Колку од младите во Македонија имаат основни дигитални вештини?

Илустрација

Северна Македонија „заостанува“ за 33% зад водечката Хрватска, која има најмногу млади од 16 до 24 години со основни или над основните дигитални вештини

Над 80 проценти од младите во Европската унија, на возраст од 16 до 24, во 2019 година имале основни или над основни дигитални вештини, покажуваат најновите податоците на Евростат. Според истата статистика, кај нас 64 проценти од младите на возраст од 16 до 24 години имале основни или над основни дигитални вештини.

Од сите членки на ЕУ, Хрватска, со 97 проценти, има најголем процент на млади на возраст од 16 до 24 години со основни или над основните дигитални вештини, а по неа следат Естонија, Литванија и Холандија - сите со по 93 отсто, а потоа е Грција со 92 проценти од младите на истата возраст.

Инаку, независното тело Дигитален форум ја состави Листата на даватели на обуки за дигитални вештини и обуки за дигитални вештини согласно со Уредбата со законска сила за издавање ваучери за млади лица за обуки за дигитални вештини заради подобрување на нивната конкурентност на пазарот на трудот за време на вонредна состојба. Листата е објавена на веб-страницата на Министерството за образование и наука. Владата донесе Уредба за доделување ваучери за млади лица за обука за дигитални вештини во вредност од 30.000 денари. Ваучерите ќе покријат дел од трошоците за ИТ-обуките кои ќе бидат од најосновни до најнапредни дигитални вештини и програмирање. Вкупниот буџет е 150 милиони денари.

Најмал број на лица на возраст од 16 до 24 години со основни или над основните дигитални вештини има Романија – 56 проценти, Бугарија – 58 проценти, Италија – 65 проценти, Унгарија – 68 проценити и Латвија и Луксембург со по 75 проценти, покажуваат податоците на Евростат.

„Процентот се намалува за 24 отсто, на 56 проценти меѓу лицата на возраст од 16 до 74 години“, покажува статистичкиот извештај на Евростат.

Во регионот, според статистиката, најмал процент на млади на возраст од 16 до 24 години со основни или над основните дигитални вештини има Бугарија – 58 проценти, додека Србија има 79 проценти.

Во овој извештај на Евростат нема податоци за Албанија и за Косово.