Младите бараат да бидат дел од решението на климатската криза

Проектот на НВО „Биди Зелен“- „Climate Action Starts with YOUth“, а поддржан од Британската амбасада во Скопје

Македонските младински амбасадори за климатски промени се ентузијасти дека можат да бидат дел од решението, а не проблемот со глобалната климатска криза. Тие заедно со врсниците од целиот свет се загрижени за својата иднина и бараат начин да се вклучат во изнаоѓањето на креативни решенија.

Годинава Македонија беше погодена од топлотен бран што резултираше со големи пожари во неколку региони во земјата. Тие доведоа до опустошување на шуми, плодно земјиште, посеви и имот на населението. Гореа шуми во беровско, скопско, битолско, кумановско и делчевско.

Во последните години, Балканот е силно погоден од глобалното затоплување и е ранлив на климатските промени. Просечната температура годинава порасна за 1,2ºC, а се очекува дополнително затоплување од 1,7 до 4°C, во зависност од примената на локални и меѓународни мерки за намалување на емисиите на стакленички гасови во наредните години.

Сепак, топлината е само дел од промените и може да се каже – мал дел од проблемот – бидејќи високите температури предизвикаат бројни екстремни феномени и временски непогоди кои досега не беа вообичаени на нашите простори. Научниците предупредуваат дека нè очекува климатска криза за која е потребен итен одговор и акција од владите во светот како и во регионот.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Страв, тага и очај, младите и климатските промени


Mлади еко активисти сè погласни за последиците од климатската криза

Деветнаесетгодишниот студент на медицина Станиша Станковиќ вели дека е многу загрижен за своето здравје и за здравјето на неговите најблиски од последиците од климатските промени и загадувањето. Тоа е и клучната причина зошто станал еко-активист.

„Загадениот воздух и загадената почва принесуваат за голем број на болести како што се канцерогените заболувања кои се во прогресивен и масивен број и секојдневно среќаваме луѓе кои се заболени од вакви болести, а примарно лекарите не можат да ја откријат причината за нивно настанување,“ вели Станковиќ.

Тој објаснува дека со еко-активизмот се запознал пред неколку години во акцијата „Мети си со класнето“, по иницијатива на професорката по англиски јазик од Средното медицинско училиште Марија Магдалена Петковска-Микаровска.

„Свесни сме дека младите не се виновни што се нашле во моментот на климатска криза. Таа потекнува од претходно, но наше е да најдеме начин тоа да се подобри и за нас и за идните генерации да не доаѓаа во ситуации на кризни состојби“, вели Станковиќ.

Видете и ова: Лесни ветувања и тешки преговори на самитот за климата во Глазгов

Што да се направи да се спречи еколошката катастрофа?

Младите бараат да бидат дел од решението, а не да бидат дел од проблемот, вели еден од 20-те младински амбасадори за климатски промени Васил Ханџиски.
Младинските амбасадор за климатски промени, кои се дел од проектот на Британската амбасада во Скопје, се млади луѓе кои се стекнале со вештини за климатска дипломатија која деновиве се води на конференцијата КОП26 Глазгов. Целта им е да помогнат во ширењето на вистинските информации за делување во справувањето со климатските промени.

Ханџиски е 19 годишно момче кое веќе две години работи како еко активист и истражува за климатските промени, па затоа и одлучил да студира во Марибор на машинскиот факултет, на насока инженерство за животна средина. Целта му е во иднина да изнајде креативни решенија за намалување на емисиите за производство на електричната енергија, справувањето со отпадот и другите еколошки проблеми кои се јавуваат во Македонија.

„По студирањето од сегашна перспектива искрено сакам да се вратам дома. Причината за тоа е што сметам дека Македонија може многу да напредне во таа област, бидејќи ние сме реално многу поназад од Словенија во таа област. Затоа мојата мотивација е во мојата земја, во мојот град да направам некоја промена за да можеме да напредуваме бидејќи секоја земја е битно да напредува во таа насока за да можеме глобално да се справиме со тој проблем“, вели Ханџиски.
Тој е многу загрижен затоа што со чекорите кои ги презема Македонија и оние на глобално ниво не се доволни за да се спречи таканаречената еколошка катастрофа.

„Тоа ќе значи дека ќе почнат да се случуваат промени кои нема да бидат повратни. Многу сум загрижен затоа што со ваквото дејствување ние сè побрзо и побрзо движиме кон таа катастрофа“, посочува Ханџиски.

Со велосипед до чиста енергија

Климатската акција почнува од тебе е мото на невладината организација „Go Green“ или „Биди Зелен“. Таа на креативен начин им објаснува на младите како да го намалат својот јаглероден отпечаток, затоа што емисиите од јаглеродниот диоксид се најголем причинител на климатските промени.

Со пет велосипеди кои произведуваат чиста енергија, изработени во рамки на проектот „Climate Action Starts with YOUth“, младите во градскиот парк генерираа доволно енергија за да гледаат филм под отворено небо на проектор.

„Младите беа заинтересирани за тоа, им беше многу забавно да ги возат велосипедите затоа што им беше нешто ново, иновативно. Дефинитивно тоа беше и ефектот што сакаме да го постигнеме кај младите, да ги привлечеме со нешто што ќе им го долови моментот практично, што значи чиста енергија, што значи емитирање јаглероден диоксид и што значи ти својот придонес да го дадеш во борбата со јаглероден диоксид“, вели претседателката на невладината Мила Јовановска.

За таа цел невладината организација постави коцка во градскиот парк со волумен од 4 метри кубни што претставува 125 килограми јаглероден диоксид. Со неа визуелно им се покажува на младите колку СО2 се емитува со нашите секојдневни активности. 125 килограми јаглерод диоксид се произведува со приближно две недели возење со автомобил, 6 месеци комунален отпад и потрошена електрична енергија за една недела. Целта е, вели Јовановска, да ги поттикнеме младите да тргнат од себе во акција.

„Бидејќи младите најмалку придонеле за оваа климатска криза, а сепак најмногу ќе ги чувствуваат последиците во следните неколку години. И затоа цело време апелираме и до Владите и до младите дека е потребно нивно вклучување во решавањето на проблемот“, вели таа.

Климатскиот самит во Глазгов

Политичка артикулација на еколошкиот став

Загриженоста од аерозагадувањето беше причината што го натера програмерот Горјан Јовановски да ја направи мобилната апликација „Мој Воздух“ со која граѓаните дознаа каков воздух дишат. Тој во една апликација ги спои сите податоци од мерните единици на министерството за животна средина.

„Тоа беше една од главните идеи за креирањето на апликацијата „Мој воздух“ ги направи сите овие податоци достапни, ги имаме во нашиот џеб, сите имаме паметни телефони. И така беше подобро за луѓето да разберат што дишат. И еве по 7 години од постењето на апликацијата многу повеќе сме свесни за проблемот и многу повеќе бараме решенија за проблемот. Така што за мене главната лекција на целото ова е дека имаме податоци, треба да преземеме чекори, но доколку јавно ги презентираме и на убав начин многу може да смени во перцепцијата на јавноста“, објаснува Јовановски.

Седум години подоцна поради непроменетите состојби Јовановски одлучи политички да го артикулира својот еколошки став и стана советник во Советот на Град Скопје. Тој е еден од двата советника кои на локалните избори влегоа во новиот состав на Советот со независната листа Зелен Хуман Град, каде што се активни 20-тина еко активистички организации.

„Мора институциите да бидат двигатели на овие промени, ние можеме цело време да зборуваме Горјан рециклирај, Петко рециклирај, Марко рециклирај, сето тоа е супер, мора и ние како граѓаните да дејствуваме. Но, ако без работиме без поддршка од институциите, ништо нема да завршиме на крај. Целото тоа, рециклирање кое го наведов како пример, ќе заврши во истиот контејнер и ќе заврши на горење во Дрисла. Не е во тоа поентата. Поентата е институциите да бидат лидери, на ова однесување кое сакаме да го видиме и од нив, и од системот и од граѓаните“, вели Јовановски.

Тој се надева дека системот ќе ги послуша граѓаните и младите за тоа што го бараат, затоа што, како што вели, нема нешто погласно во моментов што зборува од климатската криза која се случува во целиот свет.

Горјан Јовановски, креатор на апликација „Мој воздух“


„И мора и ние да дадеме свој придонес во подобрување на овој проблем, инаку не ни се пишува добро во догледно време каде што идните генерации ќе страдаат многу повеќе ако не преземеме сега акција“, вели тој.

Младите прво да почнат од себе

Младинскиот амбасадор за климатски промени Ханџински вели дека младите прво треба да почнат од себе, во промена на основните навики, за да станат дел од решението, а не да бидат дел од тие што го предизвикуваат.

Според последното истражување на Министерството за животна средина како најсериозна закана за општеството младите ги сметаат климатските промени, (65 осто) пред недостигот на чиста вода (61 процент) и пред корупцијата и криминалот и екстремните временски настани (по 53 осто за двете). Истражувањето покажува дека младите не само што бараат акција – тие и самите се подготвени да дејствуваат. Најмногу од младите испитаници односно една четвртина сакаат да преземат активности но не знаат како, додека 23 проценти пак, сметаат дека главно владата, локалната самоуправа и индустријата треба да преземат активности против климатските промени.

Видете и ова: Климатските промени водат кон конфликти во светот


Климатските промени не можат да се игнорираат

Климатските промени се дел од грижите и на нивните врсници во светот. Страв, тага, вина се некои од емоциите што младите луѓе ги чувствуваат кога размислуваат за климатските промени и нивната грижа дека светските лидери нема да успеат да се справат со нив.

Прилог на Гоце Атанасов


Во едно од најголемите истражувања до сега за таканаречената климатска вознемиреност, предводено од британскиот Универзитет Бат, беа вклучени 10.000 млади луѓе на возраст од 16 до 25 години во 10 земји. Притоа е откриено е дека околу три четвртини од анкетираните сметаат дека иднината е застрашувачка, додека недостатокот на акција од страна на владите и индустријата остави 45 проценти да доживеат климатска вознемиреност која влијае врзнивниот секојдневен живот и функционирање.

„Мислам дека анксиозноста е само новото име на играта за мојата генерација и за идните генерации“, вели Карен Шо.

„Мислам дека дефинитивно да. Бидејќи сум дел од општеството во 21 век, мислам дека е многу тешко да се игнорираат зголемените климатски проблеми“, вели Кристел Ханаси.

„Не знам што значи тоа, што носи иднината за нас. Да, но тоа е прилично загрижувачки“, вели Џанет Наввуга

Елуиз Мајал, студентка по екологија на британскиот Универзитет во Источна Англија и членка на Младинската климатска коалиција, изјави дека се чувствува виновна и преоптоварена.

„Она со што би останала е можеби чувството на срам, како „како се осмелуваш сè уште да сакаш убави нешта кога светот завршува и не ни знаеш дали ќе имаш безбеден свет за да остариш?“.

Според неа, станува збор за своевидни конфликтни емоции.

„Може да имаш тага, може да имаш страв, може да имаш некој вид преплавување“, рече таа.

„А можеби дури и понекогаш сосема див оптимизам“, вели Керолин Хикман, психотерапевт и предавач на Универзитетот во Бат и една од коавторите на истражувањето, работи на тоа да им помогне на младите да управуваат со емоциите поврзани со климата.

„Она што им го даваме на децата и младите е ова многу различно искуство на растење во светот. Тие растат со тага, страв и вознемиреност за иднината“.
Екстремните временски настани исто така можат да предизвикаат проблеми како што е посттрауматско стресно нарушување“, вели Хикман.

„Седумдесет и пет проценти во светот мислат дека иднината е застрашувачка. Четири од 10 се двоумат дали да имаат деца поради климатските промени. И повеќе од половина - 56 проценти од децата и младите луѓе ширум светот мислат дека човештвото е осудено на пропаст“, вели Хикман.

Познатата активистка против климатските промени 18 годишната Грета Тунберг е таа која доживеа тешка климатска вознемиреност.

„Тоа е сосема природен одговор, бидејќи, како што гледате, како и светот е денес, дека никој не се грижи за тоа што се случува. Мислам дека е само човечки да се чувствуваш така. Но, се разбира, не мора да биде така бидејќи кога преземате акција, добивате и чувство на значење дека нешто се случува. Ако сакате да се ослободите од таа анксиозност, можете да преземете акција против неа“, вели Тунберг.

Засега, сепак, таа се надева бидејќи, како што вели, прави се што може.

„Кога преземаме акција, има надеж насекаде. Значи, ако сакате нешто да се случи, тогаш направете нешто...Сите ние имаме одговорност, но понекогаш таа одговорност е да извршиме притисок врз оние што треба да преземат акција“, додава таа.

Климатските промени се една од најголемите закани со којашто се соочени децата и младите луѓе во светот. Извештајот на УНИЦЕФ за ризикот од климатските промени врз децата открива дека 1 милијарда деца се во „екстремно висок ризик“ од влијанијата на климатските промени. Тоа се речиси половина од сите деца во светот.