На кого ќе му се стемни од струјата?

Владата треба да набави јаглен за РЕК Битола за да го зголеми производството на струја согласно потребите. Директорот на МЕПСО Рамадани изјави дека земјата троши двојно повеќе струја отколку што произведува и дека за октомври ќе ѝ платиме долг на Европа од десетици милиони евра.

Компаниите кои тргуваат со струја се виновни и тие ќе треба да го платат долгот на МЕПСО кон европската мрежа, тврди Владата. Но, според експерти вина за енергетската криза во земјава сносат и надлежните кои задоцниле со набавката на јаглен и струја по поевтина цена. Владата сепак отвора и можност по изборите да им помогне на овие компании.

Фирмите трговци со струја ќе треба да го платат милионскиот цех на МЕПСО кој настана поради недозволеното користење на електрична енергија од европската мрежа, велат од Владата во одговор за Радио Слободна Европа. До ова дојде поради разликите меѓу потрошувачката и производството на струја во земјава, но Владата подоцна излезе со соопштение во кое наведува дека по изборите можно е да им излезе во пресрет на енергетските компании со помош од буџетски пари.

По информациите во јавноста дека МЕПСО нема доволно пари за да го исплати долгот кон европската енергетска мрежа, кој до крајот на месецов може да достигне до 15 милиони евра, од Владата за Радио Слободна Европа велат дека според Законот за енергетика не можат да се мешаат во финансиите и менаџирањето на МЕПСО.

„Ова значи дека, во случајов, тие потрошувачи што правеле дисбаланси испорачувајќи помалку струја, ќе треба да ги подмират трошоците за настанатата состојба“, велат од Владата.

Експерти уште на почетокот на октомври за РСЕ предупредија дека голем дел од компаниите кои либерално набавуваат струја на европската берза, нема да можат да ги испочитуваат договорите за испорака на струјата кои ги склучиле со други фирми, поради високиот раст на цените на струјата на берзите. Тие наведоа дека со тоа „ќе се искомплицира состојбата“ со енергијата во земјава и ќе треба да се ангажираат дополнителни капацитети на термоелектраните со увоз на поквалитетен јаглен.

Проблемот со фирмите кои тргуваат со струја е настанат бидејќи, на пример, некоја од нив склучила договор да снабди со струја други фирми, а во моментот не располага со потребните количини според договореното и за тоа пријавува дебаланс во МЕПСО кој треба да го покрие недостатокот, а на тој начин МЕПСО ги троши резервите. Минатиот месец Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) соопшти дека забележува дека некои компании за снабдување незаконски ги откажуваат договорите со своите клиенти, а се случи и инцидент во кој Аријанит Џафери - синот на поранешниот функционер Муса Џафери физички го нападна директорот на РКЕ Марко Бислимовски поради започната постапка за одземање на лиценцата на неговата фирма „У Пауер“, откако МЕПСО пријавиле дека ја нарушува стабилноста на системот за електрична енергија и неоправдано троши резерви на струја за сопствен профит.

Видете и ова: За и против зголемување на минималната плата

Инаку, МЕПСО четири пати добиле опомени за ненајавено преземање на струја од европската енергетска мрежа, поради што, според директорот Куштрим Рамадани, дистрибутерот веќе има долг од 10 милиони евра и ако продолжи ваквиот тренд во ноември ќе треба да плади 15 милиони евра. Рамадани за телевизија Телма изјави дека ниту производството, ниту пак увозот во моментов не можат да ја покријат потрошувачката на струја во земјава, која троши двојно повеќе отколку што произведува и посочи и дека МЕПСО нема пари на сметката за долгот кон европската енергетска заедница.

На прашањето што ќе се случува со долгот, од Владата велат дека ,според Законот за енергетика, МЕПСО им фактурира на учесниците на пазарот на електрична енергија за настанатите отстапувања од најавените физички трансакции по цени пресметани согласно методологијата за пресметка за надоместок за услугите за балансирање, утврдени во правилата за балансирањето на електро-енергетскиот систем.

Владата на почетокот на месецов донесе одлука за интервентен увоз на јаглен за РЕК Битола и РЕК Осломеј за да се избегне увоз на струја по високи цени. Но, од Електрани на Северна Македонија (АД ЕСМ) деновиве соопштија дека набавката за РЕК Битола не била успешна, бидејќи понудите не ги исполнувале целосно бараните количини на јаглен.

„Од тие причини АД ЕСМ во најкус можен рок ќе објави повик за РЕК Битола и повторно ќе бара понуди за потребните количини за овој капацитет“, рече директорот на АД ЕСМ Васко Ковачевски.

Според Ковачевски, набавката на јаглен е заради високите цени на берзите во регионот и во Европа и дека „е исклучиво за потребите на отворениот пазар, односно стопанството и институциите со цел да се снабдат со електрична енергија по цени пониски од моменталните цени на берзите“, рече Ковачевски.

„АД ЕСМ има стабилно производство на електрична енергија за домаќинствата и цента на струјата за домаќинствата нема да се менува“, вели Ковачевски.

Можни ли се рестрикции?

Дел експерти сметаат дека се можни рестрикции на електрична енергија во земјава ако државата не го набави потребниот јаглен, во ситуација кога се троши двојно повеќе струја отколку што се произведува, како што соопштија енергетските власти.

Недостатокот на струја, освен поради потребниот увоз на загадувачкиот јаглен за РЕК Битола и РЕК Осломеј, се случува и поради хидроцентралите кои не ги даваат потребните количини на струја поради недостиг на вода.

Професор Константин Димитров вели дека државата пред месеци знаела дека произведува помалку струја, а од друга страна, не ги купила потребните количини по поевтини цели.

„Како што јавија (МЕПСО), ние произведуваме 500 мегават часови, 200 сме купиле, а 300 преземаме без одобрение од заедничкиот систем за балансирање на европската мрежа. Тоа е недозволено. Во наше маало тоа го викаат крадење“, вели Димитров.

Димитров оценува дека енергетската ситуација во моментов е таква поради „политичко и стручно“ незнаење, односно како што вели „дилентантизам“ при раководењето со еден од виталните сектори во Македонија.

Според Димитров, проблемот е локален, бидејќи како што посочува само Македонија нема струја, а тоа не е случај во Србија, БиХ и другите земји од регионот. Тој додава дека земјава можела да купи струја навреме по поевтина цена, на пример пред три месеци.

„Зошто не предвидовме? И тогаш се знаеше дека имаме проблем со ископ на јаглен. Ние уште тогаш немавме јаглен, градежната механизација не функционира како што треба, блоковите на РЕК Битола имаат проблеми, нон стоп еден не работи, а другиот е во испад. Значи имаме проблем со производство, а за да може да произведуваме немаме доволно суровина, ниту навреме нарачавме да купиме електрична енергија по евтина цена“, вели Димитров.

Но, Димитров смета дека ова може и директно да се одрази врз граѓаните. Земената струја ја плаќаме скапо, вели тој додавајќи дека цената ќе се плати независно дали парите ќе се дадат директно преку сметките или државата ќе ги даде преку земени кредити. Во однос на можните рестрикции доколку не биде набавен потребниот јаглен, тој вели:

„Има две можности: државата дополнително да се задолжи и со тие пари да купи електрична енергија и тогаш нема да има рестрикции. Но, тие пари повторни ние ќе ги платиме. Втората можност е да се троши онолку колку што се произведува и колку што е однапред купено“, вели Димитров.

Видете и ова: Повисока инфлација-без паника, ама на штрек

Во соопштение од 25 октомври Владата наведува дека фирмите трговци со струја се одговорни за настанатата ситуација и дека тие ќе треба да ги подмират трошоците за настанатата состојба, но исто така посочува дека е можно да им даде помош на овие компании со пари од Буџетот.

Од владиното соопштение се вели дека додека трае изборниот период Владата не може да носи мерки со кои е предвидено финансиски зафаќања од Буџетот.

„Таквите мерки, доколку се усвојат, ќе бидат донесени после изборите, во секој случај ќе им биде излезено во пресрет на енергетските компании со цел одржување на сигурноста со снабдување во идниот период“, стои во владиното соопштение.

Инаку, во однос на набавката на јаглен за РЕК Битола, Ковачевски рече дека понуди за се пристигнати од три македонски рудници, како и од Албанија, Косово, Русија, Турција и БиХ. Вкупно 9 компании се јавиле на тендерот, од кои пет дале понуди за РЕК Битола и осум за РЕК Осломеј. Понудите за РЕК Осломеј ги исполниле барањата за потребните количини, што не било случај за РЕК Битола поради што АД ЕСМ повторно најави дека повторно ќе објави повик.

Иако експерите сметаат дека ситуацијата во Македонија не е директно поврзана со случувањата во европските пазари, цените на пазарот на електрична енергија во Европа годинава бележат голем раст. Гасот е поскапен за 400 проценти, но и јагленот кој е поскапен над 200 отсто со што директно влијае врз зголемувањето на цената на производството на струја.