Високи 72 отсто од испитаниците сметаат дека светот го водат неколку моќни семејства, 65 отсто мислат дека ковид-19 е креиран во лабораторија за да се контролираат луѓето, 46 отсто дека климата се контролира со сателити и радари, 44 отсто дека се запишани повеќе мртви од ковид бидејќи Министерството за здравство давало пари, 46 отсто дека од авиони се прска вирусот, 29 отсто мислат дека климатските промени се измислица и 57 отсто дека големите медиуми шират лаги. Ова сумирано се резултатите од анкетата на Институтот за демократија која беше спроеведена на примерок од 1000 испитаници во периодот од 10 до 25 јуни годинава.
Видете и ова: Отровниот воздух дополнително ќе ја влоши ковид сликатаВлора Речица истражувачка и раководителка на Центарот за парламентарна поддршка и демократизација во институтот за Радио Слободна Европа вели дека преку овие резултати од истражувањето се гледа дека кај граѓаните постои голема недоверба во демократските водечки институции, но и во други чинители, политичари, политички партии, медиуми.
„Тоа создава плодна почва за граѓаните да веруваат во теории на заговор поради големата недоверба во официјалните институции од кои произлегуваат информациите. И не само тоа, од друга страна пак постои огромна верба во теории на заговор поради немањето медиумска писменост и лошото и неквалитетно образование кое не им дава алатки на граѓаните за критичко размислување и филтрирање на информациите што ги добиваат“, вели Речица.
Секаде во светот по појавата на пандемијата всушност и почнаа да се шират теории на заговор за болеста, а по повеќе градови низ целиот свет се организираа демонстранции против ковид мерките. Но, за споредба, со соседна Бугарија која важи за земја со најнизок степен на вакцинација против ковид 19 во Европската унија и за земја чии граѓани најмногу веруваат во конспиративните теории, а е членка на западоноевропскиот блок, сепак тој процент e малку понизок споредено со верувањата на македонските граѓани.
Драматични проценти
Бугарската агенција за испитување на јавното мислење Кантар месецов објави испитување на јавното мислење во кое се наведува скоро две третини од испитаниците односно 61,9 отсто се блиски до застапниците на теоријата дека ковид19 е измислица со цел да се зголеми профитот на фармацевтските компании. Од оваа бројка, 11,2 отсто силно веруваат дека вирусот е измислица, одговорот „поприлично да“ на четвртина и уште 26 отсто се сомневаат дека можеби е вистина. Секој петти одговара со „не знам“, а само 19,1 отсто велат дека тоа не е точно.
Видете и ова: За шест проценти намален бројот на заболени од ковид-19 на неделно нивоУниверзитетскиот професор, социологот Ѓорѓи Тоновски напоменува дека постојат вакви верувања за ковид пандемијата насекаде низ светот, но и тој е нагласува дека овде специфична е преголемата бројка на верувачи во теории на заговор.
„Процентите кои се однесуваат на ковидот се повеќе од драматични, да не речам депримирачки, бидејќи укажуваат на еден факт, а тоа е дека ние се уште во себе носиме, некакви елементи, остатоци на некакви општества кои се уште немаат увид за тоа што се случува во современиот свет“ , вели Тоновски.
Според едно истражување спроведено од францускиот центар за политички истражувања Цевипоф во февруари годинава на друга тема-вакцината, но сепак поврзана со ковид19, луѓето кои што веруваат дека таа е заговор на фармацевтските компании е доста помал отколку во балканските земји.
Повеќе од 36 отсто од француските испитаници, 32 отсто во Италија и Германија и 31 отсто во Британија се согласиле дека министерствата за здравство соработуваат со фармацевтските компании за да ги прикријат ризиците од вакцините, додека 42 отсто во Франција, 41 отсто во Британија, 40 отсто во Италија а 39 отсто во Германија сметаат дека владите ја искористуваат кризата за да ги „контролираат и надгледуваат“ граѓаните.
Како против теориите на заговор?
И Речица која е еден од авторите на истражувањето и социологот Тоновски сметаат дека пристапот треба да биде повеќестран.
„Еден начин е градење на силни институции отпорни на корупција, креирање и создавање на правна држава“, вели Речица.
Тоновски, пак, нагласува дека и образованите и институциите, но и целото општество има обврска да се вклучи во борбата против теориите на заговор.
„Општеството кое во моментов е зафатено со политичките комбинаторики треба да сфати дека тие не се најбитните нешта во општественото живеење туку дека треба да се вложат огромни напори да се формира еден критички, аналитички, креативен дух во Македонија“, вели Тоновски.