Младинска апатија – Сите се жалиме, а никој не ни помислува нешто да промени

Илустрација - Средношколци во центарот на Скопје

Младите во Македонија зборуваат за проблемите во нивното маало, но не и за тоа како може тие да се решат. За ова сведочат средношколците, а и истражувањата потврдуваат дека ретко кој верува дека може да направи нешто. Здружението „Младите можат“ се обидува да направи промена во оваа слика.

Додека си муабетат со другарите собрани во маало, младите често зборуваат за проблемите поврзани со она што не чини во нивната населба, ама никој од нив не верува дека има моќ нешто да смени. Ваков е ставот на двајца средношколци од скопската гимназија „Јосип Броз Тито“.

„Дури и кога се бара решение, тоа е само на збор. Никогаш нема некаква акција. На пример, ако имаме проблем со тоа што нема игралиште, или има, ама е распаднато, ние само си зборуваме дека нема кај да седиме, нема кај да играме, но ништо не правиме за да се смени тоа“, изјави средношколецот Самуил Велески за РСЕ.

Некои од нив не веруваат ниту во себе, ниту во системот, додава неговиот соученик.

„Не веруваат во системот и не знаат каде да се обратат. Ние како малолетници не можеме многу да направиме. Многу е поразлично некој возрасен кога ќе се обрати, го сфаќаат многу посериозно. Ако се обрати малолетник не се сфаќа проблемот толку сериозно за да се реши“, вели средношколецот Дамјан Трајковиќ, за РСЕ.

Според нив, на крајот младите заклучуваат дека тоа се само „фикс идеи“ што секако нема да се реализираат, па никој не прави ништо за да има поквалитетен живот како млад човек во својата заедница.

Потврда низ бројки

И анализата на здружението „Младите можат“ за потребите на младите на локално ниво, покажала дека младите генерално мислат дека не можат да направат промена. Истражувајќи ги нивните ставови, како дел од проектот „Младински локални банки“, екипата дошла до како што велат, зачудувачки и загрижувачки бројки.

„Повеќе од половина од младите во Крива Паланка, или 56 % никогаш не работеле во група за да решат некој проблем во нивната општина. Тој процент многу нè зачуди. 41 % од нив сметаат дека не можат да направат ништо. Тоа е голем процент во споредба со 6 % од младите кои сметаат дека може да направат нешто“, изјави за РСЕ, Никица Манџуковски, координатор за комуникација во „Младите можат“.

Исти, па дури и позачудувачки бројки излегле и од анкетите меѓу младите во центарот на Скопје, велат од здружението.

„Во Општина Центар 75,7 % од младите никогаш не работеле индивидуално или во група за да решат некој проблем во нивната општина. Соодносот во Центар е исто така застрашувачки, бидејќи 44 % од младите сметаат дека не може да направат ништо за да го решат проблемот, а само 2 % од нив сметаат дека може да направат многу за да го решат проблемот и да променат нешто што им пречи во општината“, додаде Манџуковски.

Слична била ситуацијата и пред две години, кога го правеле претходното вакво истражување, во Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров.

„Забележуваме дека не станува збор само за град Скопје, туку и за општини надвор од градот каде, ете, да кажеме дека е помала средина и дека можеби младите повеќе се знаат, повеќе соработуваат. Сепак, бројкиве покажуваат дека не е така“, заклучи 21-годишниот Никица.

Како младите да поверуваат дека навистина можат?

Деведесет средношколци овој ноември заменија еден ден на училиште за работа која тие ја избираат, во рамки на вториот „Social day“, организиран од "Младите можат“.

Средношколци на работа на еден ден, во рамки на „Social day“

Работеа еден ден по осум часа во детска градинка, бутик за венчаници, рудник, IT компанија, адвокатско друштво и други компании и собраа над 175.000 денари од дневници. Парите кои ги заработија ги донираа во младински фонд, од кој ќе се финансираат проекти кои повторно ќе ги предложат млади луѓе.

Од млади за млади

Два тима од нив на крајот на јануари ќе добијат по 60.000 денари од младинскиот фонд од „Social day“, за да решат проблем во нивното место на живеење со кој се пријавиле на неодамнешниот повик на „Младите можат“. Ментори од здружението ќе им помагаат за да најдат решение на проблемот, бидејќи како што вели Манџуковски, се увидело дека младите самостојно не размислуваат за решението. Проблем пријавиле петнаесет тимови, а некои од нив се среќаваат на повеќе места.

"На прво место е недоволната информираност за можностите кои им ги нуди заедницата. Потоа, недостатокот на простор конкретно наменет само за адолесценти. Објаснуваат дека има голем број на паркови за помали деца или голем број на паркови каде одат повозрасни, но за млади такви места велат дека нема. Тоа е проблем кој се споменува во поголем број од апликациите“, истакна координаторот на проекти од „Младите можат“.

Видете и ова: Незапирливата Леа и нејзината борба за подобар свет

Како проблеми младите ги навеле и загадувањето, корупцијатата и нееднаквите човекови права. Некои рекле дека не знаат многу за корупцијата, па треба да бидат повеќе информирани за да можат да ја препознаат. Освен млади од Скопје, се пријавиле и тимови од Гевгелија, Велес, Битола, Струга, Крива Паланка, Радовиш.

Оние кои ќе поминат во следна фаза ќе учествуваат и на хакатон. Во тимовите кои аплицирале има барем еден учесник на „Social day“, кој собрал екипа со намера да реши проблем. Победничките идеи треба да се реализираат до крајот на март следната година.