Мрачна деловна империја зад подемот на фудбалскиот тим Шериф Тираспол

Лига на шампиони - Мигуел Гутиерез од Реал Мадрид, десно, во дуели со Димитрис Коловос од Шериф за време на фудбалскиот натпревар во групата Д помеѓу Реал Мадрид и Шериф, Тираспол на стадионот Бернабеу во Мадрид, Шпанија

Екипа од заборавен сиромашен агол на Европа не само што се квалификува за најпрестижниот европски фудбалски турнир, туку успеа да победи и еден од фудбалските титани во сегашната фаза на натпреварувањето. Но, што се крие зад ваквиот успех?

Неверојатниот настап на Шериф Тираспол во Лигата на шампионите во Европа се најде на насловните страници низ целиот свет, особено по победата кон крајот на септември над Реал Мадрид со 2-1.

Но, зад холивудскиот подем на тимот, се крие мрачна приказна. Шериф Тираспол е дел од поголема деловна империја основана од двајца мажи со мрачно минато, која не само што доминира во бизнисот, туку и во политиката во Трансдњестар, отцепен регион на Молдавија, кој граничи со Украина и зависи од поддршката на Кремљ.

Притворен главниот обвинител на Молдавија под обвинение за корупција

Компанијата создадена од Виктор Гусан и Илја Казмали - Шериф ООД - се состои од супермаркети, бензински пумпи, градежни компании, хотели, мрежа за мобилни телефони, пекари, дестилерија, како и мини медиумска империја на радио и ТВ станици. Се смета дека Шериф ООД контролира околу 60 проценти од економијата на регионот. Нејзиниот најпознат имот е Шериф Тираспол, кој е основан во 1997 година и може да се пофали со Гусан како негов претседател.

И покрај врските со сеператистите, тимот игра и доминира во највисоката национална лига на Молдавија која има осум екипи. „Фудбалскиот тим Шериф Тираспол е само дел од империјата која економски ефективно го контролира отцепениот регион“, објаснува Сабине фон Ловис од Центарот за источноевропски и меѓународни студии во Берлин, во интервју за РСЕ.

Стадионот Шериф пред фудбалскиот натпревар од групата Лига на шампиони помеѓу ФК Шериф Тираспол и Шахтјор Доњецк во Тираспол, Молдавија,15 септември 2021 година.

„Истото тоа важи и во политиката. Секој пратеник е поврзан со партијата основана од Гусан“, додава фон Ловис, мислејќи на владејачката партија Обновление или Обнова.

Проруските сепаратисти во Трансдњестар прогласија независност од Молдавија во 1990 година, поради загриженост дека Кишињев ќе побара обединување со Романија, откако се распадна Советскиот Сојуз. Две години сепаратистите се бореа против владините сили во конфликт во кој загинаа речиси 600 лица.

Видете и ова: Русија ги отфрли барањата за повлекување на своите сили од Трансдњестар

Регионот сега е поделен, повеќе или помалку, на три еднакви етнички малцинства: Украинци, Руси и Молдавци. Околу половина од оние кои живеат во Трансдњестар имаат руско државјанство. Многумина имаат и молдавски пасоши.

Трансдњестар, со сопствена гранична полиција, војска, валута и знаме, не е признат на меѓународно ниво, но Москва неофицијално ја поддржува самопрогласената влада на сепаратистите, вклучително и со снабдување со бесплатна енергија. Денес таму се стационирани меѓу 1.500 и 2.000 руски војници во еден од најдолготрајните замрзнати конфликти во Европа.

Отцепениот регион долго време беше опишан како земја без закон фатена во советско време. Во извештајот на американскиот Стејт департмент за 2020 година, се наведени произволни апсења, принудни исчезнувања, тортура и сериозни ограничувања на слободата на движење.

Почеток со супермаркети

Не се знае многу за минатото на двајцата основачи на клубот пред нивното појавување во 1990-тите. Во 1993 година, Гусан (59) и Казмали (58) ја основаа деловната холдинг-компанија Шериф, постигнувајќи договор со првиот де факто лидер на Трансдњестар Игор Смирнов кој им дозволи на двајцата потенцијални олигарси да ги преземат супермаркетите контролирани од државата.

„Направија синџир од супермаркети во западен стил и го наполнија со повеќе или помалку легални производи“, објаснува фон Ловис. Наскоро се појавија супермаркетите „Шериф“ со стока шверцува преку границата на Трансдњестар со Украина.

Супермаркет на Шериф во Тираспол

„Повеќе од четвртина век, Молдавија не можеше да ги контролира трговските текови долж делот на Трансдњестар на молдавско-украинската граница“, објаснува Владимир Торик, уредник на РИСЕ Молдавија, истражувачки новинарски проект кој е дел од Глобалното истражувачко новинарство и член на Проектот за известување за организиран криминал и корупција.

Шериф, наводно, своето богатство го должи на илегалната трговија со цигари, алкохол и храна, од кои голем дел наводно е од украинското пристаниште Одеса, 80 километри подалеку. Денес, легитимно или не, Шериф и неговата мрежа на компании доминираат во економијата во молдавскиот отцепен регион, објаснува Мајкл Бобик, американски научник кој опширно пишува за регионот.

ЕУ со план за економска помош на Источното партнерство

„Како резултат на нивното последователно заробување на државата и монополизација на потрошувачкиот сектор, она што некогаш се сметаше за контрабандно, сега е составен дел од економијата на Трансдњестар“, вели Бобик за РСЕ.

Шериф, исто така, зграпчи и други средства во регионот, бидејќи индустријата од советско време беше понудена на аукција. Валери Лицкај, советник на Смирнов, одигра клучна улога во приватизацијата. „Шериф победи на аукцијата“, вели Литкеј за новинската агенција АФП на 27 септември, објаснувајќи дека тие нудат „најдобри цени и гаранции“ и дека фабриките „ќе продолжат да работат“.

Но, Лицкај смета дека компанијата има „многу темна криминална историја“, потсетувајќи дека имале „тешка борба“ со конкурентите. Шериф не одговори на барањата на РСЕ за коментар за наводите за криминал или финансиите на компанијата.

Ако политиката фрла сенка врз бизнисот, тогаш можеби ниту еден случај не го илустрира тоа подобро од односот помеѓу владејачката партија Обновение и конгломератот Шериф.

„Сите членови на парламентот се повеќе или помалку поврзани со Шериф. Синот на Гусан е член на парламентот", објаснува фон Ловис, мислејќи на Евгениј Гусан, член на таканаречениот Врховен совет на Трансдњестар. Тие врски се претворија во финансиска корист за Шериф - и за членовите на парламентот кои работат за компанијата.

Видете и ова: Средба на лидерите на Молдавија и Трансдњестар

Опишувајќи го Трансдињестар како „Шерифска република“, РИСЕ Молдавија тврди дека до 2015 година една третина од сите пари од годишниот државен буџет на сепаратистите завршиле во компании во сопственост на Шериф.

Вадим Красноселски, актуелниот лидер на Трансдњестар чија претседателска кампања беше финансирана од Шериф, ја фали компанијата како „главен даночен обврзник“ во регионот. „Тие создаваат нови работни места, инвестираат“, рече тој за новинската агенција АФП во септември, додавајќи: „Тие се сигурен партнер. Може да им се верува“.

Руската мека моќ

Во 1997 година, Гусан и Казмали го основаа ФК Шериф, ребрендирајќи го веќе постоечкиот тим: Тирас Тираспол. Со годишен буџет проценет на околу 4,7 милиони американски долари, што можеби не многу за европските фудбалски тимови на високо ниво, но многу за Молдавија, најсиромашната земја во Европа, Шериф освои 19 титули за 23 години со главно странски играчи.

Бензинска пумпа на Шериф во Тираспол

Настапот на тимот во Лигата на шампионите оваа сезона е негов најголем успех, но тимот во минатото се квалификуваше и за Лигата на Европа, второто најпрестижно клупско фудбалско натпреварување во Европа. Но, Шериф Тираспол е повеќе од само фудбалски тим, тврди Михаи Исак, молдавски политички експерт.

„Фудбалскиот клуб е вклучен во различни акции дизајнирани да ги промовираат односите меѓу Трансдњестар и Русија“. Во 2015 година, телекомуникациската компанија која ѝ припаѓа на империјата Шериф доби дозвола да работи на Крим, кој Русија го анектира од Украина една година претходно, тврди РИСЕ Молдавија.

Виктор Гусан

Со руски пасош, Гусан е „тврдоглав поборник на „Рускиот свет“ со Трансдњестар како еден од неговите центри“, вели Исак, осврнувајќи се врз вербата поддржана од Кремљ дека милиони руски говорници надвор од Русија, како во Грузија, Молдавија и Украина се дел од поголем „Руски свет“. Гусан, исто така, има украинско државјанство, како и сопственост на земјиште и имот во Киев и Одеса во Украина.

Про-ЕУ претседателката на Молдавија во тешкотии околу формирањето нова влада Преку фирми поврзани со него, олигархот контролира живеалиште од 600 квадратни метри во регионот Одеса, кое тој го користи како викендица.

Покрај имотите на Гусан во странство, бизнисите што ги држи Шериф се исто така активни надвор од поранешниот советски простор. Стоката, од текстил до градежни материјали и кавијар се продава во САД и Јапонија. Тиротекс, производител на текстил поврзан со Шериф, извезува повеќе од 40 проценти од своите производи во Италија.

Мал трик

Квалификациите за Лигата на шампионите веќе донесоа финансиски придобивки за Гусан и деловната империја Шериф, при што тимот заработи над 15 милиони евра.

Илја Казмали

Тие пари пораснаа со позитивните резултати. Победа во групната фаза - нешто што Шериф го направи веќе двапати - значи 2,8 милиони евра во касата на еден тим. Нерешен резултат им носи по 930.000 евра на клубовите. И се гарантираат повеќе пари колку што напредува тимот. Победникот на турнирот ќе освои вкупно 85 милиони евра.

Додека многумина во Молдавија аплаудираат за успехот на тимот во Лигата на шампионите, Мадалин Нечуту, новинар во Кишињев, вели дека успехот на теренот најверојатно нема да биде од полза за Трансдњестар, а камоли за Молдавија.

„Нема промоција на спортови или спортисти од Република Молдавија, дури ни од Трансдњестар. Дури и да беше така, веројатно ќе имавме малку причини да навиваме“, изјави Нечуту за РСЕ, истакнувајќи:

„Видовме тим со многу пари, кој, како што велат во банките, „произведува дивиденда“, стигна до групната фаза од Лигата на шампионите, од која корист ќе имаат сопствениците на клубот“.

Меѓутоа, можеби најголемата награда е таканареченото „спортско перење“ на меѓународниот имиџ на Трансдњестар, тврди Нечуту.


„Лидерите во Трансдњестер, со голема помош од Русија, се обидоа во последните години да го подигнат имиџот на регионот на меѓународно ниво. Но, она што не можеа да го постигнат преку класичната дипломатија, го постигнаа преку фудбалската дипломатија“, заклучува тој.