За точно два месеца земјава може да влезе во уставна криза ако не се изберат нови судии кои ќе ги пополнат засега испразнетите места. На 7 декември ѝ истекува мандатот на судијката Вангелина Маркудова, со што од потребни девет, судот ќе остане со вкупно 4 судии и нема да има кворум за работа.
Додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ со филибастеринг го одложува изборот на тројца од засега четворицата потребни уставни судии, во собраниската процедура на второ читање е предлог закон на Левица со кој се предвидува „предвреме пензионирање“ на сите останати уставни судии. И Левица и ВМРО-ДПМНЕ бараат јавно да се измени начинот на кој се бираат уставните судии.
Видете и ова: Професори, обвинители и советничка- кои се предложените нови уставни судии?Како по сценарио, пратениците во комисијата за избори и именувања со по десетчасовни дебати и процедурални забелешки за корупцијата во власта и партизираноста на Уставниот суд го „закочија“ изборот на последниот предлог за уставен судија, републичкиот обвинител Љубомир Јовески.
До сега двајца од тројцата предлози на владејачкото мнозинство го поминаа комисискиот „филтер“ и го чекаат „аминот “ на пленарна седница, додека шесте предлози на опозицијата беа отфрлени.
Опозицијата одлучи да го закочи процесот кога на дневен ред во Комисијата стигна последниот предлог на власта за уставен судија - Јовески, ден по одлуката на претседателот на Собранието Талат Џафери да го одбие барањето на опозицијата за спроведување на референдумот за договорот за добрососедство со Бугарија.
Во исто време покрај филибастерингот, во собраниската процедура е влезен предлог-законот на уставни судии со кој се бара предвремено пензионирање на досегашниот состав на судии. Ова е закон што може да биде ставен на дневен ред на некоја од наредните нови седници на Собранието, откако не беше прифатено да оди по скратена постапка. Со него е предвидено, ако добие мнозинство гласови, по негово објавување во Службен весник да престане мандатот на досегашните судии.
Проблемот е во тоа што во Уставот е предвидено дека на уставен судија може да му заврши порано мандатот само по четири основи и тоа оставка, истечен мандат, да биде разрешен ако биде осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или кога трајно ќе ја загуби способноста да ја врши својата функција, што го утврдува Уставниот суд. Правниците велат дека со закон не може да се уредува нешто што е веќе уредено со Устав.
Поранешниот претседател на Уставниот суд Сали Мурати за радио Слободна Европа вели дека пред се, по соодветно е да се донесе закон за Уставен суд, отколку закон за уставни судии.
„Во врска со предлог законот за уставните судии, сметам дека не е во корелација со наведените стремежи и препораки на Венецијанската комисија, други домашни и меѓународни извештаи и препораки, од причини што дел од проблематиките кои се предлагаат, веќе се регулирани со Уставот,“ објаснува тој.
Мурати додава дека негов личен став е дека е потребен нова законска рамка и дека за време на неговиот мандат во 2019 година Уставниот суд изготвил нацрт верзија на „Предлог закон за Уставниот суд на Република Северна Македонија“, предлог измени на Деловникот за Уставниот суд и предлог закон за платите на судиите и вработените во Стручната служба на Уставниот суд, кои се испратени до Министерството за правда и Владата од кои не добиле повратен одговор.
Тензии во Собрание за уставните судии
Дополнително ако не се изберат нови судии до 7 декември, а во меѓувреме ако предлог законот ги помине собраниските процедури, во услови на уставна криза, останатите 4 судии нема да можат да донесат одлука за стопирање на процедура на овој неуставен закон.
Мурати вели дека доколку наведениот предлог закон за Уставни Судии се усвои, со кој се повредуваат уставни одредби и меѓународните норми и стандарди, Уставниот суд по службена должност согласно со член 9 треба да даде иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на наведениот против уставен Закон.
Според него со предлогот предвремено пензионирање на уставните судии се повредува еден од главните столбови на независноста на Уставниот суд , односно функционална независност на Уставниот суд т.е. уставните судии, потоа се повредуваат и темелните вредности на Уставот кои се предвидени во пет члена.
Владиниот коалиционер Павле Трајанов со поддршка за предлогот на Левица
Според мислењето на Владата испратено до Собранието, нема потреба од донесување на посебен закон за уставни судии.
„Владата му предлага на Собранието на Република Северна Македонија да не го донесе Предлогот на закон за уставни судии, по скратена постапка поднесен од пратениците Димитар Апасиев и Борислав Крмов“, се вели во владиниот допис.
Како предлагач на законот е потпишан и пратеникот од владејачкото мнозинство Павле Трајанов кој вели дека поддршка дал само за да се отвори дебата за измена на начинот на кој се бираат уставните судии. Тој како дел од владејачкото мнозинство смета дека принципот на кои се избираат уставните судии ѝ одговара само на власта, што според него е погрешно.
„Не сум загрижен за уставниот суд, или дека ние ќе предизвикаме некаква уставна криза, верувам дека мнозинството ќе си избере уставни судии, нема да има толкава празнина. Партии додека се на власт им одговара овој систем, а кога се во опозиција не им одговара, тогаш бараат промени. Тука е проблемот, партиски, политички. Додека СДСМ беа во опозиција го критикуваат Уставниот суд дека е партиски на ВМРО-ДПМНЕ, а сега истата грешка ја прават, предлагаат по иста постапка партиски кадри“, вели Трајанов.
Но, затоа што е дел од владејачкото мнозинство и не се согласува со ставот на мнозинството, тој го ставил својот потпис на предлог законот.
„Генерално поддржувам носење на закон, ако оди во процедура јас имам свои забелешки и сугестии, ќе инсистирам на некои промени. Јас не се сложувам со интегралниот текст на законот, но како процедура, како постапка сум за“, вели Трајанов.
Тој додава дека не очекува да добие поддршка од мнозинството и според него овој предлог закон е „замрзнат“ односно не очекува да се разгледува на седница. Таквата ситуација остава простор идно владејачко мнозинство да го разгледува.
Кацарска- Ако до декември не се изберат нови судии, ќе влеземе во уставна криза
ВМРО-ДПМНЕ поддржува измени, но не дава бланко поддршка за предлогот на Левица
Пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека ја поддржуваат идејата да се смени начинот на кој се бираат уставните судии, односно да законски да се дефинира условот „истакнат правник“ врз основа на мерливи критериуми и исполнување на тие критериуми како предуслов за кандидат за уставен судија.
Заменик координаторот на пратеничката група ВМРО-ДПМНЕ во Собранието Ели Панова вели дека во предлогот има одредени елементи кои се дискутабилни и за кои е потребно широка дебата со експерти за да се донесе закон за Уставен суд кој ќе биде применлив долги години.
„Не е поентата да се донесат закони кои ќе бидат по ќеиф или задоволство на една политичка партија, без разлика за која и да станува збор. Ако стигне воопшто понатаму во процедура овој закон, верувам дека ние ќе имаме амандмани, ќе имаме конструктивна дебата во насока да се донесе закон кој ќе ги задоволува потребите на Република Македонија за Уставен суд и уредување на одредени работи кои што сега во моментов преставуваат проблем. Не сум сигурна, односно не можам да ви кажам дека ќе го поддржиме законот таков каков што е предложен, ние поддржавме закон кој ќе отвори расправа за Уставниот суд, но сите елементи во законот каков што е, не можам да кажам дека ќе ги прифатиме“, вели Панова.
Таа додава дека не може да се даде бланко поддршка за каков било закон, туку е потребно со јавна дебата да се дојде до квалитетни решенија за сите моментални проблеми кои ја тиштат судската фела и македонската јавност која има недоверба во судството.
Видете и ова: Уставниот суд заложник на партиски пресметкиДоколку изборот на тројца од засега потребните четворица уставни судии и натаму се пролонгира Уставниот суд ќе става во ризик да не може да функционира затоа што на 7 декември и истекува мандатот на судијката Вангелина Маркудова, по што ќе нема кворум за заседавање. Ако оваа ситуација продолжи и по 7 декември спас од евентуална уставна криза може да донесе Судскиот совет од чии редови треба да дојде наследникот на Маркудова.
Претседателката на судот Добрила Кацарска денеска со писмо го извести Судскиот совет како предлагач и Собранието како орган којшто го врши изборот на уставни судии за истекот на мандатот на Маркудова.
Тој предлог според правилата за избор на уставни судии нема да се разгледува во собраниската комисија за избори и именувања, туку ќе биде ставен на дневен ред на пленарна седница.
Поранешниот претседател на Уставниот суд Мурати порачува дека е потребно донесување на сеопфатен закон за Уставниот суд, во согласност со анализите и меѓународните препораки
„Препорачувам во реална и разумна атмосфера, без нереални барања, без контрадикторности, наметнувања, непрецизност и нефункционалноста да се донесе нов закон во духот на нашиот Устав, уставниот поредок и модерна уставна судска пракса за работа и функционалност на уставните судови во светот“, вели Мурати.
Седумнаесет месеци највисокото судско тело во земјава работи со минимален број на судии, затоа што на четворица од вкупно девет им истече мандатот уште во мај минатата година. Изборот започна уште кога недостасуваа тројца, и додека да стартува комисијата со работа му истече мандатот на уште еден судија. Додека да заврши изборот на првите тројца постои опасност судот да остане без уште еден, па вкупно ќе недостасуваат пет судии.