјата потребна за проекција на филмот.
„Со овој вид на активности сакаме да им го привлечеме вниманието на младите, бидејќи не станува збор за обична теорија или дискусија или обука која што би им била здодевна, туку е практично решение и визуелен приказ на она што тоа значи“, изјави за РСЕ, Мила Јовановска, претседателка на „Гоу Грин“.
За да сфатат дека производството на енергија не е така едноставно, особено во период на енергетска криза, пред почетокот на вчерашната проекција, младите беа предупредени дека филмот може да прекине кога ќе се потроши батеријата, бидејќи изминативе денови не беа сончеви.
Колку селектираме?
Според податоците на „Гоу Грин“, македонскиот народ нема навика за селекција, со оглед на тоа што само 2 % од отпадот во Македонија се селектира. Во нашата земја не се рециклира, туку селектираниот отпад се извезува во други земји.
„Нивото на свест не е толку развиено. Тоа можеби се должи и на тоа што мрежата за примарна селекција не е толку распространета, односно нема можности за примарна селекција на пластика и хартија во најголем случај. Тоа што се случува во Скопје сега со социјалното претпријатие „Реди“ е можеби добра мотивација за оние кои живеат во згради да ги пријават своите згради и да добијат канти за селекција на пластика и хартија“, истакна претседателката на „Гоу Грин“.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Колку е тренди да размислуваш зелено?
Дел од младите кои присуствуваа на настанот имаат впечаток дека нивните врсници не се многу по следење на еко-трендовите.
„Ретко кој од младите навистина ја штити животната средина и е запознаен со рециклирање. Млади како млади, не внимаваат на околината, но со вакви акции мислам дека може да се подигне свеста меѓу нив“, изјави за РСЕ, Ема Софрониевска, средношколка од гимназијата Корчагин.
Нејзиниот соученик, Мартин, вели дека постои свесност, но недостасува конкретна акција.
„Мислам дека сите се свесни дека ја загадуваат природата, но не прават многу за да го сменат тоа. Сите знаеме што треба да правиме, но никој не сака да се потруди да направи промена која потоа ќе има влијание. Воопшто не е тренд меѓу младите да ја чуваат природата, или пак, да фрлат шише во канта, наместо каде ќе им текне и тоа е вистината“, сподели средношколецот Марко Јаневски за РСЕ.
Според Јовановска од „Гоу Грин“ се појавува проблем и кај следењето на модните трендови меѓу младите.
„Има доста за разговор со нив околу „fast fashion“. Односно тие можеби носат торбички за пазарење, меѓутоа пак се најголемите потрошувачки на облека од компании коишто многу загадуваат. Тоа се оние произведувачи што секој месец скоро пласираат нови парчиња облека и ѝм наметнуваат нови трендови на младите, а тие се „обврзани“ да го следат трендот и да ги купат тие парчиња облека. Има многу аспекти, не е само до платнената торба. Ако носам платнена торба или џемпер од мајка ми што го носела во нејзината младост, тоа е супер, меѓутоа исто толку треба да бидеме внимателни дали купуваме сок во пластично шише секој ден, или пак, нова јакна секој зима, затоа што потрошувачката, односно зголемената потреба за купување на нови и нови производи ѝ штети на животната средина“, вели Јовановска.
Клучот е во младите
Проектот „Соларни кина" доби поддршка од Француската Амбасада и Францускиот институт во Скопје, бидејќи како што велат од институтот, решението на проблемот почнува од младите.
„Она што е додадена вредност и е многу важно за нас во овој проект е тоа што се работи со младите, со ученици и студенти. Тоа е клучно за да се помогне во, да речеме, менување на умовите и да се развие вистински ефикасна политика за животната средина. Мора да почне со младината. Бидејќи тоа ќе помогне како прво да се сменат ставовите на нивните блиски, семејствата и пријателите. И секако, многу скоро кога ќе бидат возрасни ќе почнат да работат, ќе бидат способни да имплементираат зелени политики за животната средина“, изјави за РСЕ, Иго Бештел, директор на Францускиот институт во Скопје.
Младите ја следеа проекцијата на францускиот филм „Си беше една шума“, на Лук Жаке, а учествуваа и во интерактивен квиз за проверка на знаењата на тема селекција и рециклирање на отпад. Овој настан го означи и почетокот на Европската недела за намалување на отпадот, која се одбележува од 20-28 ноември.