Поделени се мислењата на домашната јавност околу алтернативните идеи за стратешко партнерство наместо полноправно членство во Европската Унија кои почнаа да се појавуваат во јавноста во контекст на реформите во процесот на проширување. За дел од домашните аналитичари членството во ЕУ и НАТО треба да остане наш стратешки приоритет, а секој обид да се протне некоја алтернативно решение, кое не значи проширување на Унијата, го гледаат како популистичкo и недефиниранo сценариo.
„Секаков вид за некакви други партнерства или алтернативи во регионот би не вовлекле во некакви недефинирани цели на големите сили, а кои може да ни наштетат на нашиот децениски изграден курс за полноправно членство во ЕУ и НАТО. Таквите иницијативи се сосема популистички и немаат јасно изградени концепти кои се нивните цели во регионот и пошироко“, вели универзитетскиот професор Јетон Шасивари од Штуловиот Универзитет.
Но, за разлика од него, Александар Кржаловски директор на Македонскиот Центар за меѓународна соработка, смета дека ваквите алтернативни решенија не се лоша идеја. Водејќи се од народната: „подобро нешто, отколку ништо“, Кржаловски вели дека земјава треба да го прифати тоа што ќе и се стави на маса.
„Ако странците, особено Франција запне дека подолго време нема да има проширување, тогаш тоа е алтернативата. Иако кај нас сите партии со консензус ја реафирмираа заложбата за европскиот пат како единствен и сите заедно ја отфрлија варијантата за некакви вакви решенија. Арно ама, кога ќе нема друго на маса што ќе биде нашата опција? Во таа смисла допрва треба да се отвори дебатата дали навистина сакаме во ЕУ, особено ако не се нуди веќе тоа што се нудеше или некоја полабава форма“, вели Александар Кржаловски.
Видете и ова: Разочарување по француското „затворање на вратата пред нос“ за ЕУ
Овие идеи засега не се официјални, но од Брисел се појавија информации дека во игра е старата идеја за привилигирано партнерство. Во меѓувреме се појави и идејата на германскиот експерт Гералд Кнаус од Европската иницијатива за стабилност кој дава предност на економската, пред политичката интеграција, односно членство во таканаречената Европската економска зона.
Професорот Шасивари пак вели дека земјава нема голема моќ да се спротистави на такво некое решение од страна на европските сили, но дека засега нема потреба да стравува дека тоа ќе се случи.
„Македонија како мала земја нема некоја сила за да се спротивстави на таквите одлуки на ЕУ. Но, тоа што е важно за овој период е дека вратите на ЕУ не се затворени за нас. Станува збор за реформи внатре во Унијата. Важно е ние да продолжиме со реформите, бидејќи тие првенствено се важни за нас и граѓаните, и сметам дека во блиска иднина ќе имаме позитивен резултат. Не може да се менува курсот на надворешната политика во зависност од дневнополитичките интереси дома и дневнополитичките интереси на големите сили“, заклучува Шасивари.
Кржаловски пак вели дека во земјава допрва треба да се отвори дебатата дали навистина сакаме во ЕУ, особено ако не се нуди веќе тоа што се нудеше туку се нуди некоја „полабава форма“.
„Ако навистина не се случи поместување до самитот во Загреб или таму ќе стане очигледно дека едноставно немаме друга опција, особено ако се усогласиме дека ЕУ ни е единствената опција, тогаш ќе мора да прифатиме. Исто како што го прифативме Преспанскиот договор и договорот со Бугарија. Со консензусот е така. Останува да видиме Макрон колку ќе опстане на неговата идеја и дали евентуален притисок од сите земји ќе го разубеди барем да се почнат преговорите со нас и Албанија, а ако не го предомислат тогаш ќе мора да одиме на план Б, и да прифатиме тоа што сега се нуди, што и да е тоа, изјави Кржаловски.
Видете и ова: Тимоние: Самитот на ЕУ не е европска Хирошима
Претставниците на државниот врв засега уверуваат дека за земјава нема друга алтернатива од членството во Европската Унија и дека на тој пат нема алтернативни решенија.
„Целосното членство на Европската унија (ЕУ) за земјите од Западен Балкан нема алтернатива и тоа би требало да го потврдиме со регионален самит на кој би се отфрлиле идеите за можни други решенија“, објави претседателот Стево Пендаровски за време на посетата на Албанија.
И премиерот Зоран Заев деновиве повтори дека ние немаме друга алтернатива освен членството во Европската Унија.