На 54. Стериино позорје, Горан Стефановски ја доби наградата за животно дело. Во интервјуто кое по тој повод со него го направи Снежана Милетиќ за часописот „Сцена“, Стефановски, меѓу другото, ќе каже: „Идентитетот не е зацртан, туку се освојува од ден на ден. Исто како и слободата.“
Оваа мисла беше мојата појдовна точка при изборот на драми и сцени во кои оваа потрага на авторот но и на луѓето од овие простори генерално, е видлива. Така, преку монтажа на сцени од седум драми на Горан („Црна дупка“, „Лонг плеј“, „Сараево“, „Казабалкан“, „Хотел Европа“, „Euroalian“ и „Одисеј“) настана авторската адаптација „Моето име е Горан Стефановски“ односно “My Name Is Goran Stefanovski“. Избраните драми се напишани во период од 1987 до 2012 година, во еден турбулентен историски период на балканскиот и европски простор, за време на кој, особено на овој некогаш заеднички, југословенски простор, преиспитувањето на идентитетот и слободата беше императив.
Ова ќе го напише Бранислава Илиќ, драматург, драмски писател и професор на Факултетот за драмски уметности во Белград, во пресрет на премиерната изведба на претставата „Моето име е Горан Стефановски“ (My Name is Goran Stefanovski), планирана за 31март и 1 и 2 април во продукција на Драмски театар од Скопје.
Таа појаснува дека другата причина била нејзината одлука да избере драми што досега не се поставени во Драмски театар. Дополнува дека „зададеното тематско преиспитување на односите на идентитетот и домот, благодарение на режисерскиот концепт и препознатливиот естетски ракопис на режисерот Миќуновиќ, во сценска смисла станува потрага по идентитетот на поединецот распнат меѓу желбата за остварување лична слобода и потребата за имање сигурен простор“.
Овој текст на претставата не се бави само со нас. Мислам дека тој е до таа мерка актуелен што би можел да се примени и да биде актуелен да се игра било каде во Европа. Таа приказна за идентитетот кој се врзува за некое место што нуди сигурност, идентитетот како потреба за некакво освојување на слободата и од друга страна таа потреба да се пронајде некое засолниште, е вечна тема. Таа не е настаната овде и сега. Она што го смени нашиот однос и што ја актуелизира оваа тема постојаното барање идентитетски да се одредиме. Кои сме и што сме за да би зборувале за одредени теми. Од каде си? Од која вероисповед? На која нација и припаѓаш? Како можеш за нешто да зборуваш ако не си од таму. Конечно, дали ние еве можеме да правиле претстава за Горан Стефановски, вели Илиќ.
Драматургот и со дополна дека претставата го поставува прашањето на релевантноста и актуелноста на оваа современа човекова дилема во свет во кој се’ е на продажба и во време во кое интересите и моќта се поважни општествени категории од поединечното право на слобода и сигурност.
Во изминативе години, особено во периодов на пандемија, се отворија многу прашања на кои Горан, да беше жив, сигурно ќе одговореше лично, ќе заземеше став и ќе напишеше нова драма. Оваа претстава не може да го надокнади отсуството на еден од најзначајните драмски писатели и драматурзи од овој наш простор, но може да ни укаже дека она што ни се случува и како живееме денес, веќе е запишано во неговиот опус, вели Илиќ.
Таа на средбата со новинарите и со забелешка дека никогаш до сега не работела претстава која во себе носи толку голем набој на почитување, љубов и грижа кон еден човек и неговото дело. Неговото присуство во Драмски театар, во сеќавањата и приказните на актерите кои играле во неговите претстави е толку големо, што речиси да можам да го чујам од големиот портрет во холот на Драмски театар, како, шегувајќи се со сопствената смрт, шеретски (со одредена доза на иронија) ни вели: „Одредена доза на отсуство е многу важна за присуство“, ќе рече драматургот.
А, режисерот Проф. Бранислав Миќуновиќ говорејќи за проектот истакнува дека претставата My Name IS Goran Stefanovski се родила од неговата посветеност кон Горановото дело и од сеќавањето на нивното пријателство.
Таа е моја исповед пред пријателот, мој сценски одговор на неговите драмски теми. Моја посвета на неговиот опус кој, низ неколку негови драми, сакав да го преставам пред современата театарска јавност и уште еднаш да потсетам на тоа дека неговите катарзични теми се се’ поактуелни. Драматично поактуелни.
Преку чистењето на просторот на претставата од излишни илустрации и тргнувајќи од потребата да не се загубат неговите зборови за нашите национални, индивидуални и колективни страдања, сакав гледачите да излезат од претставата со длабоки емоции што ќе ги задржат во долго сеќавање. Местото за Горановата и моја средба е предодредено – Драмски театар Скопје.
Им благодарам на Драмски и на Катерина Коцевска на поканата и довербата. Ова, освен што е омаж за Горан, е и мој омаж за славата на Драмски театар, смета Миќуновиќ.
Режисерот потсетува дека всушност тие како уметници и потписници на проектот се определиле да проговорат за прашањето на идентитетот. За таа непрекината потреба за дом. Каде се денес живеат луѓето. Како изгледаат миграциите.
Горан милуваше да каже дека понекогаш и во сопствениот дом си странец. Во многу од нашите разговори ми велеше дека во Велика Британија му недостига Скопје, а во Скопје – Англија. Велеше: Говорам на два јазика, живеам на два простори, никако да се смирам. И, од тоа по малку веќе сум уморен. Уморни се и бројните емигранти по светот кои упорно трагаат по некаква локација за некој возможен живот. На крајот тоа се тие некои наши внатрешни идентитети, преиспитувања на нашите внатрешни идентитети и ќе кажам дека во адаптациите на овие текстови што ги користиме за претставата има една реченица која вели: Домот е таму каде што боли!
А, кога сме веќе тука само уште информациите дека Проф. Бранислав Миќуновиќ е познат режисер, долгогодишен професор по актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Белград и на Факултетот за драмски уметности во Цетиње.
Тој е редовен член на: Европската академија на науки и уметности во Салзбург, Европската академија на науки, уметности и книжевност во Париз и на Академиа Балканика Еуропеана. Почесен член е на Интернационалната академија Михаи Еминеску, Романија и на Здружението на научници, култура и уметност на Република Молдавија.
Носител е на титулата Почесен доктор на: Романскиот универзитет Константин Бранкуси, Молдавскиот универзитет за европски студии, Академијата на науки и високо образование на Украина, Украински институт за наука и историја на култура.
Почесен претседател е на Меѓународната театарска мрежа NETA и претседател на советот на фестивалот на „Актерот на Европа“. Член е на одборот за драмска уметност на Црногорската академија на науки и уметности.
Како уметник Проф. Миќуновиќ режира претежно дела на современи автори како Александар Поповиќ, Велимир Лукиќ, Љубомир Симовиќ, Вељко Радовиќ, Јордан Плевнеш, Горан Стефановски, Иво Брешан, Гордан Михиќ, Борислав Пекиќ, Мирко Ковач... но и дела од светски класици: Његош, Ибзен, Чехов... Режира во: Црногорско народно позориште, Подгорица; Југословенско драмско позориште, Белград; Српско народно позориште, Нови Сад; Хрватско народно казалиште, Риека; Народно позориште, Тузла; Народно позориште, Ниш; Звездара театар, Белград; Фестивал „Барски летопис“; Студенски културни центар, Белград...
Тој во 1997 година е избран за директор на обновениот театар Црногорско народно позориште.
Инаку, добитник е на најзначајните професионални и општествени награди меѓу кои: Стериината награда за режија; наградата „Јоаким Вујиќ“ за најдобра режија; Големата награда на Црногорско народно позоришете; наградата за придонес во театарската култура во Црна Гора Вељко Мандиќ; орденот „Даница Хрватска“ со ликот на Марко Марулиќ за особени постигнувања од областа на културата; повелбата „Капетан Миша Атанасијевиќ“ за прекугранична соработка и пружена рака на пријателство од Белградскиот универзитет, Новосадскиот универзитет и Стопанската комора на Србија; меѓународната награда „Златно јаболко“ во Република Македонија. Добитник е и на Декемвриската награда на главниот град Подгорица, наградата на градот Никшиќ – „18. Септември“, повелбата „Св Петар Цетињски“ од црногорската престолнина Цетиње и на највисокото национално признание на Црна Гора, Тринаестојулска награда.
Зад себе има и три мандати како министер за култура на Црна Гора, а од 2014 до 2019 година бил ополномошен вонреден амбасадор на Црна Гора во Република Србија.
Сценографија за претставата е на Александар Дениќ, а авторската музика на Горановиот брат - Влатко Стефановски. Улогите во претставата „Моето име е Горан Стефановски“ (My Name is Goran Stefanovski) ги толкуваат актерите: Биљана Драгиќевиќ –Пројкоска, Јелена Жугиќ, Софија Куновска, Соња Стамболџиоска, Ана Димитриова, Мето Јовановски, Драган Спасов – Дац, Игор Ангелов, Златко Митрески, Стефан Вујисиќ, Дамјан Цветановски и Саша Димитриевска.
Актерката Софија Куновска, откако ќе потсети дека во Драмски е повеќе од три децении и дека нејзината прва претстава во него била „Тетовирани души“ од Горан Стефановски во режија на Паоло Маџели, истакнува:
Работев и една многу значајна претстава не само за овој театар туку и за вкупната македонска театарска уметност и драматургија а тоа е „Чернодрински се враќа дома“ на Горан Стефановски. Во оваа прилика би сакала да му се заблагодарам на Миќуновиќ што со оваа претстава ни го врати Стефановски дома! Допрва ќе разбереме кое место го заслужува Горан Стефановски не само во нашата театарска уметност и литература, туку и воопшто каква е неговата општествена вредност. И, не само овде кај нас во Македонија туку и во регионот. Затоа, би упатила аманет и до младите колеги – во иднина да не го оставаат Драмски театар без претстава според текстовите на Горан Стефановски. Горан е нашиот Шекспир, нашиот Чехов, но и нашиот Сократ.