Цените за приватно тестирање за ковид 19 годинава од 1500 денари во март порасна до 5500 денари, па кон крајот на летото почнаа да се намалуваат за сега предноводишно цената да изнесува од 2600 во некои лабаратории до 2900 во одредени приватни клиники.
Пристап до приватните клиники и лабаратории имаа жителите на Скопје и жителите на поголемите градови, како и оние блиску до Скопје, кои проблемот со недостаток на лабараториски капацитет за масовно тестирање за коронавирусот го решија со правење на тестови на приватно. Останатите мораа да чекаат „Мој термин“ за да може да проверат дали се носители на вирусот -19 или не.
Половина од 394 329 колку што изнесува вкупниот број на направени ПСР тестови во земјава се изведени во државни институции покажуваат податоците од Институтот за јавно здравје.
Од друга страна, пак, речиси половина се направени во приватни клиники и лабаратории. Вкупно 178 987 граѓани не сакале да чекаат „Мој термин “ и се тестирале приватно за што ако се земе просечна цена од 3000 денари за тест потрошиле 8 731 073 евра од својот џеб.
Реално оваа цена е поголема затоа што во одредени клиники тестирањето изнесува 4, 5 па и 6 илјади денари, а дополнително поради службени патувања многумина прават и приватно тестови во државните институции по што расте и вкупната сума.
Државните тестови ако сакате да ги направите на своја сметка, без да чекате „мој термин“ изнесуваат 1850 денари. Според последното соопштение од Фондот за здравство референтната цена на ПСР тестот изнесува 1500 денари. Тоа значи дека за тестирање на државно биле потрошени 4 701 780 евра. Во оваа цена не влегуваат и рапид тестовите чија вкупна бројка изнесува 22 560 од кои 13 илјади беа донација. Дел од нив, односно 4 илјади тестови Здравствениот дом Скопје кој во октомври ги набавил на тендер платил 34.146 евра односно за еден тест биле наплатени по 525 денари со ДДВ или 8 и пол евра . Брзите тестови беа достапни и во приватните клиники и лабаратории за кои граѓаните приватно плаќаа околу 1200 денари.
Според последните податоци објавени на Институтот за јавно здравје, лидер во изработката на тестови за корона вирусот е приватната лабараторија Авицена каде што од почетокот на пандемијата до сега се направени 47 илјади тестови. Второто место го има приватната клиника Жан Митрев со направени 42 илјади тестови за ковид-19. По нив на трето место е приватната лабараторија Биотек со направени 37 750 тестови додека веднаш зад неа е приватната клиника Систина со напревени 37 502 тестови за ковид -19. Од приватните клиники во државава најмалку ПСР тестови направила Ремедика, вкупно 1200.
Во државниот сектор најмногу ПСР тестови направиле од Институтот за јавно здравје, вкупно 138 669. На второ место е лабараторијата во МАНУ каде се направени речиси 30 илјади тестови. Третото место го зазема битолскиот центар за јавно здравје каде се направени 10 илјади тестови, додека скопскиот центар за јавно здравје е веднаш зад него со направени над 9 ПСР тестови. Најмалку ПСР тестови се направени на УК за Пулмологија со алергологија, вкупно 70 ПСР тестови.
Во периодот од 21 до 27 декември регистрирани сe 3372 новозаразени со коринавирус, 129 смртни случаи и 4500 оздравени лица, информираше Министерството за здравство, објавувајќи го неделниот ковид извештај на Институтот за јавно здравје . Бројот на починати и на заразени со коронавирус во изминатата недела бележи намалување, како и бројот на тестирања, покажува неделниот извештај.Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 82301, бројката на оздравени пациенти е 60256, на починати е 2473, а бројот на активни случаи изнесува 19572.