Мицкоски го отфрли „францускиот предлог“ и побара избори за спас на Македонија

Христијан Мицковски, лидер на ВМРО ДПМНЕ

​​​​​​​Предвремени парламентарни избори за „спас на Македонија“ побара вечерва претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на големиот опозициски митинг во Скопје. Ако нема одлука за избори летово, се закани со целосна блокада на институциите, но и блокади низ земјата.

Зборувајќи пред неколку десетици илјади луѓе пред Владата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски енергично го отфрли „францускиот предлог“ за почетокот на преговорите на Македонија и ја повика владата да го отфрли.

„Тоа е ништо друго, освен капитулација без одлагање. Што би се рекло, бугаризација на Македонија на рати или дипломатски нокаут“, рече Мицкоски.

Видете и ова: Опозицијата во нов обид за соборување на власта

Тој рече дека власта „нè понижи и нè предаде“, а сè уште сме заглавени во чекалницата на ЕУ. Мицкоски рече дека неговата партија нема да прифати никаков договор штетен за националните интереси.

Во однос на барањето, за внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав како услов за почеток на преговори со ЕУ, Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Уставот, и оти без нив нема двотретинско мнозинство за промени. Ако ги прифатат бугарските барања „на сила“, наредната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема намера да ги почитува, порача Мицкоски.

На митингот под мотото „Премногу е“, преовладуваше вообичаената кореографија со државни и партиски знамиња на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери и малку транспаренти на кои пишуваше „Внимание – паѓа влада“, а насобраните извикуваа „Никогаш северна, само Македонија“ и „Избори“.

Протест на ВМРО ДПМНЕ во Скопје


Мицкоски порача дека големата цел е пораз на СДСМ и казна за погрешните политики на оваа „разуздана, криминална и предавничка власт“.

„Секој поминат ден со СДСМ и ДУИ на власт сме поблиску до последниот ден на нашата татковина. Или ќе се бориме и ќе победиме, или Македонија ќе ја нема“, рече Мицкоски.

Тој рече дека нè очекува најтешката зима во изминатите три децении, владата е неспособна да се справи со предизвиците и затоа се потребни избори. Тој рече дека ако летово не се постигне договор за распишување предвремени избори, ќе следат нови протести и блокади.

„Таа целосна блокада ќе биде во парламентот, но и блокада на институциите, блокада на патиштата, протести низ градовите, блокада на процедурите и системот во распаѓање“, истакна опозицискиот лидер.

Мицкоски ги повика и гласачите Албанци да не дозволат „ДУИ да биде газда на нивните животи“.

Од владејачката СДСM нагласија дека протестот е демократско право, но инсистираат дека нема потреба од предвремени избори и оти тие ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година.