Министрите без ресор чинеле најмалку половина милион евра

Колаж - Министри без ресор

Во новата Влада остануваат истите 16 министерства и четири вицепремиерски места. Само еден од вицепремиерите Артан Груби ќе биде и министер, задолжен за политички систем и односи меѓу заедниците. Но, Груби ќе биде и прв вицепремиер, односно директен заменик на премиерот.

Седум столчиња во Владата веќе не се резервирани за министрите без ресор. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев им даде црвен картон откако постигна договор со лидерот на ДУИ, Али Ахмети за формирање на Влада. На заедничката фотографија, со која традиционално се означува стапувањето на функција во новиот состав нема да има место за министрите без ресор кои беа задолжени за комуникации, транспарентност и отчетност, за дијаспора и за стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите, како и за четворицата министри без ресор задолжени за странски инвестиции и подобрување на инвестициската клима за домашни претпријатија.

„Во Владата нема да се предлагаат министри без ресор со исклучок на вицепремиерските места“, рече Заев презентирајќи ги основите под кои ќе функционира старо- новата владина коалиција меѓу СДСМ и ДУИ.

Владата во заминување има 26 членови, 16 министерства, 7 министри без ресор, четворица вицепремиери од кои двајца се исто така министри и премиерот. За министрите без ресор кои заминуваат во историјата, барем во наредните 4 години, се издвоиле неколку стотици илјади евра за плати и трошоци, односно најмалку 470 илјади евра.

Најмногу промени во кадрите се случија токму кај овие министри. Од почетокот до крајот во составот на Владата останаа само Роберт Поповски, Едмонд Адеми и Зорица Апостолска. Прв функцијата министер без ресор ја напушти Рамиз Мерко кој по локалните избори во октомври 2017 година се врати на нему добро позната функција, градоначалник на Струга. На неговото место дојде Бардул Даути. Во декември истата година Самка Ибраимовски ја препушти стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите на Аксел Ахмедовски, за да стане пратеник. Но и Ахмедовски не издржа докрај, бидејќи во декември 2018 година беше разрешен заедно со министерот Аднан Ќахил. За нивни наследници беа назначени Музафер Бајрам и Елвин Хасан. Реконструкцијата на Владата, лани во јуни, не ја преживеа и министерот без ресор за странски инвестиции Зоран Шапуриќ. Последен во Владата влезе Хисен Џемаили, во август минатата година.

За плати потрошени над 300 илјади евра

Секој од министрите во Владата, вклучително и седумтемина министри без ресор имаат иста, фиксна нето плата од 65 792 денари или 1069 евра. Што значи дека за министрите без ресор се издвојувале најмалку 7483 евра на месечно ниво, а 89.796 на годишно ниво. Министрите на функцијата до септември ќе направат стаж од 39 месеци од формирањето на Владата на 1 јуни 2017 година.

Тоа значи дека досега државата ја чинеле најмалку 291.837 евра само за нето плати, бидејќи минатиот труд на секој поединечно им носел уште по неколку стотини евра, а дополнително пари се трошеле и за пензиското и социјалното осигурување.

На сметката на министерот за комуникации, транспарентност и отчетност Роберт Поповски се слевале уште 6178 денари или околу 100 евра. На министерот за дијаспора Едмонд Адеми 2927 денари или 47 евра, а на министерката за странски инвестиции Зорица Апостолска 11.001 денари или 178 евра. Нејзиниот колега кој исто така е задолжен за странски инвестиции Бардул Даути добивал дополнителни 3903 денари или 63 евра. Највисока сума за минат труд од 195 евра добивал нивниот колега Зоран Шапуриќ.

За останатите министри кои во меѓувреме беа разрешени од функциите, а и за нивните наследници нема податоци. Иако висината на платата на министрите е јавен податок, последните објавени на интернет страницата на Владата се од октомври 2018 година, а таму воопшто ги нема имињата на сите министри. Од Владата не добивме одговор за тоа на колку пари бил проценет минатиот труд на оние кои во одреден момент се нашле на функцијата, но биле разрешени. Не добивме одговор ни на прашањето колку луѓе биле ангажирани во нивните кабинети и колку пари се издвојувале и за таа намена. Ниту на прашањата поставени по пат на електронска пошта, ниту портпаролот ни одговори на повиците.

За петтемина министри за кои има податоци за време на мандатот на минатата Влада под основ минат труд се издвоени вкупно 19.385 евра. Заедно со платите се стигнува до сумата од 311.222 евра. Но, бројката е поголема ако се земе предвид дека недостасуваат податоци за минатиот труд на останатите, како и сумата која се издвојувала за пензиско и социјално осигурување.

За трошоци 158 илјади евра

За разлика од податоците за платите, Владата транспарентно ги објави парите кои поединечно секој од министрите ги потрошил за авионски карти, дневници при патување, за угостителски услуги дома и во странство, како и за сместување во хотели за време на нивните службени патувања. Но, и тука недостасуваат трошоците направени по ноември, 2019 година.

Според алатката за отчетност на носителите на јавни функции, сите министри без ресор додека ја извршувале функцијата заедно потрошиле 158 113 евра. Најмногу потрошил Адеми околу 32 илјади евра, а најмалку Поповски, околу 2100 евра. Ахмедовски и Ќахил кои заедно беа разрешени на листата се наоѓаат веднаш зад Адеми, иако имаат помал министерски стаж од него и од останатите министри. Ќахил за 18 месеци служба ја намалил буџетската каса за околу 14 и пол илјади евра. Неговиот поранешен колега Ахмедовски за 12 месеци потрошил речиси приближно исто, односно илјада евра помалку од Ќахил.

Министрите без ресор беа употребувани како амортизација за задоволување на барањата на помалите партии во Владата, вели аналитичарот Сефер Селими од Демокраси лаб.

„Укинувањето на овие министри нема да значи ништо во смисла на подобрување ниту пак во смисла на дополнителен негативен ефект во квалитетот на владеењето. Македонија и така има голема влада и без министрите без ресор, а од друга страна е очајна за добро владеење“, вели Селими.

Македонија со 26 члена имаше најголема влада во соседството. Во 2016 година СДСМ пред да дојде на власт вети намалување на бројот на министри на 20.

„Македонија е убедлив негативен рекордер, 26 министри – и да се два милиона (население н.з.) што не се, на 81.000 луѓе во државата имате по еден министер. Ако ја погледнете Гeрманија на пет милиони луѓе – еден, ако проверите Естонија, еве земји блиски по големина со Македонија – Летонија, Естонија, ќе видите 90, 100, 150 илјади (граѓани на еден министер н.з.). Тоа сметаме дека мора да се промени. Бројот на министри во Владата на СДСМ нема да надмине повеќе од 20 и ќе гледаме тој број да се намалува, а ќе почнеме разговори со сите други партии во парламентот за да го намалиме и бројот на пратеници меѓу 90 и 100, што сметаме дека најмногу ќе одговара на Македонија“, изјави тогаш Радмила Шекеринска, која стана вицепремиер и министер за одбрана.

Но, наместо тоа, бројот на министерства од 15, колку што ги наследи од Владата на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ го зголеми на 16. Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор стана министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, кое е предводено од вицепремиерот Садула Дураки.

9 милиони евра за вработените

Најмногу пари од Буџетот се одвојуваат токму за ова министерство, кое има најмногу вработени, односно 1433 лица, бидејќи на платниот список се и рамковните вработени кои се уште не се распределени во другите институции и кои се уште седат дома. Вкупниот буџет на министерството за 2020 година изнесува 542 милиони денари или речиси 9 милиони евра. Во просек за бруто плати по вработен на годишно ниво се даваат по 5952 евра, а на месечно ниво по 496 евра.

Заев најави дека во првите шест месеци ќе се работи на моделите за намалување на обемот на администрацијата за 20 отсто и дека во првите шест месеци ќе се распоредат и ќе тргнат на работа сите вработени по Рамковен договор.

Во новата Влада остануваат истите 16 министерства и четири вицепремиерски места. Само еден од вицепремиерите Артан Груби ќе биде и министер, задолжен за политички систем и односи меѓу заедниците. Но, Груби ќе биде и прв вицепремиер, односно директен заменик на премиерот. Некои се нови имиња, а некои само го менуваат секторот.

Новите министри, според професорот Никола Дујовски, треба да се опкружат со сериозни тимови на професионалци.

„Потребни се суштински промени, кадровски промени, затоа што видовме дека тоа што не се промени од 2017 до 2020 беше на раб на сериозна казна од граѓаните. Права работа што треба да направат, според мене, е да променат суштински во човечките ресурси околу себе и да тргнат во имплементација на нови стандарди во работењето. Без тоа веројатно ниту еден од министрите нема да биде успешен, бидејќи еден поединец, нека биде и најдобриот во државата, нема да постигне ништо“, вели Дујовски.

Министри без ресор во секоја Влада од осамостојувањето

Во првата Влада од независноста на земјата во 1991 година на Никола Кљусев имало 15 министерства, четворица министри без ресор и тројца вицепремиери. Од 1994 Владата на Бранко Црвенковски имаше 15 министерства, четири министри без ресор, без вицепремиери. По неа Владата на ВМРО-ДПМНЕ во 1998 година предводена од Љубчо Георгиевски најмногу го зголеми бројот на министерства, на 21 и дополнително по тројца министри без ресор и вицепремиери. Владата на Црвенковски од 2002 година, ги намали министерствата на 14, имаше двајца вицепремиери и еден министер без ресор.

Толку министерства задржа и Владата на Никола Груевски која ја презеде власта во 2006 година, но имаше тројца вицепремиери и тројца министри без ресор. До зголемување дојде во 2011 кога, исто така, Груевски како премиер имаше четворица заменици и исто толку министри без ресор. Нивната бројка скокна далеку над просекот во изминатите Влади во 2014 година. Тогашната Влада на Груевски имаше дури седум министри без ресор, како и Владата по неа, која ја формираше Заев во 2017 година.

Ако не за време на првиот мандат, Владата на СДСМ во вториот мандат го исполни ветувањето дадено пред 4 години и ја намали бројката на министри, а во игра Заев внесе само една целосно нова позиција, неговиот заменик Љупчо Николовски ќе има задача како вицепремиер да се бори со корупцијата во земјата, а нови обврски за прв пат ќе има првиот вицепремиер, односно Артан Груби, кој ќе го менува премиерот на функцијата кога тој нема да биде во државата.