Триесет и пет автори од македонската визуелна сцена со 72 уметнички дела, од кои, осум се откупени од Министерството за култура а 64 подарени, ја чинат несекојдневната изложба „Аквизиции - донации 2017-2021“ што ќе биде отворена оваа сабота во 12 часот во Музеј на современа уметност – Скопје.
За првпат, како што ќе биде наведено во информацијата до медиумите, ќе бидат поставени и дела од основоположниците на модерната ликовна уметност во земјава како што се Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Димитар Пандилов, Томо Владимирски, Драгутин Аврамовски... кои досега не се прикажани во јавноста.
Никола Мартиноски
Згора на тоа, во најавата за поставката стои и тоа дека една од позначајните донации е оставнината на почитуваната проф. Д-р Радмила Угринова – Скаловска која се состои од дури 37 уметнички дела. Тука е и онаа на еден од најзначајните современи македонски уметници Глигор Стефанов, кој патем долги години живее и твори во Канада, а кој по завршувањето на својата големата ретроспективна изложба „Грабење во просторот“ во 2019 година одлучи своите сламени „Ангелски крила“ и уште други дваесеттина дела да ги донира на МСУ. Во оваа низа влегува и младата Кристина Пулејкова, која пак живее и твори во Велика Британија, а која несебично се реши да ја подари нејзината самостојна изложба организирана по повод наградата за најдобар млад уметник на Биеналето на млади уметници во 2016 година.
И, кога сме веќе тука треба да се спомене и тоа дека на претстојната изложба „Аквизиции - донации 2017-2021“ ќе се најдат и концептуалните дела од циклусот „Белешки“ на еден од пионерите на интерактивните инсталации кај нас – Симон Узуновски – Симе, што на МСУ му ги подари неговиот пријател и соработник, познатиот македонски сценограф, Крсте Џидров – Џиби. Згора ќе бидат претставени и откупите од страна на Министерството за култура на Македонија во 2017 година каде се делата на автори како Кирил Гегоски, Жанета Вангели, Ибрахим Беди, Миле Корубин и други.
Душан Перчинков
Инаку, во редот на оние кои со своето творештво се присутни на поставката со понуда на уметнички творби работени во различни медиуми како слика, скулптура, графика, акварел, цртеж, видео и инсталација се и автори како Иван Велков, Владимир Георгиевски, Божидар Дамјановски, Катја Ефтимова, Богољуб Ивковиќ, Александар Јанкуловски – Цане, Ристо Калчевски, Киро Караџа, Миле Корубин, Вангел Коџоман, Зоран Малиновски, Власе Николески, Трајче Николовски, Данчо Ордев, Благоја Попоски, Исмет Рамиќевиќ, Александар Ристески, Ана Темкова, Никола Фидановски, Слободан Филовски, Симон Шемов и Теофил Шулајковски.
Жанета Вангели
Куратори на изложбата се кустос Ива Петрова Димовски и кустос соработник Бојана Јанева.
Овој принцип на претставување донирани и откупени дела пред јавноста, Музејот за современа уметност - Скопје го негува уште од далечната 1963 година. До 2000 година, МСУ организираше две посебни поставки „Подарени дела“ и „Аквизиции“, кои за првпат се спојуваат во една изложба „Донации - аквизиции 1987-2000“. Оваа изложба, како и претходните, продолжува со истата идеја да ги презентира квалитетот и квантитетот на делата од колекцијата, да го прикаже минатото на визуелната уметност кај нас, не заради самата историја, туку и поради рефлектирање на важноста за сегашноста и иднината и за колекцијата и Музејот. Примарната функција, односно начинот на збогатување на колекцијата преку откупна политика и понатаму останува ненадминат проблем, но затоа музејот изразува огромна почит и благодарност до уметниците и донаторите, кои и понатаму несебично ја збогатуваат колекцијата на МСУ. Поттикот за донирање останува и понатаму како главен адут на проширување на збирката на оваа наша културна институција, појаснува Ива Петрова Димовски.