Помош за невработени, енергетски додаток за 30.000 лица и образовен додаток за 17.000 ученици

Затворено училиште поради коронавирусот

Со вториот пакет мерки на Владата насочени кон надминување и ублажување на последиците од здравствено-економската криза, покрај заштита на работните места, една од клучните мерки е и паричната помош на лицата и семејствата на кои таа им е потребна, изјави денеска заменик министерот за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар на заедничката прес-конференција во Владата со дополнителната заменик министерка Санела Шкријељ.

„Конкретно на лицата кои останеле без работа или биле дел од неформалната економија им овозможуваме брз влез во системот на социјална заштита преку остварување на правото на минимална гарантирана помош. За да ја добијат оваа помош материјалната необезбедност на лицата ќе се утврдува врз основа на вкупната просечна висина на сите приходи на сите членови на домаќинството, по сите основи сметано од последниот месец наместо досегашните три месеци“, рече заменик министерот Бајрактар.

Тој информираше дека мерката ќе трае два месеца - април и мај.

„Предвидовме уште една мерка за поддршка на постоечките корисници на системот за социјална заштита, со која околу 30.000 лица ќе добијат износ од по 1.000 денари енергетски додаток за април и мај“, истакна Бајрактар.

Владата донесе и Уредба со која условот за потврда за редовност за исплата на образовниот додаток за трет и четврти мерен период од учебната 2019/2020, претсанува да важи, што значи дека ова право ќе продолжи да важи и да се исплаќа без разлика што не се одржува редовна настава.

„Ова значи дека околу 17.000 семејства со деца, односно 17.000 деца ќе го добијат ова право на образовен додаток кое изнесува 700 денари по дете во основно училиште и 1.000 во средно“, објасни Шкријељ.