Минималната плата повлече „нога“ за серија протести. Неодамнешната одлука за зголемување на минималната плата на 18.000 денари предизвика незадоволство кај работниците кои не се дел од приватниот сектор, каде покачувањето стана задолжителна обврска.
Серијата штрајкови, не само во јавниот сектор туку и меѓу приватниците, ги започнаа матичните лекари на Денот на здравјето кои пред Министерството за здравство побараа решение на „наталожените проблеми“ во здравството, а до средината на месецов за повисоки плати ќе штрајкуваат и работниците во судската администрација, образованието, поштите...
Од поденелник на 11 април училиштата запираат со настава, градинките нема да згрижуваат деца. Судската администрација од вчера започна со предупредувачки штрајк и не работи од 10 до 12 часот, додека за 14 април вработените во Македонски пошти најавија генерален штрајк.
Со тоа, прекин на работата ќе има во сите министерства, во судовите, агенциите, фондовите и управите. Синдикатот на УПОЗ образложи дека проблемот е поради тоа што во 95 проценти од институциите, вработените добиваат плата под минималната, а дека во останатите 5 проценти дел од институциите не ја подготвувале платата, а дел што веќе ја исплатиле, правеле грешки и исплаќале само минимална плата без стаж. Преговорите меѓу СОНК и Владата продолжуваат, но засега нема договор.
Пари за покачувања - зголемени даноци или долг со камата?
Без сомнение барањата на работниците се основани со оглед на актуелното драстично покачувањето на цените, но тоа не значи дека државата е подготвена да одговори на сите овие барања, смета економскиот аналитичар Арбен Халили.
Тој вели дека државата и синдикатите мора да најдат решение за покачување на платите, но од друга страна посочува дека за вработените во администрацијата да може да бидат соодветно платени, државата мора да имплементира и конкретна стратегија со која задолжително ќе биде намален вкупниот број на вработени во јавната администрација.
„Не може една општина која пред 10-15 година имала 70 вработени сега да има 500 вработени, а вкупниот број на жители во таа општина драстично да биде намален. Иста е сликата и во државната администрација“, вели Халили.
Околу 500 милиони евра годишно државата троши за плати и надоместоци во јавниот сектор, според Буџетот од 2021 година. Но, кои се опциите средства да бидат обезбедени во случај да биде договорено зголемувањето на платите.
Халили вели дека тоа не смее да биде на грбот на приватниот сектор. Според него, првата опција е пари да се обезбедат со зголемување на даноците за што вели дека повторно ќе плаќа приватниот сектор и со тоа ќе се оптовари стопанството.
„Втората опција, која најверојатно ќе се случи, е да се позајмат средства од странство и како што досега беше случај старите долгови да се плаќаат со нови, така и сега државните плати ќе се плаќаат со нов долг, а знаеме дека тој долг е со камата и повторно ќе траба да ја платиме ние граѓаните“, вели Халили.
Кои се барањата?
Матичните лекари сметаат дека здравствените власти не покажале слух по последните два протести кога го запреа работењето на системот „Мој термин“. Тие велат дека се во тешка ситуација по низата покачувања на цените на производите и енергенсите и бараат покачување на капитциониот бод, укинување на казните за препишување лекови по истечен извештај од специјалист и менување на правилниците за работа со кои ќе се внимава на достоинството на пациентите и на лекарите, како што соопштија преставниците на Здружението на приватните лекари.
Видете и ова: Владата е за дијалог со СОНК кој бара поголеми плати и се заканува со штрајкСудската администрација тврди дека 95 отсто од службениците не ја добиле зголемената минимална плата од 18.000 денари, а дека останатите или не добиле плата или имаат направено грешки во сумата.
Во образованието, вработените се незадоволни и бараат покачување од 18,5 отсто и според таквата пресметка платата на наставниците да биде до 43.000 денари.
Вработените во поштите бараат покачување од 3.000 денари, но велат дека се загрижени за иднината и работните места на 2.200 работници.
Матичните лекари бараат покачување на капитциониот бод, укинување на казните за препишување лекови по истечен извештај од специјалист и менување на правилниците за работа.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Опозицијата бараше скалесто зголемување на сите останати плати
Со 90 гласа „за“, без ниту еден „воздржан“ или „против“ Собранието пред 40-ина дена ги изгласа измените на Законот за минимална плата од 18 илјади денари.
За пратениците од владејачкото мнозинство со ова законско решение ќе се подобри животниот стандард на околу 80 000 работници кои земаат минимална плата, а како што оценија, добро е и тоа што е променета методологијата за годишното усогласување и што минималната плата нема да може да биде пониска од 57 отсто од просечната плата.
Пратениците од опозицијата, пак, изразија жалење што не е прифатен нивниот амандман за скалесто зголемување на сите останати плати бидејќи инфлацијата, како што рекоа, влијае на животниот стандард на сите работници.