Ковид 19 предизвика бројни последици врз мултикултурализмот во земјава, покажува истражувањето што на оваа тема го направи здружението на граѓани Нексус-Граѓански концепт. Оттаму наведуваат дека во периодот на пандемијата се влошила верската и етничката толеранција, стигматизацијата и предрасудите, а се намалила и инклузивноста.
Согласно спроведените интервјуа со претставниците од невладините организации забележано е дека има влошување на мултикултурализмот и создавање на дополнителни стереотипи и предрасуди кон другиот. Оттука ковид 19 доведе до влошување на ситуацијата поврзана со мултикултурализмот, но и со влошување на инклузивноста на одредени заедници и индивидуи, се наведува во заклучоците од истражувањето.
„Истражувањето главно ни покажа дека седејќи дома и немајќи можност да се социјализираме, голем дел од децата се служеа со социјалните медиуми. Од друга страна во образованието многу малку е застапено критичкото мислење, децата не посетуваат настани или немаат содржини преку кои за одредена тема ќе го споделуваат своето мислење, туку напротив тие само ги примаат информациите од медиумите и ги пренесуваат без притоа да се провери дали таа информација е точна“, вели Афродита Муслиу која работеше на истражувањето.
Видете и ова: Во пандемија државата се поднови со 85 возила вредни 3 милиони евра
Во однос на медиумското претставување и известување за време на ковид, посебно во корелација со мултикултурализмот истражувањето се фокусирало на студии и анализи на невладиниот сектор. Притоа е забележан зголемен процент на говор на омраза на социјалните мрежи по етничка и верска основа, поттикнати индиректно од нетранспарентните и неконзистентни мерки на Владата осоебно околу прославата за верските празници.
„Ковид 19 направи да се зголеми и говорот на омраза, односно предрасудите кои се повеќе стануваа јасни. Многу млади си дозволуваа да коментираат непроверени информации, а многу од нив беа на етничка основа.Ние бевме сведоци дека на социјалните медиуми почнаа да се делат и заболените по еничка основа, кој го донел вирусот, кој го пренесува итн. што претставуваше еден голем стереотип“, вели Муслиу.
Таа додава дека е особено важно младите уште од мали да се образуваат на тема мултикултурализам.
Во однос на интернет порталите и објавите кои се анализирале се забележале сензационализам, тенденциозност и неквалитетни содржини кои циркулираат во јавноста, а во некои наврати и вулгарни содржини.
„Се забележува исто така тенденција за поттикнување на различности по етничка основа но кои не се афирмативни, туку со негативна конотација, со што се создаваат стигматизација, стереотипи, дискриминација и во крајна линија говор на омраза. Оттука се јавува потребата од засилена и зголемена регулација на порталите во однос на содржините и начинот за известување кое не би значело цензура, туку зголемена контрола на квалитетот на содржините, а целта на известувањето треба да претставува јавен интерес, а не сензационализам“, се вели во заклучоците од истражувањето.
Нови правила - нови социјални релации
Факт е дека животот по пандемијата не е ист како порано, па според социолозите очекувано е дека новите правила на живеење поставуваат нови социјални релации во односите меѓу луѓето.
Професорот Ѓорги Тоновски вели дека новиот предизвик во животот ги натерал луѓето да наоѓаат разни начини за спас од пандемијата.
„Пандемијата отвори доста нетипични, несоцијални, некоректни однесувања, почувајќи од антивирусни и антиваксерски движења, па се до она што значи можности за манипулација со луѓето, смислување теории на заговор, држење на луѓето во страв итн и сето тоа незасновано врз солидни информации. Она што е најинтерсно кај оваа групација е што таа се повикува на човековите права и знаењето, но од друга страна со однесувањето покажува дека не и верува на науката,“ вели професорот Тоновски.
Видете и ова: Колективен ковид имунитет или вирусот станува ендемски
Социјалните релации станаа своевиден предизвик во овие специфични услови, потенцира Тоновски, па оттука не треба да не изненадува што растат нетолеранцијата, стигматизацијата, предрасудите.
„Ограничувањето на одвивањето на тие релации не може да остане без последици. Стравот е социјална и психолошка категорија и тој влијае на квалитетот на социјалните односи и нивното влијание на начинот на живот во општеството. Заедниците се поделија и по етничка линија, почнаа да се затвораат во себе и да се делат и внатре во нив, настојувајќи на некој начин да ги скратат комуникациите помеѓу себе и тоа со сигурност го менува квалитетот на животот“, заклучува професор Тоновски.
Пандемијата со ковид 19 во Македонија започна кон крајот на февруари 2020 година. Првиот дијагностициран случај во земјата била жена која го добила вирусот во Италија и таму ја поминала инкубацијата. Бројот на заразени започна интензивно да се искачува од почетокот на март, а веќе на 13 март беше прогласена кризна состојба во Дебар и Центар Жупа. Вечерта на 18 март од страна на претседателот Стево Пендаровски поради пандемијата беше воведена вонредна состојба на целата територија, што беше првпат во историјата на државата да се воведе оваа мерка.