Стотици километри поминуваат болните од рак што живеаат во внатрешноста на земјата за да добијат радиотерапија која помага во лекувањето на малигните заболувања. Децениските ветувања на политичарите дека болните од рак ќе може да ја добијат таа терапија во Битола или Штип сѐ уште не се исполнети.
Апаратите за потребната терапија вредни милиони евра, се набавени пред повеќе години и сѐ уште неупотребени фаќаат прашина во магацините. Станува збор за линеарни акцелератори кои зрачат високоенергетски зраци, со чија помош локално се уништуваат туморските клетки или во најмала рака го стопираат нивниот раст и развој.
Еден од набавените линеарни акцелератори наменет за штипската болница, со години стои во магацин, бидејќи за него не е изграден соодветен бункер.
Од друга страна, линеарниот акцелератор кој бил наменет за Битола е поставен, но две години не е пуштен во употреба. За старт на неговата употреба и натаму се чека да биде обучен кадар за да работи со него, односно медицински лица допрва посетуваат обуки.
Битолчанката Вера Огненовска четири години се бори со малигно заболување. Со полни 70 години и метастази во коските, таа еднаш во три месеци прима хемотерапија во Скопје, а два месеци по ред прима цитостатици во Битола.
Дел од нејзината терапија е зрачење со акцелератор поради што таа треба да лежи во Онколошката клиника во Скопје, но во услови на ковид пандемијата таа се обидува да ги намали патуваања.
„Зрачната терапија ја примив во Скопје, затоа што во Битола нема, не работи апаратот и пациент сум во Скопје. Останав таму за да ја примам зрачната терапија после операцијата“, вели Огненовска.
Иако вели дека е задоволна од државната Клиника за онкологија во Скопје во однос на приемот и професионалноста на лекарите, таа наведува дека треба редовно да доаѓа во Скопје за да си најде чаре за нејзината мака.
Камен темелник за втор онколошки центар во времето на Тодоров
Поранешниот министер за здравство Никола Тодоров пред речиси осум години најави дека Битола ќе стане втор онолошки центар во земјава.
Тој тоа го направи во битолската болница со поставување на камен темелник за бункер за линеарениот акцелератор – апарат за зрачна радио терапија за пациенти кои се борат со малигни заболувања.
Тодоров рече дека дотогаш во Македонија имало само два акцелератори поставени во главниот град Скопје и дека често пати се случувало еден да откаже, бидејќи машините постојано работеле над нивните можности.
„На овој начин, освен што граѓаните од овој регион ќе добијат подобра услуга, подобра услуга ќе добијат и оние во Скопје, бидејќи сега таму ќе се намали бројот на тие кои имаат потреба од таа услуга, а ќе се подобри квалитетот на услугата“, изјави Тодоров.
Но, тоа ветување не е исполнето и по изминати осум години од поставените камен темелници за букерот. Пациентите се жалат дека работите на терен со години се поинакви од она што го кажуваат политичарите, особено во битолската клиника.
Или нема цитостатици, или нема апарат, а кога има апарат нема кој да работи со него, велат битолските пациенти со малигни заболувања.
„Има апарат за зрачна терапија, ама нема кој да го работи во Битола. Има посебна просторија, апаратот ни стигна пред две години, ама немаат специјалист во болницата кој да работи на апаратот“ вели млад пациент заболен од рак кој за терапија патува до Скопје.
Ваквите тврдења на пациентите кои се соочуваат со оваа тешка болест, укажуваат на тоа дека македонското здравство не обезбедува услови за секој поединец да може да го оствари своето право на пристап до здравствените услуги потребни за неговото здравје, како што е предвидено во Европската повелба за заштита на правата на пациентите.
„Здравствената заштита мора да гарантира еднаков пристап за сите, без дискриминација врз основа на финансиската состојба, местото на живеење, видот на болеста или времето потребно за пристап до здравствената заштита“, се вели во Повелбата.
За време на мандатот на поранешниот министер за здравство Никола Тодоров беа набавени четири линеарни акцелератори. Еден за градската болница „8 Септември, кој свечено беше пуштен во употреба во 2019 година, четири години откако беше купен. Вториот беше наменет за државната клиника за онкологија и беше поставен во 2015 година, две години по неговата набавка.
Битолскиот акцелератор: Има апарат и бункер, нема кадар
Другите два линеарни акелератори наменети за Битола и Штип сѐ уште не се ставени во функција. Од Министерството за здравство велат дека нивната вредност изнесува 3,2 милиони евра.
Дополнително, изградбата на битолскиот бункер каде што е инсталиран акцелераторот изнесува 761 илјада евра, според податоците од Бирото за јавни набавки.
Договорот за изградба првично бил склучен со фирмата „Мак Стој Борис“ уште во 2013 година со рок на изградба 6 месеци кој неколкукратно бил пробиен.
Државниот ревизор утврдил дека градежните активности за бункерот во битолската клиника требало да почнат во февруари 2013 година и дека со анекс договор тој рок првично бил продолжен до ноември 2014 година.
Инсталацијата во бункерот во битолската болница била спроведена пред две години, што значи дека и изградбата на бункерот завршила пред најмалку две години, односно дури четири години подоцна од предвидениот рок.
Битолскиот апарат за радиотерпија сега е поставен, но засега нема обучен кадар кој ќе може со него да третира пациенти. Директорката на битолската болница Билјана Гагачовска за РСЕ потврдува дека акцелаторот е инсталиран во болницата, но дека сѐ уште се работи на обука на персоналот.
„Зрачната терапија не е пуштена во употреба, но обуката на персоналот е малку одложена поради пандемијата, поради неможноста на физичко присуство за извршување на обуките. Пред три недели заврши претходната обука“ вели Гагачовска.
Обуката на кадар за употреба на набавените линеарни акцелератори беше најавена уште во 2013 година, кога претходната владејачка гарнитура преку владино соопштение децидно посочи дека веќе е започната обуката на кадарот.
Од Министерството за здравство на нашите прашања одговорија дека тој апарат е безбедно инсталиран и дека се направени сите мерења од страна на стручни лица на производителот.
Во одговорот од институцијата е наведено дека за апаратот да биде пуштен во употреба, потребно е да бидат спроведени четири фази од обуката на персоналот која е неопходна за да управува со него. Оттаму велат дека првата и втората фаза, кои се спроведуваат на лице место, се веќе завршени за што на медицинските лица им се издадени сертификати.
„Третата обука се реализира во странство и оваа фаза беше прекината поради пандемијата со Ковид 19 и ќе продолжи откако ќе се смали ширењето на вирусот, односно истата ќе се спроведе кај производителот. По реализирање на оваа фаза ќе се спроведат активности за ставање во употреба на акцелераторот по што следува четвртата фаза од обуката“ се вели во одговорот од Министерство за здравство.
Гагачовска за РСЕ вели дека апаратот од производителот „Electa“ тип „Precise“ во битолската болница бил испорачан во март 2015 година и дека тој бил инсталиран откако биле отстранети недостатоци во просторот наменет за машината и биле направени подготовки, како што побарал испорачателот на апаратот „Cubis Medical Skopje“ во договор со проектната единица на Министерството за здравство.
„Првичната инсталација на самиот апарат и дозиметарската опрема е инсталирана на крајот на февруари 2018 година“, вели Гагачовска.
Таа додава дека опремата за планирање, како на пример работни станици за „Mozaik“ планирања, конекциски поврзувања, оптички интернет и друго, е инсталирана од јули 2019 година.
„Апаратот е официјално инсталациски завршен и предаден на Министерството за здравство на 30 декември 2019 година. Обуката на персоналот за конкретниот апарат е започната во март 2020 година, но заради пандемијата е прекината. Во јануари 2021 година е извршена уште една обука, а остануваат уште две обуки за „Mozaik“ и „Linak“ системот“, вели Гагачовска.
Зголемени трошоци за лекување во Скопје
Огненовска не е единствена пациентка која патува до Скопје за да си ја добие терапијата која што и е потребна. Од Југозападниот регион околу 1.600 пациенти годишнo имаат потреба од зрачна терапија, а од Битола околу 450 заболени од кацер.
Некои од битолските пациенти со кои разговаравме велат дека ветувањата на политичарите дека ќе можат на раат да се лекуваат во својот град, се далеку од реалност, со што се отвора прашањето дали болните од рак имаат пари и за дополнителните трошоци?
„Секое одење ме чини околу 1.500 денари, пациентите болни од рак плаќаат патарини 380 денари, додека бубрежно болните се ослободени од тој трошок, тука е и бензинот, па и храна, навистина е мачно и скапо за нас“ вели пациент од Битола кој терапијата во битката со малигното заболување ја води во Скопје.
Трошоците се големи и за државата, затоа што пациентите од внатрешноста кои примаат радиотерапија мора да лежат во болница за да не плаќаат кирија во Скопје.
Дека пари на граѓаните и на државата ќе бидат заштедени со пуштање на употреба на линеарниот акцелератор, покажува и сведочењето на жена од битолската околина која пред две години била оперирана од канцер на дојка.
За да добие третман со зрачење, таа морала да биде хоспитализирана во државната онкологија во Скопје, иако тој процес не траел повеќе од неколку минути дневно.
„25 дена седев во скопската онкологија. Си одев за викенд, бегав дома, психички бев растроена, гледав сѐ и сешто таму, морав за викенд да си одам, со такси си одевме за 400 денари. Повеќе луѓе ќе се соберевме и така заедно си одевме. Битола ништо нема, ехо за дојка нема, компјутерска томографија нема, ме праќаат на приватно да си плаќам, ме пуштаат во Прилеп или Ресен за прегледи ако сакам на државно да ги правам“ вели таа.
Секоја година околу седум илјади луѓе заболуваат од рак на ниво на држава, според статистичките податоци. Во Битола годишно од оваа болест заболуваат над 400 граѓани, што значи дека секојдневно се регистрира по најмалку еден нов случај во Битолската клиника.
Секоја недела има по една новозаболена битолчанка од рак на дојка. По ракот на дојка како најчест вид на канцер во земјава е ракот на дебелото црево, грлото на матката кај жените, белите дробори и на простатата кај мажите, покажуваат податоците од невладинините организации од Битола кои се заминаваат со човекови права во здравствената заштита.
Штипјани ќе почекаат
И жителите на Штип уште неколку години ќе почекаат за зрачна терапија, иако апаратот веќе е набавен. За набавка на штипскиот акцелератор, кој стои во магацин, распишан е тендер во 2012 година. Тогаш е склучен и договорот за изградба на бункерот со фирмата „Мак Строј Борис“ во вредност од 861 илјади евра, цена која е за 100.000 евра повисока од онаа изградба на бункер во Битола.
Рокот за испорака на линеарниот акцелератор бил 14 месеци, односно до 2014 година во претходно обезбедени просторни и функционални барања за инсталација и местење на опремата обезбедени од Министерството во согласност со барањата на носителот на набавката, според извештајот на државниот ревизор.
„Опремата во двете болници од страна на носителот на набавката е испорачана во договорениот рок од 14 месеци, но истата поради недовршени градежни активности на бункерите за нивно поставување согласно роковите утврдени во договорите за градба од 31.03. 2014 година е ускладишена во Скопје“, се вели во извештајот за ревизија на успешност за имплементација на набавка на медицинска опрема.
Државниот ревизор во еден од извештаите укажува дека со првиот договор градежните активности за изградба на бункерот во штипската клиника требало да биде изграден за 4 месеци, но со анекс договорот рокот бил пролонгиран до ноември 2014 година.
Тогашниот министер за здравство Никола Тодоров испратил допис до ревизорот посочувајќи дека нивната забелешка за доцнење со изградбата на бункерот не е точна, оти тој е готов и дека акцелераторот ќе биде инсталиран наскоро.
Ревизорот возвратил дека во документите кои ги разгледале во Министерството за здравство немало доказ за такво нешто. Од сегашна перспектива се чини дека ревизорот бил во право, бидејќи бункерот не е направен, ниту е доставен апаратот во болницата во Штип.
Директорот на болницата Ален Георгиев за РСЕ потврди дека апаратот не е пристигнат во штипската клиника, а одговори за процедурата не испрати да бараме во Министерството за здравство.
Оттаму, пак, велат дека бункерот за акцелераторот за Штипската болница е во изградба, а во моментов поради пандемијата со ковид-19 таа е забавена.
„Тендерот за изградба на бункерот во ЈЗУ Клиничка болница Штип од страна на Министерството за здравство беше распишуван во два наврати. И во двата наврати беше еднострано раскинуван договорот поради неисполнување на обврските од страна на избраниот понудувач. За сместувањето на акцелераторите нема дополнителни трошоци“, се вели во одговорот на Министерството за здравство.
Ревизорот во еден од извештаите за работата на Министерството посочува дека договорот за набавката на овие два акцелератори се склучени во декември 2012 година, а дека за гаранцијата за опремата која е во траење од 24 месеци постои опасност оддамна да е истечена, без тие воопшто да почнат да се употребуваат.
Ревизорите наведуваат дека состојбата е таква, бидејќи во договорите не било конкретно наведено од кога почнува да тече гарантниот рок. Дополнително, таа опрема со години седела во магацините на фирмите кои ја доставиле.
Таков проблем постои и со другите два акцелератори кои се набавени и веќе поставени во скопските болници.
И скопските акцелератори со проблеми во доставата
Линеарниот акцелератор наменет за градската болница „8-ми Септември“ стоел три години спакуван во кутии во магацин. Тој беше купен во 2015 година од фирмата „Кубус Медикал“ за речиси 1,9 милиони евра.
Ревизорот утврдил дека увозната цена на овој апарат од марката „Електра Верса“ Ултра ХД во Царина е заведена дека е 1,2 милиони евра. Разликата во која спаѓа и ДДВ-то и маржата е 645 илјади евра.
Во договорот до кој дојде РСЕ е наведено дека компанијата се обврзува да го чува апаратот само 5 месеци. Изградбата на бункерот за овој акцелератори изнесувала 750 илјади евра, покажуваат податодите од Бирото за јавни набавки.
Според тендерскиот договор, фирмата „Ак Инвест“ Тетово требала да ги заврши градежните работи за седум месеци, односно во мај 2017 година. Министерот за здравство Венко Филипче свечено го пушти во употреба во септември 2019 година.
Иако во договорот до кој дојде РСЕ е наведено дека примопредавањето на опремата ќе се изврши во наведениот рок до 2016 година, во претходно обезбедени просторни и функционални услови за инсталација на опремата.
Но, тендерот за изградба на бункер е склучен еден месец пред да истече рокот за испорака на апаратот.
Во одговорите од Министерство за здравство е наведено дека поради доцнење во изградбата на бункерот, линеарниот акцелератор бил сместен во просториите на фирмата која го набавила и за тоа не биле платени дополнителни трошоци.
„Краткото доцнење се должи на непредвидени работи во изградбата“ се вели во одговорот на Министерството за здравство за причините за доцнењето од повеќе од две години за изградба на бункерот.
Ниту набавката на акцелераторот за Универзитетската клиника за онкологија не поминала без проблеми. Првичниот тендер за изградба на бункерот го доби фирмата „Ламоне Мореда“ во 2011 година, чија вредност заедно со другите тендери за проект, одржување и надзор достина над милион евра.
Нивната задача беше веќе постоечки бункер да го реконструираат и адаптираат –услуга, која во споредба со другите три кои требаше од корен да изградат бункер, е за 300.000 евра поскапа.
Фирмата „Ламоне Мореда“ во јавноста е позната по изградба на објекти и фонтани во контроверзниот проект Скопје 2014, како и по истрагата за проневера на пари при изградба на Албанскиот театар.
Македонското претстваништво на италијанската фирма „Ламоне Мореда“ во 2015 година банкротираше.
Набавката на самиот акцелератор помина со тужби и со поништување на прводоговорената набавка.
Според документите до кои дојде Радио Слободна Европа добитникот на тендерот „Би – Мек“ Доо и „Н.Папдополус“ ЛТД се жалеле дека претходната компанија која го добила тендерот не ги исполнувала условите, по судска постапка и повторна аукција станале добитници на набавката.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Од државата со анекс на договорот наплатиле 2,03 милиони евра. Ревизорот во последниот извештај за завршната сметка на Министерството за здравство посочува дека увозната цена според податоците од Царина изнесувала 1,5 милиони евра, без ДДВ. Дополнително Ревизорот се сомневал и во фаворизирање на компанијата што во крајниот исход го добила тендерот.
„Без да ја спориме одлуката на Министерството за здравство (МЗ) да постапи по одлуките на Комисијата за жалби и Управниот суд, имаме обврска да известиме дека како резултат на нецелосно применетиот закон за јавни набавки од страна на комисијата за жалби и управниот суд, во повторената постапка набавката ја добива токму жалителот со понудената опрема за која не може да утврди дека е со технички подобри карактеристики или со пониска цена од претходно понудената и избрана од страна на исклучениот економски оператор“, се вели во извештајот на Државниот ревизор.
Тодоров во дописот до ревизорот смета дека наводите за фаворизирање на компанија при јавната набавка на акцелераторот е невистината и неоснована.
Според него Министерството за здравство нема ниту еден ограничувачки услов со кој би се фаворизирал или дискриминирал некој економски оператор и еден од проблемите кои ги увиделе при жалбата е дека првоизбраниот економски оператори има несоодветна референтна листа.
Но, ревизоорите во одговорот до Тодоров како доказ го посочуваат мислењето на Клиниката за онкологија во кое се посочува дека токму акцелераторот од прво избраниот, подоцна елиминиран оператор, е соодветен и компатибилен со нивните барања.
Репарирана или нова опрема?
Ревизорите освен што во извештаите изразуваат сомнеж за гарантниот рок од 24 месеци, тие го отвораат и прашањето дали е набавена нова или репарирана и стара опрема, бидејжи како што наведуваат, никаде во договорите не е наведено дека таа мора да биде новопроизведена.
Тодоров ова го спори со ставот дека во самиот наслов на проектот е наведено дека станува збор за набавка на нова медицинска опрема за потребите на ЈЗУ Градска болница „8-ми Септември“ и ЈЗУ Универзитеска клиника за онкологија и радиотерапија – линеарен акцеларатор“ како и тоа дека била спакувана при предавањето.
Во однос на гарантниот рок, тој посочува дека се брои од денот кога ќе биде инсталирана опремата. Според него опремата е нова и претходно неупотребувана, како и дека гарантниот период започнува од инсталација на опремата а не од испораката.
На ваквото тврдење ревизорите возвратиле дека во склучените договори не е наведена обврска опремата да биде новопроизведена.
„Од актите на примопредавањето на опремата не постои доказ дека е утврдена состојбата на опремата во овој поглед што би требало да биде направено имајќи ја предвид висината на износот платен за набавката.Насловот на тендерската документација и актот на примопредавањето го имавме предвид при вршење на ревизијата и истиот е соодветено обелоденет во самиот извештајот од извршената ревизија“ се вели во одговорот на забелешките на Тодоров од ревизорот.
Според ревизорот вина имаат сите министри за здравство
РСЕ побара одговор од Министерството за здравство на прашањето колку и каква опрема набавена од претходната власт седи, во магацини? Оттаму ни одговорија дека институцијата активно работи на решавање на тој проблем.
„Со оглед на тоа што се направени набавки без конкретен проект, Министерството за здравство е во процедура за обезбедувње на услови и започнување на процедура за јавна набавка за инсталација на опремата што може да се користи“ се вели во писмениот одговор од Министерството за здравство.
Во последниот извештај на спроведена ревизија во 2018 година е наведено дека во декември 2017 година, кога на функција беше заменикот министер за здравство Гоце Чакаровски, не бил правилно спроведен пописот на инвентар при што не било ни утврдено колку од набавената опрема стои во складиштата и магацините наместо да биде пуштена и инсталирана за употреба.
„Воено пописната комисија не забележала ни во која вредност е опремата која е набавена, ниту пак нејзините спецификации за да може да се провери дали таа воопшто постои и каде е сместена. Поради тоа е утврдена и разлика меѓу материјалната и финансиската евиденција во вредност од 25 милиони евра“ се вели во извештајот за ревизија за усогласеност за 2017 година на Министерството за здравство, што Државниот завод за ревизија го објави во мај 2019 година.
Во него како проблематична набавка се спомнува и купувањето на КТ стимулатор за радио терапија „Ге Дисковери“ кој според увозната цена чини 250 илјади евра, но со договорената цена по која била наведена во конечните фактури изнесува двојно повеќе односно 530 илјади евра.
Државниот ревизор во тој извештај посочил дека за затекнатата состојба вина имаат сите досегашни министри за здравство, од Никола Тодоров, до Арбен Таравари, па неговиот заменик Гоце Чакаровски и актуелниот Венко Филипче.
Државниот ревизор му препорачува на Министерството за здравство во иднина да обрати посебно внимание на квалитетот на изработката на идејниот и основниот проект, како и на квалитетот на ревизијата на овие два проекти а со цел да овозможи што е можно пониско ниво на дополнителни и непредвидени работи.
Истовремено е потребно и да се предвидат и реални рокови за завршување на градбите во согласност со обемот на предвидените работи.
Еден од последните објавени податоци за попис на набавената медицинска опрема, покажува дека во април 2015 година вкупно 199 медицински апарати во 74 јавни здравствени установи добиле епитет „нефункционални“. Тогашното Министерство за здравство пратило информација до Владата за состојбата со опремата низ болниците.
Минатогодишно новинарско истражување на „Скуп“ покажува дека за 37 апарати е финансиски неисплатливо да се сервисираат, дека 17 воопшто не можеле да се сервисираат; 21 апарат биле ставени во расход; за 39 бил во тек сервис, 64 биле ставени за функција, а уште 21 требало да се распише јавна набавка од Министерството за здравство. Повеќе од третина од нив се набавени во 2010, 2011, 2012 и 2013 година.