МПЦ-ОА нема да ги прекине литургиите, воведува вонредни правила

Архивска фотографија - Поглаварот на МПЦ-ОА, владиката Стефан

Светиот Архиерејски Синод (САС) на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ–ОА) денеска соопшти дека нема да го прекиние литургискиот богослужбен живот, но дека ќе се прилагоди на новонастанатите услови и на вонредната ситуација, почитувајќи ги донесените мерки за заштита.

Од таа причина САС на МПЦ–ОА упатува апел за реално да се гледа опасноста од раширениот коронавирус за почитување на препотраките за што ги истакнува и следните насоки:

1. Светите Литургии и сите богослужби да се одржуваат со неколкумина сослужители, со најмногу петмина верници, водејќи грижа да не се наруши веќе наложената мерка за јавен собир.
2. Со благослов на надлежниот епархиски архијереј, во своите парохиски храмови, верниците да пристапат кон Светата Причест, на начин што е веќе востановен и утврден.
3. На повозрасните, изнемоштените и имунослабите лица, како и на децата, им препорачува да останат во своите домови. Доколку имаат духовна потреба, истите да се најават кај своите парохиски свештеници за да бидат причестени во домашни услови.
4. Во оваа вонредна состојба го благословува и го смета за полезно медиумското пренесување на црковните богослужби од националните и локалните медиуми, како и на интернет ресурсите.
5. Оние, пак, кои во претстојниот период се одлучиле за самоизолацијата, или, пак, на кои истата им е наложена како превентива против заразата, ги охрабрува во нивната самопожртвуваност, затоа што таа ги штити и нив, но и другите околу нив.
6. Со своето однесување, никој не смее да биде причина за нарушување на востановените безбедносни регулативи и постоечките здравствени норми.
7. Евентуалните прекршители на вонредните владини мерки треба да понесат сопствена одговорност.
8. Доколку се констатира остварен контакт со позитивен носител на овој вирус, во црковно-административен објект, парохиски храм или манастир, да се следи протоколот предвиден од надлежните здравствени власти и веднаш да се пристапи кон карантински услови, дезинфекција и самоизолација.
9. Припадниците на клирот да ја следат личната здравствена состојба и при секој изразен симптом, познат за оваа болест, да го известат својот матичен лекар.
10. Погребите да се извршуваат на отворен простор, а крштевките, доколку е неопходно, во кругот на најтесното семејство, се наведува во соопштението од САС на МПЦ-ОА.