Студентите и професорите се прилагодија на онлајн наставата, но за испитите се уште се размислува дали онлајн или со физичко присуство. Покрај тоа, за некои, далечинското учење се покажа како практично за некои предмети и ставот е дека треба да се размисли да се воведе во класичната настава.
Образовниот процес се прекина на почетокот од пандемијата на коронавирусот. Но, за кратко стартуваше далечинското учење. Кај високото образование онлајн наставата започна една недела по затворањето на образовните институции.
„И сметам дека фактички откако почнавме онлајн настава, односно далечинско учење, малку невообичаено, но се зголеми бројот на студентите, односно учеството на студентите во наставата. Самите професори вложија многу напор да продолжи наставата од типот на далечинско учење. Но, ние како Универзитет дозволивме, во зависност од дејноста на факултетот, да можам да кажам автономно да си одлучат единиците на која платформа ќе ги обават тие предавања. Така што на некои од единиците работат со Микрософт тимс, некои со зоом, некои со гугл класрум. Секако дека една од тенденциите на професорите е да има двонасочност во тие електронски комуникации, односно да се развиваат дискусии меѓу професорите и студентите. Во таа насока многу од професорите ги имаат претходно снимено предавањата за да има повеќе време за тие онлајн дискусии меѓу професорите и студентите. Мислам дека откако почна на овој начин да се одвива онлајн наставата таа е на едно задоволително ниво, наставните програми течат непрекинато“, изјави ректорот на Универзитетот Свети Кирил и Методиј, Никола Јанкуловски во неделно интервју за РСЕ.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Меѓутоа, Универзитетското студентско собрание при УКИМ реагираше дека дел од студентите немаат соодветен уред за следење на онлајн наставата.
„Универзитетското студентско собрание имаше еден повик, заедно со четири други универзитетски собранија на другите државни универзитети, каде што студентите требаше да се пријават доколку немаат соодветен уред за следење настава или доколку немаат стабилна интернет конекција. Собравме податоци од 60 до 70 студенти кои се пријавија дека немаат уреди за следење настава. И започнавме процес каде што бараме од различни инстанци, од приватен сектор, од институциите, да обезбедат уреди за овие студенти. За жал, се уште не сме обезбедиле уреди за студентите кои ги немаат и би сакал да апелирам, дали приватен сектор, дали институциите, да се вклучат, да помогнат и на овие студенти за кои имаме собрано податоци, да им дадат уреди на користење, се разбира тие уреди подоцна кога ќе заврши семестарот студентите би ги вратиле назад од каде што ги добиле“, вели Борјан Ефтимов, претседател на Универзитетското студентско собрание при УКИМ.
Предности и недостатоци на далечинското учење
И покрај тоа што се уште чекаат уреди за студентите кои се пријавиле, по скоро два месеца онлајн настава студентите и професорите ги чувствуваат и недостатоците и предностите во споредба со класичната настава.
„Иако онлајн наставата почна вака во момент на криза, мислам дека дел од онлајн наставата треба да се имплементира и во редовната настава. Многу светски факултети го прават веќе тоа - имаат онлајн видеа, достапни онлајн материјали, понекогаш и онлајн консултации како дел од регуларните предмети. Оваа криза покажа дека, барем за факултетот каде што сум јас, ФЕИТ, покажа дека може факултетот, има ресурси, има кадар, има можност да реализира настава и одредени наставни содржини да ги пренесе онлајн. Кога е онлајн информацијата може повеќе пати да се повторува, многу поголем број студенти се опфатени од тоа конкретно предавање. Исто така самиот живот на младите, самите активности кои што ги правиме секој ден е многу блиску врзан со интернет, со смартфони, со онлајн живот. Мислам дека е многу полесно дел од тој еко систем да биде адаптиран за образование и може многу повеќе студенти да се посветат кон образовниот процес, само поради тоа што сега образованието станува нешто што они го прават секако секојдневно“, вели Филип Макрадули, студент на ФЕИТ, на насоката компјутерски хардвер и електроника.
Дополнително, тој истакна дека онлајн наставата не е замена за редовната настава и затоа, според него, треба далечинското учење да стане дел од стандардниот образовен процес. Ставот за незаменливоста на класичната настава го дели и неговиот професор по електроакустика, дигитално процесирање на аудио, и биомедицинска електроника, Бранислав Геразов.
„Најголемата бенефиција од далечинското за студентите мислам дека е можноста да ја следат наставата од удобството на својот дом. Ова исто така повлекува и намалени трошоци и намалено време поминато во патување за тие физички да бидат тука, а исто така тоа повлекува и намалени животни трошоци за колегите кои не се од Скопје и кои се сега дома. Од друга страна, според мене едно големо ограничување е намалената интеракција со студентите поради ограничениот фидбек кој го имаме во користење на тие онлајн платформи, за што мислам дека сепак класичната настава останува неприкосновена“, вели професор Геразов.
И претседателот на Универзитетското студентско собрание при УКИМ, Ефтимов се надоврзува со ставот дека има содржина која не може да се надомести онлајн, како практична работа, работа во групи и вежби. Од друга страна, според професорот Геразов, ова е и шанса за тестирање нови можности.
„Транзицијата кон далечинско учење си носи со себе низа предизвици и потребно е реосмислување на целиот наставен процес за да може да се адаптира на овој начин на држење настава, меѓутоа пак од друга страна е извонредна шанса да се направи иновација односно да се пробаат нови можности за држење на наставниот процес. Од таа страна би сакал да ги охрабрам моите колеги и покрај тешкотиите да се вложат максимално, пред сѐ за доброто на студентите, меѓутоа мислам и за сопствен личен и професионален развој“, рече Геразов.
Студентско „не“ за онлајн испитна сесија
Студентите и професорите се прилагодија на онлајн наставата, но за испитите се уште нема решение и договор. Ректорот Јанкуловски вели дека се разгледуваат повеќе опции, меѓу кои и онлајн полагање испити. Но, студентите неколку пати веќе реагираа дека не треба да има онлајн испитна сесија.
„Не треба да се втурнуваме во процес кој е една авантура, кое се уште е непознато и веднаш да кажеме- ќе одиме целосно со онлајн полагање. Тоа е сосема нов концепт и треба време да се разработи, треба да знаеме според кој систем ќе се реализира и пред се треба да имаат услови сите студенти да може да полагаат. Оттука нашиот став е да не се избрзува со решение, само колку да се прикаже дека семестарот е завршен“, вели Ефтимов.
Според него, треба да се почека и да се види како ќе се одвива ситуацијата. Смета дека може да се организира полагање на испити со физичко присуство, но за тоа ќе е потребна логистика за почитување на препораките за носење заштитни маски, дезинфекција и физичко растојание.
„Доколку ситуацијата продолжи да се движи во насока во која се движи во моментов, нема причина ако можат да работат ресторани и кафулиња и да ги почитуваат мерките, тогаш универзитетите дефинитивно во јуни и натаму можат да организираат раздолжени сесии со повеќе термини за полагање во мали групи“, рече Ефтимов.