МПЦ ја чека Вселенската патријаршија - ќе има ли дијалог со СПЦ?

г.г. Стефан, Архиепископ, Охридски и Македонски на литургија за Велигден

Од МПЦ не сакаат да ги коментираат информациите во медиумите дека СПЦ бара возобновување на разговорите на ниво на комисии, сѐ додека не добијат официјално известување од српската црква. Упатените без големи очекувања од дијалогот, но велат дека треба да му се даде шанса

Македонската православна црква сѐ уште нема добиено официјална писмена информација од Српската православна црква за евентуално барање за возобновување на дијалогот за решавање на спорот меѓу двете цркви. Портпаролот на МПЦ, владиката Тимотеј не сака да ги коментира ваквите информации во српските и македонските медиуми и вели дека ќе го почекаат официјалното барање.

„Ако добиеме таква понуда или таков предлог ќе се свика седница на Архиерејскиот Синод на МПЦ и тие ќе одлучат. Каква одлука ќе се донесе, тогаш ќе ви биде соопштено. Засега е неблагодарно јас да шпекулирам за ова прашање“, вели владиката Тимотеј.

Ваквите информации ги објави српскиот весник „Политика“, кој повикувајќи се на извори од врвот на СПЦ, информира дека прашањето за МПЦ-ОА завчера било единствена тема на заседанието на највисокото црквено тело.

Видете и ова: Може ли МПЦ-ОА да го фати „украинскиот воз“ до автокефалност

Евентуалната одлука на Српската црква за возобновување на дијалогот се случува откако минатата недела Вселенската патријаршија одлучи да почне да го разгледува барањето на МПЦ за решавање на нејзиниот статус. Упатените велат дека СПЦ ова прашање го отвара сега, бидејќи стравува дека Вселенскиот патријарх би можел да го примени украинскиот модел и за МПЦ, односно дека нема да се чека црквата мајка на МПЦ која е СПЦ да ја признае црквата туку тоа директно ќе го стори Вселенската патријаршија.

„Како и да се одвиваат работите, конечната одлука е на Вселенскиот партијарх Вартоломеј. Тој треба да донесе одлука и притоа имаме една практика која беше применета во решавањето на украинското прашање. Вториот принцип е кога црквата мајка која дотогаш го организирала верскиот живот, а тоа тука го правеше СПЦ до 1959 година ја извести Вселенската патријаршија дека се создала нова црква и повторно Вселенскиот партијарх носи одлука. Без разлика која постапка ќе се примени, Вселенскиот патријарх е последната инстанца која соопштува дека е создадена нова црква,“ вели Цане Мојановски, поранешен претседател на Комисијата за верски заедници и добар познавач на црковните прашања.

Мојановски вели дека сега СПЦ прашањето го отвара од свои потреби и не е сигурен дека дијалогот може да заврши со решение на деценискиот спор, но дека на истиот треба да му се даде шанса.

„Не сум сигурен дека од тој дијалог може да произлезе решение, кое ќе биде спротивно на досегашните искуства. Но, да не бидеме скептични. Или е тоа создавање претпоставки за српските потреби дека еве тие се обидуваат со дијалог, а ние не сакаме. Дијалогот не треба да ги попречува другите отворени процеси. Има многу претпоставки, но во овој момент не е благодарно да шпекулираме“, вели Мојановски.

Мојановски не е убеден дека Вселенската патријаршија ќе го признае статусот на МПЦ, но по решавањето на украинското прашање, изразува оптимизам дека оваа иницијатива би можела да успее.

Вселенската партијаршија нема временски рок за затворање на ова прашање. Процедурата за тоа дали Вселенскиот Патријарх ќе го потпише томосот за автокефалност на МПЦ може да потрае и ќе зависи од неговата проценка за тоа дали прашањето кое стои отворено со децении, придонесува за јакнење на кохезијата во православието или не.

Инаку, Српската црква одлука за возобновување на дијалогот донесе и во 2015 година и формираше комисија, но разговорите со МПЦ никогаш не почнаа. Македонските владици минатата година одлучија да побараат апелациона постапка пред Вселенската патријаршија со цел признавање на македонската автокефалност.